Се договара соработка со Мајкрософт

Финишираме план за соработка со една од најмоќните глобални ИТ компании во светот, истакна премиерот Зоран Заев на денешната средба во Скопје со делегацијата на компанијата Мајкрософт што ја предводеше Филип Рог, претседател на компанијата за Централна и Источна Европа.

На средбата, информираат од владината прес-служба беше разговарано за финиширање на подготовките кои треба да се преточат во договор за соработка на Владата на Република Македонија со Мајкрософт, кои беа започнати во Давос оваа година.

Премиерот Заев информираше на средбата дека Владата е особено заинтересирана за целосна дигитализација на јавната администрација, како една од целите на Стратегијата за информатичка и компјутерска тегнологија, која за приоритет има побрзи и поквалитетни услуги за граѓаните.

Во разговорот беше истакнато дека воведувањето на модерна и технолошки напредна инфраструктура, со соодветно обучена администрација и пријателски дигитални услуги се предност и кога станува збор за привлекување на директни странски инвестиции, како и за приватните компании во земјата, на кои ќе им биде максимално олеснета комуникацијата и извршувањето на работите на инвеститорите низ дигитализираните процедури.

Посебно внимание на денешната средба беше посветена на темата сајбер безбедност, и на можностите што Мајкрософт може да ги понуди на овој план, за да се обезбедат владините комуникации и за да се реагира на сајбер нападите брзо, одговорно и ефикасно, како и за потребата од компатибилност на безбедносните системи и протоколи со оние на НАТО и на ЕУ.

Во разговорот Заев истакна дека од идната соработка со Мајкрософт очекува и дигитални решенија и напредна технологија, апликативна во образованието за да им се овозможи на младите да се стекнат со знаења и вештини во дигиталната технологија која ќе ги направи конкурентни на пазарот.

Од компанијата Мајкрософт потенцираа дека тие се запознаени и со внимание ја следат имплементацијата на владините програми за поддршка на ИТ компаниите и секторот и дека се подготвени да земат учество во поддршка на стартап компаниите и акацелераторите во бизнисот со информатичка технологија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *