ДАЛИ ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА БИЛА УКИНАТА, ИЛИ И’ БИЛО ЗАБРАНЕТО НЕЈЗИНОТО ВЕРСКО РАБОТЕЊЕ?

Кога се пишува за Македонската православна црква, се наметнува прашањето за  укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година. Со сет респект на историските податоци, меѓутоа, во овој текст ќе направиме разлика меќу термините „забрана“ и „укинување“ на Охридската архиепископија преку документите од Истанбулскиот архив на Мустафа Берекетли 

Според историските документи, во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална архиепископија, во достоинство на патријаршија, а подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постои цели осум века, сè до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.

Во историските податоци на почитуваниот Повардарски митрополит Агатангел, пак, во текстот под наслов „Неканонското укинување на Охридската архиепископија од страна на турскиот султан“, објавен во „Македонска нација“ на 04 декември 2019 година, меѓу другото се вели:

„Цариградската патријаршија лукаво ја искористила немаштијата и немоќта на Македонската православна црква и настојувала пред Високата Порта да докаже дека единствено таа може да ги врати долговите на Охридската архиепископија, доколку оваа биде укината и приклучена кон неа. Дури успеала да постави и свој човек, Ананиј, на чело на Македонската православна црква. Но, македонските епископи, со цел да ја сочуваат автокефалноста на Архиепископијата, не го прифатиле Ананиј и на негово место, на својот редовен архијерејски собор за архиепископ го избрале Пелагонискиот митрополит Арсениј, Македонец, што ќе биде и последен македонски архиепископ до укинувањето на Архиепископијата со султанското иреде“.

Во таквите услови, прилики и неприлики, Арсениј под притисок на турската власт, дал писмена оставка на 17 мај 1767 година. Со неговата оставка е укината Охридската архиепископија – Македонската православна црква. Тогашниот патријарх Самоил со помош на влијателни Грци и Турци издејствувал „Султанско иреде“, со кое била укината Охридската архиепископија (Македонската православна црква), а нејзините епархии се присоединиле кон Цариградската патријаршија. „Султанското иреде“ забранувало да се примат какви и да е жалби против укинувањето на Архиепископијата, а со тоа биле оневозможени протестите од секој вид. На крајот демонската лукавост и алчност на Грците победила, со што на православието воопшто му бил нанесен тежок пораз, со несогледливи последици во вековите што претстојат.

Во следниот период односите се’ повеќе се заострувале. Цариградската патријаршија постојано вршела притисок врз Охридската Архиепископија настојувајќи да ја има целосната контрола над неа. Со поставувањето на Цариградски патријарх во Костурската, Струмичката и други македонски епархии, односите уште повеќе се заостриле. На охридскиот престол бил поставен прогрчки архиепископ. По неговото протерување на престолот дошол митрополитот Арсениј. Со разни интриги, Цариградската патријаршија извршила голем притисок врз Охридската архиепископија, па таа во 1767 годинна на 16 јануари, била укината. Митрополитот Арсениј бил принуден да потпише „доброволна“ оставка, е забележано во аналите на Охридската архиепископија.

Големата невистина се состои во тоа дека со толку спомнуваното „Султанското иреде“  турската Порта, додека отоманска Турција била  во Македонија, не извршила укинување – како што тоа некои упорно го тврдат – туку само го забранила административното работење на Охридската архиепископија, апсолутно не забранувајќи го нејзиното верско работење со македонската паства.

Сите дотогаш постојни цркви и манастири продолжиле слободно да си ја вршат својата функција без никакви притисоци од турските власти. Доказ за тоа е и изградбата на повеќе од 90 отсто од македонските цркви, по воведувањето на т.н. „Султанското иреде“.

Меѓутоа, православните цркви на Србија, Русија, Бугарија и Грција, а со нив и Цариградската патријаршија, упорно го лажеле и сè уште го лажат македонскиот народ дека Македонската православна црква не може да биде автокефална поради тоа што во XVIII век турската Порта ја укинала!?

Значи уште тогаш – на почетокот од третата третина од XIX век, Охридската архиепископија – покрај нејзиното верско работење, кое никогаш не й било забрането, повторно слободно можела да ги врши и административните работи на македонската територија! Така, необично многу е чудно, што Македонската црква продолжила да се чувствува како неавтокефална, иако за тоа немало веќе никакви причини!

Од друга страна, пак, според професорот по воена историја Ванче Стојчев: во 1870 година Турскиот султан донел ИРАДЕ за враќање на Автокефалноста на Охридската архиепископија, но овој документ бил стопиран под притисок на Руската црква.

Со сет респект на историските податоци во врска со укинувањето на Охридската архиепископија (Македонската православна црква). Меѓутоа, според господинот Мустафа Берекетли, македонски Турчин кој беше роден во Македонија, во Велес, каде ги поминал детските денови и неколку години учел во македонско училиште, вистината е поинаква. Имено, според него кога отоманска Турција била  во Македонија, не извршила укинување – како што тоа некои упорно го тврдат – туку само го забранила административното работење на Охридската архиепископија, притоа не забранувајќи го нејзиното верско работење со македонската паства. Затоа, тој прави разлика меќу термините „укинување“ и „забрана“. Тоа го потврдува со повеќе значајни документи за македонската историја кои ги нашол во Истанбулскиот архив.

Мустафа Берекетли беше истражувач, публицист и советник во Општината Адалар во Истанбул и беше докажан пријател на Македонија Тој во својата душа постојано го носеше родниот град Велес: го посетуваше, остваруваше контакти и се бореше за иднината на градот како најдобар велешанец при што направи Велес да се збратими со Општината Адалар. Исто така, Мустафа  Берекетли беше еден од главните организатори на големиот научен симпозиум посветен на Фети Окијар, истакнат политичар, дипломат и најблизок соработник на Кемал Ататурк,  роден во Прилеп. Симпозиумот се одржа на Бујукада, на островите карши Истанбул.

Како човек кој ги познаваше економските, политичките, културните и други врски и различности меѓу Турција и Македонија имаше повеќе интервјуа во информативни гласила, во Македонија, меѓу кои и во весникот „Бирлик“ од Скопје.

Меѓу другото, во весникот „Бирлик“ Мустафа Берекетли го имаше изјавено следното: „Јас го пронајдов ферманот со кој на 14 март 1870 година по налог на султанот Абдул Азис се укинало заедништвото на словенските народи со Цариградската патријаршија. Постои уште постар документ од 1849 година во кој свештеник од велешкото Башино Село му се заблагодарува на султанот Абдул Меџит, кој им дозволил да држат богослужба на свој народен јазик. Му се обратил со зборовите: „Наш цар и татко, вие не спасивте од влијанието на грчката црква, па ние сега кажуваме Библија на наш јазик“.

Според Мустафа Берекетли и документите кои тој ги поседуваше за автокефалноста на Македонската православна црква, се’ започнува или се јавува  како проблем кој произлегува од еден декрет наречен „Султанско ираде“ издаден од Турската Порта во XVIII век, со кој Охридската архиепископија т.е. Mакедонската автокефална црква, наводно, била укината.

Притоа, Берекетли пишува: „Со години православните цркви на Србија, Русија, Бугарија и Грција, а со нив и Цариградската патријаршија, упорно го лажеле и сè уште го лажат македонскиот народ дека Македонската православна црква не може да биде автокефална поради тоа што во XVIII век Турската Порта ја укинала.!?

Големата лага се состои во тоа што со толку спомнуваното „Султанското ираде Турската Порта, додека отоманска Турција била  во Македонија, не извршила укинување – како што тоа некои упорно го тврдат – туку само го забранила административното работење на Охридската архиепископија, апсолутно не забранувајќи го нејзиното верско работење со македонската паства“.

Исто така, господинот Берекетли го запишал и следното: „Речиси сите цркви во Македонија – (освен некои кои биле урнати откако Турција по 1912 година веќе не била присутна на македонска територија, како и сосема мал број изградени по Втората светска војна) се градени со официјални дозволи – локација, дозвола за градба, урбанистичка согласност кои биле издавани и одобрувани од Турската Порта. Ова е непобитен аргумент, дека со „Султанското ираде“  не било извршено укинување на Охридската архиепископија.

Во почетокот на 1836 година, за време од четириесеттина години – Турција извршила радикална трансформација на нејзиното општество завршно со 1872 година, ги укинала сите  претходни теократски хатишерифи – декрети и закони, меѓу кои и одредбата со која била извршена забрана за административно работење на Охридската архиепископија. 

Значи, уште тогаш – на почетокот од третата третина од XIX век, Охридската архиепископија – покрај нејзиното верско работење, кое никогаш не и’ било забрането, повторно слободно можела да ги врши и административните работи на македонска територија“, забележал Мустафа Берекетли, со надеж дека науката ќе ја обелодени вистината за „укинувањето“ или за „забраната“ за верското работење на Охридската архиепископија.

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Дел од историскиот развој на Македонската Православна Црква

За одбележување е тоа што во 2020 година се навршија  55 години од осветувањето на првата македонска православна црква “Свети Климент Охридски“ во Канада, стожерот на најголемиот број активности што Македонците од сите делови на Македонија ги развиваат во Торонто и пошироко и претставува мотив повеќе за изразување на љубовта и почитта кон родната земја Македонија

Затоа во историскиот преглед објавен во монографијата „Македонски вознес“ се вели дека Македонската православна црква е еден од важните, ако не и најважен фактор кој игра значајна улога во собирањето на Македонците во земјата и надвор од неа. Затоа, македонскиот народ во неговата долговековна борба за своја сопствена држава, за национална и за културна слобода и независност, во исто време, се бореше и за независност на својата православна црква.

Историјата на македонскиот народ во последниве илјада години секогаш беше тесно врзана со Македонската православна црква, со Охридската архиепископија. Немајќи своја сопствена држава, Македонците добија, во некоја смисла, национална независност за долг временски период, преку Охридската архиепископија.

Црквата беше таа која организираше голем дел од културната, од уметничката дејност на македонскиот народ, пред се преку градење цркви и манастири, чии ѕидови се украсени со фрески и со икони. Црквата беше одговорна за создавањето на традиционал-ното, средновековно македонско сликарство, денес познато низ целиот свет како автентично сликарство на оваа земја. со сите карактеристики на оригинална креативна посебност.

Историјатот на Македонската православна црква се карактеризира со три основни фази: 1. Охридската архиепископија (XI век до 1967); 2. Јурисдикцијата на туѓите цркви во Македонија (1767-1944); и 3. Македонската православна црква (од 1944 до денес).

Првиот период почнува, некаде од VII век кога населението на Македонија беше покрстено. Македонците кои беа населени во централниот дел од огромното Византиско царство. беа поблиску до императорот и до црковниот центар Константинопол (Цариград). Цариградската патријаршија ги затворила светите браќа Кирил и Методиј поради мисионерската работа во Моравија.

Меѓу нивните ученици и следбеници беше свети Климент, кој, по враќањето во Македонија, стана прв словенски епископ со седиште во Охрид (893). Затоа, се смета дека тој е првиот организатор на Словенската Македонска православна црква со локално свештенство.

Официјалната наша православна црковна заедница беше основана кон крајот на X век, кога Самоил беше прогласен за крал на новоформираното кралство, и кога беше основана Охридската патријаршија, на чело со патријарх. Се претпоставува дека на новата црква исе олеснило со благословот на римскиот Папа кој на кралот Самоил му пратил кралска круна.

Како и да ет византискиот император Василие Втори, по падот на Самоиловото царство во 1018, ја симнал Охридската патријаршија на ранг на архиепископија, без да ја укине нејзината автокефалност или да ја намали нејзината слобода.

Охридската Архиепископија останала во рамките на Византиската империја во периодот од XI и XII век. Меѓутоа, на почетокот на XIII ѕек, се случуваат чести политички промени на Балканот.

Неподносливата положба на христијанското население и црквата натера многу охридски архиепископи и епархиски протоереи да одат низ Европа и да собираат милостина за плаќање на долговите на Турците. Западнат во долгови што тешко можеше да ги плати, Архиепископот Охридски дозволи извесно мешање на Цариградската патријаршија во внатрешните работи кои се однесуваа на кандидати за архиепископи и за епархиски протоереи.

8mnОхрид

Конечно, султанот Мустафа Трети ја укина Охридската архиеписколија и ги приклучи нејзините епархии кон Цариградската патријаршија која, за возврат, беше обврзана да ги плати долговите. По повеќе од седум и пол векови автокефален живот, Охридската архиепископија беше незаконски укината од страна на султанот во 1767 година.

Следната фаза на православната црква во Македонија почнува со нејзиното потпаѓање под јурисдикција на Цариградската патријаршија, кое со право се смета за црковно ропство на македонскиот народ, поради фактот што тој ја изгубил не само својата религпозна и економска слобода, туку бил подложен на елинизација, додека ширењето на словенското воспитување и култура биле забранети.

Населението во македонските епархии се сроди со Бугарската егзархија поради словенскиот карактер, иако тежнението за формирање своја сопствена православна црква за обновување на Охридската архиепископија не исчезна. Бугарската Егзархија го ширеше своето влијание во Македонија преку воспитниот систем. Ова предизвика незадоволство кај македонскиот народ кој го подигна својот глас, дури и подалекучујно, во барањето за обновување на Охридската архиепископија како Македонска национална црква.

По Берлинскиот конгрес (1878), Македонија остана под турска власт, која исто така го остави нерешено прашањето за Македонската православна црква. Македонците јасно ја изразија својата желба за формирање своја национална црква во Кресненското востание, т.е. во “Уставот на идната Влада на Македонија”. Сепак, преговорите со Римокатоличката црква (1879) не само што не го решија црковното прашање, туку и го искомплицираа.

Српската национална пропаганда, користејќи го незадоволството на македонскиот народ во постојната ситуација, успеа да организира неколку црковни и образовни совети во градовите и во селата, за време на осумдесеттите години на минатиот век, Co форсирање на почетокот на македонството ги придоби незадоволните членови на Цариградската патријаршија и на Бугарската егзархија, со што се отвори нов фронт. Ова доведе до тројна победа на македонскиот народ,

7mnТака, често се случуваше тројца браќа од иста фамилија да имаат различна вера и националност. Следбениците на Патријаршијата, Егзархијата и на Српската црква се бореа меѓу себе. За време на првата деценија од XX век, ова ривалство се претвори во оружена борба, како резултат на различни вери и национални пропаганди. За време на овој период, различни револуционери и еволутивни кругови на македонскиот народ се обидоа да го решат црковното прашање со обновување на Охридската архиепископија. Но, политиката на големите сили и на Турција им го попречија патот.

Народноослободителната борба на македонскиот народ за време на Втората светска војна не беше насочена само кон национално и социјално ослободување, туку и кон решавање на проблемот на Македонската православна црква. Првото свештеничко собрание на слободната територија во Западна Македонија се одржа есента во 1943 година во селото Издеглавје. Ова беше крај на втората фаза на македонското црковно прашање.

Во есента 1944 година дел од Македонија беше целосно ослободен. Новоформираната македонска држава стана целосно рамноправен член на нова Југославија. Затоа, православните верници и македонското свештенство го одржа Првиот црковно-народен собор во 1945 година, кој ја усвои Одлуката за формирање Македонска православна црква преку обновување на Охридската архиепископија.

Во 1959 година епископскиот Синод на Српската православна црква ги призна решенијата од Вториот црковно-народен собор на Македонската православна црква, одржан во Охрид (4-6 октомври 1958 година) за одделување на Македонската православна црква како независна, со новоизбран поглавар – архивпископот Охридски и Македонски митрополит, г. Доситеј. Претставниците на Српската православна црква на чело со патријархот Герман учествуваа во интронизацијата на македонскиот митрополит Климент.

Третиот црковно-народен собор на Македонската право-славна црква се одржа на 18 јули 1967 година so Охрид, кога беше одлучено да се прогласи самостојност на Македонската православна црква на чело со архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Доситеј. Диецезата на Македонската православна црква се совпаѓаше со границите на македонската народна држава – СР Македонија.

Последниот Устав на Македонската православна црква беше донесен во 1974 година, според кој Македонската православна црква своите работи ќе ги управува и ќе ги води независно, во согласност со догматското и канонското единство со другите православни цркви. Македонската православна црква има свој грб, свое знаме, а службен јазик е македонскиот.

Црковно-епархиски тела и адиминистративни органи на Македоиската православна црква се: 1. Архиепископот, 2. Светиот архиерејски синод, 3. Архиерејскиот црковен суд,4. Епархиите, седум во Република Македонија и три во прекуокеанските земји (Американско-канадска, Австралиска и Европска епархија), кои се управувани од надлежни владици со помош на архиерејски заменици во градовите на овие епархии. Основни единици на територијалната поделба се парохиите, управувани од свештениците.

Светиот архиерејски синод е одговорен за религиозните и за воспитните активности, за издавање на религиозна литература, како и за воспитување на свештенството и на монаштвото. Македонската православна црква има свое четиригодишно средно училиште (Богословија) каде што се школуваат идните свештеници, како иТеолошки факултет во Скопје.

Денес на чело на Македонската православна црква е архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Михаил, кој беше избран и востоличен иа 4 декември 1993 година во Охрид, дамнешната престолнина на Охридската архиепископија.

Продолжува

6mnПишува: СЛАВЕ  КАТИН

20 години од востоличувањето на петтиот поглавар на МПЦ-ОА Г.Г. Стефан

Во последните неколку децении, Македонската православна црква (МПЦ) била, е и веројатно, ќе биде цел на дискусии, полемики, расправии, па и напади на црковни­те институции на соседните земји и пошироко, коишто настојуваат да го спречат и одол­жат нејзиното влегување во семејството на рамноправните црковни организации во пра­вославието. Притоа, се чинат обиди да се оспорат и историските канонски темели на целокупниот живот на Македонската православна црква.

Во притисоците, изолаци­ја­та и негирањето на Македонската православна црква и на нејзиното легитимно постоење, е ангажиран голем дел од пропагандната и медиска машинерија, која има за цел да ги искривува и премолчу­ва историските факти од минатото и од сегашноста, а тоа се прави со намера да се до­ве­дат во прашање основните обележја на православниот македонски народ, неговиот црко­вен организам и неговата вистина, како народ кој постои со векови, го чува право­славието да има  самостојна, суверена и независна држава – Репуб­лика Македонија.

Исто така, одредени кругови и поединци на православните цркви на соседните зем­ји, како да го заборавиле и сопствениот пат на стекнување на самостојност и право на своја православна народна црква.  Се премолчува осумвековното постоење на Ох­рид­ската архиепископија чие основно јадро, од нејзиното формирање до нејзиното не­законско укинување, ги претставувало христијаните од сите делови на Македонија.

Со право се вели дека немајќи своја сопствена држава, Македонците добија, во некоја смисла, национална независност за долг временски период, преку Охридската архиепископија. Црквата беше таа која организираше голем дел оддуховната,  културната и друга дејност на својот народ, пред сé, преку градење на цркви и манастири.

Така, Македонската православна црква во Република Македонија е сопственик на околу 2.000 цркви, манастири, параклиси и други верски објекти, кои припаѓаат на седум епархии во Република Македонија, потоа под нејзина јурисдикција се околу осумдесет македонски православни цркви, манастири и црковни општини во дијаспората, кои припаѓаат на четири епархии со околу петстотини свештенослужители и монаштво, дванаесет високодостојници (владици), на чело со поглаварот на Македонската православна црква  – Охридска архиепископија, господин господин Стефан во Република Македонија и светот. Таа има Богословско средно училиште и Факултетот за богословија „Свети Климент Охридски“ кој е во состав на државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја вклопи додавката Охридска архиепископија, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавање на додавка, Македонската православна црква  – Охридска архиепископија изврши и промени во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата „Света Богородица–Перивлепта“, сега е црквата „Света Софија“ од Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.

Денес поглавар на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е господин господин Стефан, кој има титула архиепископ охридски и македонски и е петти по ред. Првиот поглавар беше господин господин Доситеј, кој беше поглавар на Македонската православна црква од 4 октомври 1958 до 20 мај 1981 година и кој пред сè, има големи заслуги за духовното, националното и црковното живеење на Македонците. Тој ја возобнови Македонската православна црква и од него почна сè. Вториот поглавар беше господин господин Ангелариј (18.8.1981  до 15.7.1986 година). Третиот поглавар господин господин Гаврил (4.10.1986 до 9.6.1993 година), го направи првиот македонски превод на Библијата, а четвртиот поглавар беше господин господин Михаил (од 21.12.1993  до 6.6.1999 година). Петтиот поглавар на Македонската православна црква е денешниот архиепископ охридски и македонски господин господин Стефан, кој беше востоличен на 10.10.1999 година.

Господин господин Стефан е роден на 1 мај 1955 година, во село Добрушево – Битолско, како Стојан Велјановски, во патријархално православно македонско семејство, како шеста рожба на неговите родители Тале и Стојанка.

Инаку, Добрушево, родното место на архиепископот господин господин Стефан е битолско село сместено во југозападниот дел на Република Македонија и припаѓа во Општина Могила. Се наоѓа во срцето на Пелагонија, североисточно од Битола. Населението се занимава исклучително со земјоделска работа.  Во селото има  осумгодишно основно училиште, пошта, амбуланта, ветеринарна станица, земјоделска задруга, дом на културата и селска црква „Христово вознесение“ а  селска слава е Спасовден. Добрушево има фудбалски клуб ФК „Добрушево“, кој е основан во 1948 година и кој опстојува и денес. Инаку, по повод 50-годишнината на овој фудбалски клуб излезе од печат пригодна монографија, на која рецензенти беа архиепископот господин господин Стефан и авторот на овие редови, Славе Катин.

Карактеристично за ова село е тоа што во неговата околина се наоѓаат археолошките локалитети: Ерековски Ливади – населба од римско време; Плочи – населба од римско време и Селиште – некропола од средниот век. Селото Добрушево отсекогаш било едно од подобрите села, па и денес не го изгуби тој примат, туку напротив. Во него живеат  повеќе од 600 жители и е единствено село што има и сопствен парк. Инфраструктурно селото е поврзано и со Прилеп и со Битола, со асфалтни патишта. Од  Добрушево се иселиле голем број луѓе во минатото, посебно во текот на 60-тите години на минатиот век. Најголем број се населиле во Австралија, во градовите Мелбурн и Сиднеј, во Соединетите Американски Држави, во Њу Џерси, Канада во Торонто, Германија во Минхен и Франкфурт, во Шведска во Малме и Гетеборг. Селото Добрушево кое е познато и како попско село, изнедрило околу 20 свештеници, меѓу нив и Стојан Велјановски, архиепископот господин господин Стефан, поглавар на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

По завршувањето на основното училиште, есента 1969 година се запишал во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, која со успех ја завршил во 1974 година. Потоа се запишал на Белградскиот православен факултет.

По дипломирањето на Факултетот, во 1979 година, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква го поставил за професор во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, а веќе идната година бил испратен на постдипломски студии на Екуменско-патролош-киот институт „Св. Николај“ во Бари-Италија, на кој магистрирал во 1982 година.

По враќањето од Италија бил поставен за предавач на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, по предметите Свето писмо на Стариот завет и Патрологија, должност од која е избран за архијереј на Македонската православна црква.

Инаку, архиепископот господин господин Стефан беше замонашен на 3 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски-Чудотворец“ во Охрид, а хиротонисан за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје како митрополит злетовско-струмички, а кратко потоа бил именуван за митрополит на Брегалничката епархија.

Во наредните години тој работел како професор на Православниот богословски факултет во Скопје, бил главен уредник на весникот „Црковен живот“ и ја вршел функцијата ректор на Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје во периодот од 1991 до 1999 година, а бил и портпарол на Светиот архијерејски синод.

На Црковно-народниот собор, одржан на 9 октомври 1999 година, во Соборниот храм на древната Охридска архиепископија „Света Софија“ во Охрид, беше избран, а на 10 октомври 1999 година востоличен како петти поглавар на МПЦ-ОА и оттогаш тој ја извршува должноста архиепископ охридски и македонски, а истовремено е и надлежен архијереј на Скопската православна епархија. И покрај 44-годишната возраст на господин господин Стефан, на изборот Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ја вложи довербата во неговата интелектуална и морална зрелост.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија, под водството на поглаварот господин господин Стефан, преку своите епархии: Американско-канадско-македонската епархија, Австралиско-новозеландската епархија, Австралиско-сиднејската епархија и Европската епархија ги штити, ги организира и ги афирмира сите македонски црковно-патриотски интереси и потреби, овозможувајќи им на македонските доселеници од сите делови на Македонија да ја чувствуваат националната и црковната слобода. Епархиите обезбедуваат услови за сè поголема афирмација на целокупното културно наследство и напредокот на македонскиот народ и Република Македонија.

B3

Пишува: СЛАВЕ КАТИН