Социјалистичката интернационала го поздрави договорот меѓу Македонија и Грција

Социјалистичката интернационала го поздрави договорот меѓу Македонија и Грција и смета дека претставува одлична можност за изградба на безбедна и мирна иднина за сите во регионот, што не треба да се пропушти.

– Мирното решавање на разликите, преку взаемно прифатливи решенија, е единствениот начин ако сакаме стабилност, безбедност, владеење на правото и одржлив развој во балканскиот регион, се вели во соопштението на Социјалистичка интернационала, која обединува политичките партии на социјалистите, социјалдемократите и лабуристите од целиот свет.

Социјалистичката интернационала потсетува на духот и принципите на агендата за Западен Балкан, што беше одобрена од Европскиот совет во Солун во 2003 година, во која беше наведен патоказот за членство на земјите од регионот кога ќе ги исполнат потребните критериуми.

– Партиите од социјалистичкото семејство се посветени на мирот и соработката меѓу народите и земјите на Балканот. Се спротивставуваме на секоја екстремно десничарска и демагошка сила која се обидува да да ги уназадат демократските придобивки  во плуралистичките општества. Се спротивставуваме на нивната авторитарна реторика и пракса, која ги загрозува основните демократски гаранции, права и слобода на изразување на граѓаните. Се спротивставуваме на секоја поделба од страна на овие сили, со екстремен национализам, ксенофобија и нетолеранција, се наведува во соопштението на Социјалистичката интернационала по повод договорот за името меѓу Македонија и Грција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *