Бошњаковски: Владата може да назначува национални координатори во областите во кои работи

Позицијата национален координатор постои и една од можностите кои ги има Владата е да назначува ваков вид функционери во областите во кои работи.

Ова го истакна денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, одговорајаќи на новинарско прашање да даде коментар за последните назначувања на национални кооординатори за здравство и за култура.

На позицијата национален координатор за здравство вчера Владата на седница го назначи Гоце Чакаровски, кој беше заменик-министер за здравство, а претходно за национален координатор за култура беше назначен Роберт Алаѓозовски, откако беше сменет од функцијата министер за култура.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дека по смената од заменичко-министерската, односно министерската функција на Чакаровски и Алаѓозовски всушност во јавноста се создал впечаток дека Владата „некаде ги сместила“, Бошњаковски нагласи дека оваа функција постои и не е нова, а Владата има право да именува такви функционери во сите области во кои работи.

– Националниот координатор како функција постои. Тоа е дел од можностите кои ги има Владата да назначува функционери, во конкретниот случај национален координатор во областа на културата и национален координатор во областа на здравството. Тоа мора да се донесе со одлука на Влада, не се работи за нови функции, а Владата има можност да назначи национални координатори за различни аспекти од нејзиното работење, вклучувајќи ги и различните области кои ги обавуваат ресорните министерства, рече владиниот портпарол.

Тој додаде дека не се работи за препокривање на работите кои ги имаат ресорните министерства, туку за повисоко издигнување на координацијата, која постои во одредена област.

– И претходната влада имала национални координатори и сите претходни влади имале национални координатори, рече Бошњаковски.

Во врска со висината на платите кои ги земаат рече дека не може прецизно да каже, но напомена дека е нешто под нивото на министерските плати.

Владата во моментот има четири национални координатори, според објавеното на нејзината веб страница, а со новите двајцата нивната бројка достигнува шест.

Национален координатор за гранично управување е Владимир Пивоваров. Тој има и заменик, Бајрам Берат.

Стево Пендаровски е национален координатор за подготовка на Република Македонија за членство во НАТО, Павле Трајанов е национален координатор за имплементација на национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија.

Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам е  Борче Петревски. Тој има двајца заменици  – еден за спречување на насилен екстремизам,  Џеладин Ајвази и еден за борба против тероризам, Златко Апостолоски.

Бошњаковски на денешната прес-конференција беше прашан и за валидноста на вториот докторат на генералниот секретар на Владата, Драги Рашкоски.

– Генералниот секретар на Владата, Драги Рашкоски има одбранет докторат, поднесен докторат и тој има завршен докторат. Вториот докторат исто така му е завршен. Генералниот секретар е именуван функционер во Владата и не постојат погрешни инфромации на вебот, додаде Бошњаковски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *