Се засилува кампањата за и против референдумот

Во пресрет на есенскиот референдум за Договорот со Грција се засилува кампањата во Македонија за и против плебисцитарното изјаснување, како и ангажманот на меѓународната јавност која е едногласна во поддршката.

Групата „Охрид“, неформална група што ја сочинуваат актуелни и поранешни политичари и високи меѓународни претставници, која беше формирана во април годинава за поддршка на Република Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ, вчера преку јавно обраќање ги повика граѓаните на земјата да кажат „да“ за референдумот.

– На 30 септември ќе имате можност да направите историски избор. Дали сакате да го отворите патот за членство на вашата земја во НАТО и во ЕУ со поддршка на договорот со Грција? Ние, Групата „Охрид“, ве повикуваме да кажете „Да”, стои во обраќањето.

Во текстот, меѓу другото се посочува дека членството во НАТО нуди сигурносна гаранција, а во ЕУ ќе донесе економски раст, инвестиции, работни места и пристап до европски програми кои ќе го подобрат животот на граѓаните.

– Со членството во двете организации, вие ќе бидете дел од западноевропското семејство на нациите, кои се насочени кон иднината, и тоа е она што навистина е важно за луѓето, а не старите битки и ривалства, кои припаѓаат на историјата. Вашата и грчката Влада преговараа како вистински демократски влади кои имаат длабока почит кон човековите права, владеењето на правото, слободата на медиумите и останатите основни европски вредности. Ова се вредностите што треба да ги поддржувате кога ќе се изјаснувате на 30 септември, вредности кои се основа на ЕУ и НАТО, се наведува во обраќањето.

Поддршка за Договорот изрази и политичкиот аналитичар и поранешниот член на Меѓународната кризна група, Едвард Џозеф кој смета дека Договорот од Преспа заслужува Нобелoва награда, бидејќи создаде нов модел за решавање на меѓународни спорови поврзани со идентитетските прашања.

Џозеф кој е професор на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, вчера појаснувајќи го ваквиот став истакнува дека не станува збор за смешно прашање како што некои го карактеризираа, туку дека е „потребен кураж за да се направи компромис”. Според него, фактот што критиките се исти и од двете страни, „јасно покажува дека постои праведен компромис”.

– Оној што е резервиран треба да го прочита самиот договор и да утврди дека се направени напори да се одржи почитувањето на историскиот приказ на секоја земја. И така имаме едно прашање кое всушност, остана отворено за речиси 100 години бидејќи коренот е уште од времето на Балканските војни, да се затвори еднаш и засекогаш, објаснува професорот во интервјуто, пренесе МИА.

Во меѓувреме, беше потврдено дека австрискиот канцелар Себастијан Курц, чија земја во моментов претседава со ЕУ, на 7 септември ќе ја посети Македонија, на три недели пред закажаниот референдум за промена на името. Тој уште при последната посета на македонскиот премиер Зоран Заев на Виена, на крајот на јуни, упати апел до граѓаните на Македонија на референдумот да гласаат за новото име „Северна Македонија˝.

Посетата на Курц во Македонија е на покана на премиерот Заев, кој пред референдумот има покането и неколку други европски лидери.

Бојкот на референдумот, пак, најавија триесетина организации кои за таа цел потпишаа Меморандум за стратешка соработка. Тие формираа т.н Кризен штаб за кампањата, кој ќе го предводи Јанко Бачев од вонпарламентарната Единствена Македонија.

Во кампањата се вклучија Христијанско братство, Македониум, Аманет 1903, Трета партија на Македонците, Тврдокорните, ВМРО-ДПМНЕ-Демократска фракција и други партии и невладини организации. Ќе ја водат под слоганот „Македонија бојкотира“, а најавија дека ќе ја спроведуваат од врата на врата за да ги убедат луѓето да не излегуваат на референдум.

Kампања против референдумот се одвива и на социјалните мрежи под хаштагот „Бојкотирам“.

Според  Правилникот за подготовка, организирање и спроведување на претстојниот референдум донесен од Државната изборна комисија, надлежен за водење на јавната пропаганда е Собранието на Република Македонија како овластен предлагач на референдумот.  Официјално јавната пропаганда стартуваше на 30 јули.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *