Евреите, Израел и Холокаустот

 

Според текстот на Тони Клиф, палестински Евреин кој до крајот на Втората светска војна живеел во тогашна Палестина, а потоа се пресели во Британија и станал еден од водечките троцкистички теоретичари, Француската револуција ги ослободи Евреите. Помеѓу 1789 година и обединувањето на Германија и Италија по речиси еден век, исчезна физичкото, економското и интелектуалното гето. Менделсон, Хајне и Маркс и сите Евреи, беа истакнати личности во германската култура

Во неговиот текст се вели дека навистина, постоеше широко раширен антисемитизам, па дури и погроми, но тоа се случуваше во царистичка Русија, каде јаремот на феудализмот сè уште натежнуваше и каде модерниот капитализам штотуку зачекоруваше. Кога капитализмот стана стар и истрошен, особено по Големата депресија од 30-тите години на XX век, се сврте против сите демократски достигнувања на својата младост. Сега Евреите, едноставно, не беа потиснати во гета, туку уште пострашно – во гасни комори.

Помеѓу овие два периода во Франција избувна еден ужасен случај на антисемитизам . Во 1895 година еден воен офицер Евреин, по име Драјфус, кој беше обвинет дека е германски шпион. Судењето што претставуваше лов на вештерки водеше кон хистерија на толпата против Евреите. Овој бран на антисемитизам претставуваше нуспроизвод на битката помеѓу растечкиот француски и германски империјализам.

Во тоа време, во Париз живеел еден добро етаблиран виенски новинар, Теодор Херцл. Херцл извлекол заклучок од фуријата дека антисемитизмот е природен и неизбежен. Во 1895 година тој напишал: „Во Париз, како што кажав, усвоив послободен однос кон антисемитизмот, кого сега почнувам историски да го разбирам и да го оправдувам. Пред сè, ја сфатив празнотијата и безнадежноста на обидите за ‘борба’ против антисемитизмот“.

EIH2 

Поделениот Ерусалим

Херцл го критикувал Емил Зола и другите Французи, главно, социјалисти, кои застанале во одбрана на Драјфус. Тој се жалел што Евреите „бараат заштита од социјалистите и од рушителите на постојниот граѓански поредок… Вистински, тие повеќе не се Евреи. Сигурно, тие не се ниту Французи. Тие, веројатно, ќе станат водачи на европскиот анархизам“.

Тој тврдел дека одговорот на антисемитизмот лежи во напуштањето на земјите од страна на Евреите  онаму каде што не ги сакаат и во основањето на нивна сопствена држава. При овој потфат, тој објавил, „антисемитите ќе бидат наши најзависни пријатели… наши сојузници“. Оттука, тој отишол на средба со царистичкиот министер за внатрешни работи, Плевхе, човекот што го организирал погромот во Кишињев од 1903 година. Тој пред него го ставил мамецот дека иселувањето на Евреите од Русија ќе го ослабне револуционерното движење, непријателот на Плевхе.

Ако антагонизмот помеѓу Евреите и христијаните, наводно, биде природен и неизбежен, тогаш, се разбира, следува дека и антагонизмот помеѓу Евреите и Арапите во Палестина бил природен и неизбежен. На почетокот Херцл го дефинирал ционизмот како „давање на луѓето без земја, земја без луѓе“.

Кога неговото внимание го стекна фактот дека во Палестина живеат Арапи, Тој сериозно ја сфати  работата дека, едноставно, треба да се ослободи од нив. На 12 јуни 1895 година, Херцл напишал: „Ќе се обидеме да го одоброволиме сиромашното население преку границата, обезбедувајќи вработување во транзитните земји, истовремено, оневозможувајќи му да се вработи во нашата сопствена земја“. Каков бесрамен израз на намерата за етничко чистење“.

Ционистите кои се доселија во Палестина од крајот на XIX век не сакаа да основаат економија слична на онаа на белците во Јужна Африка. Таму белците ги сочинуваа капиталистите, додека црнците беа работничката класа. Ционистите сакаа целото население да биде еврејско.

EIH3

Со многу нискиот стандард на Арапите во споредба со Европејците и со многу раширената и отворена и прикриена невработеност, единствениот начин за постигнување на оваа цел било затворањето на пазарот на труд за Арапите. Имало редица начини кои биле употребени за да се постигне тоа. Прво, Еврејскиот национален фонд, кој бил сопственик на голем дел од земјата во сопственост на Евреи, вклучувајќи, на пример, и голем дел од Тел Авив, имал статут што инсистирало дека само Евреи можат да бидат вработени на таа земја.

Во таа насока, ционистичката синдикална федерација, Хистадрут (Општа федерација на еврејскиот труд) врз сите свои членови наметнала два издатока: еден за одбрана на еврејскиот труд и еден за одбрана на еврејскиот производ. Хистадрутот организирал протести против сопствениците на расадници што вработувале работници Арапи, принудувајќи ги сопствениците да ги отпуштат.

Исто така, вообичаено било да се видат младинци како одат низ еврејскиот пазар помеѓу жените што продаваат зеленчук или јајца и ако најделе некоја што била Арапка, истурале парафин врз зеленчукот или ги кршеле јајцата.

Исто така, Тони Клиф во својот текст вели: „Се сеќавам дека во 1945 година една кафетерија во Тел Авив беше нападната и, речиси, целосно искршена поради гласините дека имало некој Арап што работи во кујната, миејќи ги чиниите. Исто така, ги паметам, од времето кога бев на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим помеѓу 1936 и 1939 година, постојаните демонстрации против продеканот на универзитетот, д-р Магнус. Тој беше богат американски Евреин и либерал, а неговиот криминал беше тоа што беше закупец на еден арапски земјопоседник“.

Продолжува

 c6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Во музејот на дијаспората

 

… Од списите за “Израел – ветената библиска земја”.

Зборот дијаспора е од елинско потекло и значи „расфрлено семе“ и означува припадник на еден народ кој живее одвоено од матичната земја. Од крајот на I век од нашата ера зборот дијаспора е посебно поврзан со Евреите кога после неуспешното востание против Римјаните, десетици илјади Евреи биле прогонети

Со текот на времето, значењето на овој збор се однесува на народи кои обично насилно ја напуштиле својата татковина и  живеат во друга земја. Тоа се однесува на луѓе кои се расфрлани низ светот и го посеале семето на друго место во нова средина. Македонците од етничка Македонија  имаат слична судбона како на Евреите.

Така, расфрлани низ целиот свет луѓето создаваат нови домови, добиваат нови знаења, учат нови јазици, обичаи, стекнуваат нови навики, воспитание, образование и се шират корените на семејството во новата средина. Длабоките корени се таму каде што човекот се обврзува да биде почитувач на земјата каде што живее. Затоа, денес се вели дека каде е животот, таму е татковината.

Често се вели дека да се ​​биде во дијаспората, тоа не значи да се живее во нова татковина. Меѓутоа, факт е дека новата средина за човекот е пресвртница во градењето на новиот живот. Дијаспората бара личноста да се приспособи на новиот начин на живеење; таа имплицира промени во човекот, работата и воопшто во животот. Дојденецот се соочува со тежок пат при интегрирањето за подобро живеење, а интеграцијата вклучува долг процес на кој тешко може да му се најде крајот.

Терминот „eврејската дијаспора или прогонство – егзил“ се однесува на дисперзија на Израелците, Јудахитиде, а подоцна Евреи од она што се смета татковината на нивните предци (земјата на Израел) и заедниците изградени од нив во целиот свет. “Во однос на хебрејската Библија, терминот „егзил” ја означува посветеноста на Израелците кои биле прогонети од Кралството на Израел во текот на VIII век пр.н.е., и од Јудејското Царство од Кралството на Јуда и кои биле одведени во егзил во текот на VI век п.н.е.

bibliz2

Дел од Музејот за дијаспората

Првиот егзил бил асирскиот прогон, протерувањето од Кралството Израел (Самарија) во 733 година пр.н.е. и неговото завршување со уништувањето на кралството во 722 година пр.н.е., по завршувањето на тригодишната опсада што започнала во Самарија.

Прогонството продолжило кај еден дел од населението на Јудејското Царство во 597 година пр.н.е. со прогонување во Вавилон. Тој егзил во Вавилон завршил по 70 години со декларација дека на протераните Евреи ќе им биде дозволено да се вратат во Ерусалим.

По опсадата на Ерусалим, пак,  во 63 година пр.н.е., Хасмонеанското Кралство станалo протекторат на Рим, а потоа во VI век било организиранo како римска провинција Јудеја. Евреите се побуниле против Римската Империја во 66 година од н.е. во периодот познат како Прва еврејско-римска војна која кулминирала со уништувањето на Ерусалим во 70 година од н.е.. За време на опсадата, Римјаните го уништиле Вториот храм и поголемиот дел од Ерусалим. Овој настан го означил почетокот на римскиот егзил, наречен Едомски егзил, притоа еврејските верски водачи и високодостојниците биле прогонети, убиени или продадени како робови.

Како и сите приморски градови во светот, така и Тел Авив има голем број кул­тур­но–историски споменици, туристички атракции, ноќни клубови и сé она што го пра­ви привлечен еден медитерански центар. Меѓутоа, Тел Авив се разликува од други­те приморски градови по тоа што во него е лоциран најголемиот музеј во светот што го­вори за дијаспората на еден народ. Затоа, често се вели дека ќе биде голема загуба за дојденецот, туристот, намерникот или Евреинот да биде во Тел Авив, па дури и на кое било друго место во Израел, а да не го посети Музејот за дијаспората или како што Израелците го викаат „Бет Хатефутсот“ (Beth Hatefutsoth), или Музеј за еврејската дија­спо­ра „Нахум Голдман“ (Nahum Goldmann).

Овој музеј ја отсликува и презентира историјата на еврејскиот народ од времето кога тие биле истерани од земјата Израел, пред 2. 500 години, до денешни дни. Музејот за дијаспората го презентира вистинскиот и единствен историски развој на еврејскиот на­род континуирано во целиот период на постоењето. Преку прикажување на култур­нио­т, националниот, образовниот, семејниот, религиозниот и друг напредок, преку на­по­рите и настојувањата кон поубава иднина се сака да се стекне, да се придобие, од­носно да се трасира еден широк двонасочен пат на личната и многувековна историска карта на идентификацијата на еврејскиот народ.

Со ваквиот пристап на прикажување на вистината, на трагедијата и на судбината на тој, во многу периоди измачен народ, се смета дека новите генерации, можеби преку сето ова ќе си го најдат својот клуч за ид­нината. Тоа ќе прозвучи како изреката на Аба Ковнер (Abba Kovner), мислител, бо­рец и основоположник на Музејот на дијаспората кој рекол: „да се помни минатото, да се живее за сегашноста и да се верува во иднината“. Затоа овој Музеј е место за мла­ди и стари, за религиозни и за секуларни, за Израелци и туѓинци, за туристи и за дој­денци, за цивили и за војници.

bibliz3

Идејата за формирање на Музејот за дијаспората датира од педесеттите години, кога доктор Нахум Голдман, основоположникот и претседател на Светскиот еврејски конгрес и на Светската ционистичка федерација како и голем број други видни угледни Евреи во светот, предложиле да се направи споменик за еврејската дијаспора кој ќе го от­­сликува во минатото и сегашноста.

Идејата беше Музејот да се подели на шест те­мат­ски одделенија. Така и се направи, и во мај 1978 година, овој Музеј ги отвори ши­рум вратите за сите посетители од Израел и од светот. Притоа, многу музејски стручња­ци го окарактеризираа како еден од најважните Музеји во светот. А, денес оваа куќа за дијаспората не е само музеј, туку тоа е судир и допир на животот на Евреите од 120 зем­ји ширум светот, во кој е презентирана вистината за историскиот развој и судбина­та на еврејскиот народ, без разлика дали се Ашкенази – Евреи со европско потекло, или Сефарди – со ориентално потекло.

Ние го посетивме музејот заедно со водичот Берта Зекиќ, а со господинот Марк Курц (Marc Kurz) разменивме мислења, искуства и пораки кои веруваме ќе бидат ко­рис­ни како за еврејската така и за македонската дијаспора. Притоа, за библиотеката на му­зејот, на господинот Марк Курц му подаривме одреден број книги, меѓу кои: „Маке­дон­ски везови“, „Македонската православна црква“, „Монографија за Атанас Близнаков“, „Македонскиот иселенички печат“, „Библискиот речник на македонски јазик“ и друга ли­те­ратура за македонскиот народ во дијаспората и Македонија од Славе Николовски-Катин.

Музејот за дијаспората е единствен и по илјадници детали карактеристична културна и национална установа на Израел, која ги отсликува и ги презентира раселе­ни­те Евреи во светот. Примерот на овој Музеј беше прифатен и во одредена смисла при­менет и во Република Македонија, кога во август 2000 година, во рамките на Му­зејот на Македонија беше отворена изложбата  „Иселеништвото од Македонија“. Со сета своја скромност и материјални можности оваа изложба имаше порака дека тре­ба во иднина да се иницираат и поттикнат Македонците во дијаспората, да се орга­ни­зираат, да се приближат, да почувствуваат заедништво и братска љубов меѓу нив, слично како на примерот на Евреите ширум светот.

Продолжува

New Katin

Пишува: СЛАВЕ КАТИН