„Библискиот речник“: од Ерусалим – градот на мирот до металот железо 

1er

Во ова продолжение за читателите на  порталот „Македонско соцне“ ќе ги претставиме имињата, зборовите, изразите, називите,  термините… кои се во „Библискиот речник“: од Ерусалим – градот на мирот; древен град со голема политичка моќ и со природно добра положба, до металот железо од кои биле изработени украсните предмети и амајлиите

Ерусалим – град на мирот; древен град со голема политичка моќ, со природно добра положба, меѓу ридовите на надморска висина од 770 м. Бил освоен од Давид, кој го назначил за главен град на Обединетото царство. Таму Соломон го изградил првиот храм. Градот станал свет за Евреите (Пс 122,3-7). Во 586 г.пр.И.Х. градот и храмот биле разурнати од Навуходоносор, а подоцна биле обновени под водство на Ездра и Неемија, по враќањето на Евреите од вавилонското ропство. Римјаните го освоиле Ерусалим во 63 г.пр.И.Х., а го разурнале во 70 г. Христос го посетувал Ерусалим за време на верските празници, како што правеле и сите Евреи. НЗ учи дека во него Господ бил распнат во месноста Голгота и воскреснал по три дни. Оттаму се вознесол на небото и на денот на Педесетницата го пратил Светиот Дух (роденденот на Црквата, (Дап 2)). Во 637 г. муслиманите го освоиле градот и во него останале до 1948 г, кога е создадена современата држава Израел. До 1966 г. бил поделен меѓу Израел и Јордан, а оттогаш потполно му припаднал на Израел. Ерусалим е свет град и на третата религија, на муслиманите, откако во него е подигната Омаровата џамија. Ерусалим е праслика на небесниот Ерусалим, опишан во апокалиптичните книги. 

Есени – малубројна и во значителна мерка исклучива секта. Броела најмногу до неколку илјади припадници. Настанале во 2 в.пр. И.Х. како протестно движење против античкото грчко влијание на еврејската религија. против корумпираните Цареви и непридржувањето на Евреите до Законот. Во тој поглед биле по строги од фарисеите. Живееле одвоени од општеството, организирани во заедници, Се смета дека познатата Кумранска заедница, која ги напишала свитоците од Мртвото Море, припаѓала на есените, Како заедница не се спомнува во НЗ, иако некои сметаат дека Јован Крстител поминал извесно време во пустината како нивни чпен.

Естир (Естира) – главна личност во книгата на Естира, напишана меѓу 300 и 125 г.пр.И.Х. Во неа е опишана епизода од животот на Евреите кои не се вратиле од вавилонското ропство.

Естира – додатоци краток девтероканонски запис, содржи додатоци на Книгата за Естира, кои се однесуваат на разликите меѓу оригиналната и античката грчка верзија на текстот.

Етам – 1) место во Јудеја, 10 км југозападно од Ерусалим; 2) пештера во која се криел Самсон од Филистејците (Суд 1,15,8); 3) боравиште на Израелците во Суецката пустииа (2 Мој 13,20).

Етиопија – древно и денешно име на земјата што се граничи со Египет и Црвеното Море (1 Мој 2,13), Според некои енциклопедии, древниот назив се однесува на денешен Судан, а не на денешна Етиопија. Во многу преводи на СЗ се нарекува Куш.

2er

Еуфрат – мошно широка река; најдолга река во југозападна Азија (2700 км). Извира во Турција и била природна граница меѓу егилетското и вавилонското царство. Вавилон бил изграден на Еуфрат и бил една од најраните цивилизации што настанале на неговите брегови (2 Цар 8,3). Во СЗ често се нарекува река или големата река.

Ефа – 1) еврејска мерка; в. Мерки; 2) Мидјанско племе чиј оснивач се спомнува во 1 Мој 25,4, како внук на Аврам.

Ефата – збор со кој Исус му се обраќа на глувонемиот човек (Мк 7:34). Веројатно е арамејски поим со значење, отвори се.

Ефес– главен град на провинцијата Азија и важен трговски центар на Мала Азија. Во него апос-толот Павле живеел и работел скоро три години, па Ефес станал христијански центар. Павле престојувал во него и на своите две мисионерски патувања, се додека не морал да бега од побуната на златарот Димитриј, кој бил предводник на изработувачите на идолски предмети (Дап 19,23-40). Имено, во Ефес бил изграден величествен храм на Афродита, божицата на плодноста, кој се сметаза едно од седумте светски чуда. Денешен Селџук.

Ефод – наградник; според 2 Мој 28,4-14 повеќебоен, волнен или ленен и со злато проткаен дел на облеката на првосвештеникот. Бил изработен слоред строги прописи, а се носел над горната облекат на градите,украсен со скапоцени камења. Во едниот раб на ефодот се наоѓале камењата за пророкување, Урим и Тумим. Ленен ефод во вид на престилка носеле обичните свештеници (1 Цар 22,18), таков ефод носеле младиот Самуил за време на службата во Силом (1 Цар2,18) и Давид кога играл пред Ковчегот на Заветот (2 Цар6,14). И судијата Гедеон имал наградник во градот Офра (Суд 8,27), како и Михеј во своето светилиште (Суд 17,5). Во некои случаи, ефод се претпоставува дека означува некој лик или идол (Суд8,27; 17,5) или првдмет за претскажување (1 Цар 23,9-12; 30,7-8).

Ефрем – име на средниот дел на ридестото подрачје на западната страна на Јордан; им припаднал на тамошните израелски племиња и нивниот прататко Ефрем. Племето имало пообилен благослов од Јаков, во однос на соседното племе на Манасија (1 Мој 48,13). Ова племе се борело против превласта на Јудиното племе, а после расцепот на царството добило водечка улога во Северното израелско царство.

3erЕфрем – двојна плодност, 1) син на Јосиф, роден во Египет, го посвоил неговиот дедо Јаков заедно со Манасија (2 Мој 48). Родоначелник е на едно од дванаесетте израелски племиња, кое добило дел од најдобрата земја во Ханаан; 2) град северно од Еру-салим, близу до Ерихонската пус-тина. Се спомнува во НЗ (Јв 11,54).

Ефрон -1) човекот од кој Аврам ја купил Макпела, за да ја погребе во неа својата жена Сара (1 Мој 23,8,9); 2) ридеста област на границата на Јудиното племе (ИН 15:9); 3) град североисточно од Ветил.

Ефтај – нека ослободи Јахве, еден од најголемите израелски судии. Како благодарност на Бог за добиената битка, се заветувал дека ќе принесе како жртва за благодарност се’ што ќе види на патот до дома. Но ја видел својата ќерка единица и Ефтај го одложил заветот. Неговата смрт секоја година се оплакувала по четири дена (Суд 10,17-12,7).

Ехелат – суша, рид во Јудејската пустина, каде Давид се криел, бегајќи од царот Саул (1 Цар 23:19). Се наоѓа близу до Ен-Геди.

Ехуд – судија кој ги избавил Израелците од Моавците со убиството на нивниот цар Еглон (СудЗ,15-4,1).

Жалост – неволја или мака, понекогаш се сфаќа како казна (Ис 8,22). Во случај на жалост поблизок починат, кај Евреите и кај другите источни народи се искажувала на најразлични начини: со чукање по градите (Наум 2,7), со корнење на косата и брадата (Ездра 9,3), со посипување на главите со пепел (3 Цар 4,12), со раскинување на облеката (1 Мој 37,29); со повредување на лицето и телото (Ер 16,6), со постење (4 Цар 12,16), со покривање на главата и одење боси (2 Цар 15,30), со бричење на главата и брадата (Ис 15,2), со врзување на кострет околу телото (3 Цар 21,27). За време на длабока жалост лежеле на земјата и седеле во пепел (2 Цар 12,16; Јов 2,8). Додека плачеле се пееле песни тажачки (Ер 9,17; 2 Лт 35,25). Жалоста траела седум дена, а понекогаш и подолго.

Жед – едно од основните секојдневни човечки искуства {2 Цар 17,29), кое се користи за споредба со потребата и барањето на Бог. Бог се грижи за луѓето, кога Агара била жедна во пустината, Тој ја сочувал (1 Мој 21,15-19); како и Самсон да не малакса од жед (Суд 15,18). На целиот Свој народ му дал вода во пустината (2 Мој 17,5-7), Народот се предупредува да се пази од глад и жед (Нем 9,15-20). Во време на неволја било допуштено да се земе класје или грозје од туѓа нива (5 Мој 23,25; Мт 12,1). Да се задоволат нечија глад и жед се дело на милосрдие (Ис 21,14.17; 587.10; Ез 18, 7, 16). Во СЗ се спомнува незадоволива глад и жед кон Божјото слово (Ам 8,11,13). Времето на спасение е време без глад и жед (Ис 41,17;49,10). И во НЗ жедта се поврзува со гладот и нивното задоволување кое е дело на милосрдие (Мт25,35;37). Христос е извор на жива вода (Јв 4,10-15; 7,37). Времето на спасение ќе дојде кога ќе ги снема гладот и жедта (Откр 7,16; 21,6; 22,17).

Железо – метал, до 1200 г. пр. И.Х. употребните предмети во Ханаан биле сеуште од бронза (пр. ,,железната кола” спомената во Суд 1,19), а само украсните предмети и амајлиите биле изработени од железо. Израелците научиле како се кова железото дури во Ханаан, од Филистејците (спореди со1 Цар13,19-22). Но во богослужењето уште долго време останало забрането за употреба (ИН 8,31). Според 1 Лт 29,7 и железото се сметало за принос во храмот. Морало да се увезува (Ер 15,12; Ез 27,12). 

Продолжува   

Пишуваат:

4erПЕТКО ЗЛАТЕСКИ И

5erСЛАВЕ КАТИН

За Исусовите страдања …

Основно значење на зборот црква е „народ“. Црквата е народ Божји повикан да го сознае живиот Бог, да го љуби и да му служи. Ним Исус Христос им го доверил светото библиско откровение и затоа Црквата е „столбот и темелот на вистината“. Иако Црквата самиот Бог ја повикал на постоење, неа ја сочинуваат обичните луѓе, чии погледи се обоени со духот на нивното време

Исусовото вистинско послание е разбрано дури по неговата смрт и неговото воскресение. Имено, тој повикувал на вера и преданост и настапувал како конечен судија за човечката судбина. Не објавувал само простување и спасение, туку со својот живот, страдање и смртта и го постигнал тоа!

Исус Христос е гласникот, ама е и срцето на пораката. Тој ги повикувал луѓето кај Бога. Тој самиот е тој пат до Бога. Почитувањето на Исус Човекот како Син Божји не извирало од некоја вообразена побожност по неговата смрт, туку во длабокиот впечаток што тој го оставил на своите ученици во трите години на своето дејствување. Неговото воскреснување ја продлабочило и ја потврдило таа увереност. Без сомневање во неговата реална човечност, следбениците сфатиле дека Исус Христос чекорел со Господ.

При посетата на автентичните библиски места кај посетителот се јавува едно чудно чувство. Во Ерусалим, дури и атеистот се чувствува како верник. Секоја година во градот доаѓаат повеќе од еден милион посетители од странство. Повеќето од нив се христијани и Евреи.

При прошетката по улиците на Стариот град може да се видат Ерменци со црни качулки, грчки православни свештеници со високи капи, припадници на римокатоличките редови во разнобојни одежди, Етиопјани, Копти од Египет, припадници на Сириската православна црква чиишто деца учат арамејски, на јазикот на којшто зборувал и проповедал Исус Христос.

На обичниот посетител не му е лесно да ги идентификува многуте цркви и нивните претставници во масата минувачи. И доколку би успеал да препознае некој калуѓер, на пример, од Руската православна црква, сепак, невозможно би било да каже на која фракција ѝ  припаѓа – на „црвените“ кои се заколнале на верност на црковните водачи во Москва, или на „белите“ кои избегале по Руската револуција и сега имаат седиште во Соединетите Американски Држави.

Русите во Ерусалим ја имаат изградено црквата „Светото Тројство“, што се наоѓа во близината на Портата Јафа и претставува дел од комплексот и центарот на руските аџии. Црквата, пак, „Света Марија Магдалена“, која се наоѓа на подножјето на Маслиновата Гора, а која е изградена во 1885 година, е препознатлива по своите седум позлатени кубиња.

 

Животот, учењето и смртта на Исус ќе означат нова страница во историјата на човештвото. Во време кога Евреите го оплакуваат уривањето на Храмот, учениците на Исус од Назарет веќе го шират новото, христијанско учење. Ерусалим, градот на Исусовото страдање, смрт и воскресение, до денес ќе остане најголемо светилиште во христијанството. Затоа, секоја година повеќе од еден милион христијани од сите делови на светот доаѓаат во Ерусалим.

На Велики петок, пред Велигден, река луѓе минува низ Виа Долороса, по стапките на Синот Божји, на патот кон Голгота. На местото на распнувањето и смртта на Исус се наоѓа Црквата на Светиот гроб, позната уште како Црква на Воскресението, единственото место под небесната капа каде што во исто време можат да се сретнат на молитва верниците од различни христијански заедници.

Црквата на Светиот гроб која претставува симбол на единството на сите кои веруваат во Исуса Христа, истовремено е жив сведок на поделеното христијанство. Во не така дамнешното минато, тука доаѓало до тепачки, па дури и убиства меѓу свештениците од различните христијански заедници. Екуменизмот, за среќа, го истакнува заедништвото во Христос за сметка на партикуларните разлики.

po patot3

Светиот Гроб во Ерусалим

Сепак, како иронија на судбината, клучевите на Црквата од Светиот гроб традиционално ги чува едно муслиманско семејство, да не се караат разединетите христијани. Исто така, и на Светиот гроб внатре, во црквата, поделбата е видлива. Свои делови поседуваат Грците, Латините, Ерменците, Сиријците, Етиопјаните и Коптите.

Под Голгота се наоѓа Адамовата пештера, во која, според преданието, почива првиот човек – Адам. Тука симболично се преплетуваат животот и смртта, минливото и вечното. Адам е првиот човек, Исус последниот. Бидејќи, како во Адам сите умреа, така во Исус сите ќе оживеат. Исус, воскреснувајќи и воздигнувајќи се кон небото, ги носи со себе и првите грешници – Адам и Ева, спасувајќи ги, со својата жртва, сите што живееле и ќе живеат.

Слично како и Еврејскиот храм, и Светиот гроб бил осквернавен. На местото на Воскресението римскиот император Адријан ја поставил на гробот фигурата на Јупитер. Меѓутоа, идолите не можеле да го уништат паметењето на луѓето кои во своите срца го чувале споменот на Синот Божји. Нивниот спомен ќе му помогне на царот Константин, првиот христијански владетел, да го лоцира местото на Исусовото мачеништво и да ја изгради Црквата на Светиот гроб.

Меѓутоа, за христијанскиот свет најголемо сквернавање било заземањето на Ерусалим, а со тоа и заземањето на Светиот гроб, од страна на муслиманите. Калифот Омар, освојувачот на Ерусалим, веднаш по влегувањето во градот, најпрво, ја посетил Црквата на Светиот гроб. Велат дека не сакал да одржи исламска молитва во црквата, бидејќи со самиот тој чин црквата би била претворена во џамија.

Поради тој гест на калифот Омар, извонредно скромен и толерантен владетел, Црквата на Светиот гроб не ја доживеала судбината на „Аја Софија“ во Истанбул. За жал, калифот Ал – Хаким, за кого велат дека бил ментално растроен, наредил црквата да биде урната до темел.

Тоа било во 1009 година. Деведесет години подоцна пристигнала крвавата сметка за лудостите на малоумниот калиф. Имено, крстоносците, ослободувајќи го гробот, го масакрирале, речиси, целото еврејско и муслиманско население на Ерусалим. Светиот гроб, за кој војувале најдобрите христијански рицари, но и разноразни авантуристи кои убивале во Христовото име, денес „мудро“ го чува монах на Грчката православна црква.

Продолжува

sksksk

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Дел од судбината на Ерусалим – според монографското дело „Израел и Македонија“ на Славе Катин

ДЕЛ ОД СУДБИНАТА НА ЕРУСАЛИМ

Според монографското дело „Израел и Македонија“ на Славе Катин, а во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“, од Скопје и Фондација „Ѓорѓија –Џорџ Атанасоски“ од Прилеп,  2017, 1-376, (на англиски, македонски и хебрејски), авторовото патувањето во Израел беше дел од неговите посети на педесетина различни земји ширум  светот

Во, ова дело, меѓу другото се вели дека доаѓањето на Римјаните во 63-тата година пр.н.е., кои овде останале сè до 324 година од н.е., се подигнале бројни замоци, паркови и јавни згради. Храмот, делумно бил обновен по победата на персискиот крал Кир над Вавилонците. Меѓутоа, конечно го обновил еврејскиот крал Ирод, за што Јосиф Флавиј ќе рече дека Храмот бил највеличенствената градба на тогашниот свет.

Светиот Храм конечно исчезнал во огнот на римските легии на Тит Флавиј, во 70-тата година од н.е. Се наведува дека на советувањето пред решавачката битка за Ерусалим, Тит Флавиј и неговите најблиски соработници, решиле да го поштедат Храмот, како сведоштво за возвишеноста на човековиот градителски гениј.

Меѓутоа, воениот жар има свој резон: местото посветено на Бога го проголтале огнените јазици на омразата. Останал само еден потпорен ѕид – денешниот Ѕид на плачот.

Легендата вели дека ноќта кога Ерусалим бил осветлен од огновите кои отворале нова страница во историјата на Евреите, свештениците ги фрлиле клучевите од Храмот кон небото, со зборовите: „Боже, чувај ги сега ти овие клучеви“. Ветерот на историјата го развеал пепелиштето на Храмот низ Јудеја, а Евреите низ целиот свет.

За време на долгите векови прокоба низ туѓиот свет, сеќавањето на Ерусалим и Храмот бил поттик за Евреите да ги издржат сите неволји, но и верба дека еден ден повторно ќе се вратат на својата земја. При градбата на секоја синагога, секаде каде што живееле Евреите, се оставал еден необоен камен во ѕидот – сеќавање на Ерусалим.

Секоја синагога е завртена во правец на Светиот град. Со мислата за Ерусалим почнувал и завршувал денот на секое еврејско семејство. Правило кое и ние Македонците од секаде во светот треба да го применуваме со вртење кон македонскиот Ерусалим, вечниот Охрид.

IIM2

Дел од Ерусалим

Во историјата тешко може да се најде друг пример за толкава поврзаност на една заедница со прадедовската земја и со своето духовно извориште. Долгите векови на перманентен егзодус, понижувања, страдања и истребувања во силните налети на антисемитизмот, само уште повеќе ја зацврстиле таа врска меѓу секој Евреин и Ерусалим, давајќи и аура на најсвета интимна тајна. Мислата за Ерусалим го крепела духот на прогонетите од Шпанија и мачениците од Аушвиц. Со Ерусалим се живеело; со Ерусалим и смртта била полесна.

Ѕидот на поделбата го дели Ерусалим на Источен и Западен дел. Овој ѕид покрај тоа што е физичка поделба помеѓу двата дела на Ерусалим, прави огромни поделби и во обичниот живот на мештаните.

При нашата посета ја слушнавме сторијата за младото момче кое било од палестинскиот дел на Ерусалим и кое било во љубов со Арапка која живее на израелскиот дел од Ерусалим. Природно, нивната љубов требало да се круниса со брак, но поради тоа што живееле од двете страни на ѕидот, можеле да се гледаат само три дена во неделата.

Доколку момчето сакало да добие израелско државјанство, морале да наполни прво 35 години, (а имал 23). Доколку добие израелско државјанство, веќе никогаш немало да може да влезе на палестинска територија и да ги види своите роднини. И покрај сите тие пречки, сепак, тие решиле да бидат заедно.

Ѕидот на плачот е свето место за Евреите. Местото каде Евреите секојдневно се молат, место каде жените и мажите одвоено се молат, местото каде, според Евреите, се случиле најголемите настани кои го одбележале човештвото. Тоа е местото каде се наоѓа каменот од кој е основан светот, раѓањето на првиот човек Адам, местото каде Аврам му служел на Бог, проповедањето на Исус, првиот и вториот храм на Евреите.

IIM3

Ѕидови во Ерусалим

Жалта за Ерусалим не можела да биде потисната и во миговите на најголемата среќа; за време на свадбен ритуал, младоженецот – Евреин со десната нога ја здробува чашата, како симбол на уривањето на ерусалимскиот Храм. Потоа следува молитвата – со задолжително споменување на Светиот град, па дури потоа да настапи славењето кое, исто така, не е лишено од помислата на Ерусалим; секој нов дом, секоја нова генерација е на чекор поблиску на остварувањето на сонот над соништата – враќањето во Ерусалим.

За време на прославувањето на големиот еврејски празник – Пасха, од уста на уста на еврејската заедница се пренесувал заветот: „Догодина во Ерусалим“. Сите знаеле дека тоа „догодина“ значи децении, векови. Меѓутоа, никој не се сомневал дека ќе дојде денот.

И, навистина дојде денот. „Ако тоа го сакате тогаш тоа не е сон – да живеете како слободен народ во својата земја“, зборуваше Теодор Херцл, таткото на ционизмот, сееврејско политичко движење чија цел беше создавање на државата Израел.

Од крајот на минатиот век, илјадници Евреи од сите делови на светот купуваа билет за еден правец: за земјата за која не знаеја ништо и за која не ги врзуваше ништо, освен паметењето и заветот – „Ако те заборавам Ерусалиме…“.

Продолжува

KatS

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Од Ерусалим до Ерихон

Ерусалим, обично христијаните го нарекуваат град на смртта и победата, а Израел земјата на големите настани каде што се извршила пресвртницата на историјата на сите народи и за сите времиња. Тоа го потврдуваат многубројните свети места кои се врзани за минатото, особено за христијанството. Во близината на некогашната Овча порта во Ерусалим се наоѓа Витезда (Bethesda), што значи „дом на милосрдието“

Тоа е бања, односно купатило, чии води преку подземни канали оттаму се одведувале до храмот. Се верува дека водата е лековита, затоа постојано ја посетувале многу болни, сакати и слепи луѓе. Таму, во близината на Лавовската порта е црквата „Света Ана“, што е во непосредна близина на родното место на света Богородица. Исто така, тука е црквата „Гробот на света Богородица“.

Во близината на Ерусалим се ноаѓа селото Еин Карем, во Библијата познато како Еин Хакарем, што значи „извор во лозјето“. Тоа е сместено на еден прекрасен рид кој од 1961 година е дел на Ерусалим. Во него се наоѓа црквата „Свети Јован Крстител“. Ова библиско место е познато по настаните во Евангелието и е поврзано со посетата на Марија, мајката на Исус Христос, на својата роднина Елисавета, мајката на Јован Крстител.

Тука се наоѓа и криптата „Пештерата на благословот“, во која се смета дека е роден Јован Крстител, претходникот на Исус Христос. Исто така, и Ветаниа (Bethandz), што значи „куќа на сиромашните“ или „дом на бедата“, е село на исток од Маслиновата Гора на патот кон Ерихон. Таму живеел Христовиот пријател Лазар со неговите сестри Марија и Марта, кои тој често ги посетувал. Во Ветаниа Исус Христос го воскреснал Лазар неколку дена по неговата смрт. Ова место е познато и по тоа што по свеченото влегување во Ерусалим, Исус таму се повлекол и ја поминал ноќта. Денес таму се наоѓа црквата „Свети Лазар“.

Северниот дел на Израел, пак, е контраст на сѐ она што го содржат пустинските предели на југот. Кога сѐ повеќе се навлегува во Галилејската област, се добива впечаток дека природата овде го истурила сето свое богатство. Затоа, оној што првпат стапнува на овие простори тешко може да се убеди дека Израел е мала пустинска земја. Нема ниту педа голо земјиште, сѐ е со зеленило, со пространи паркови, со цвеќиња, палми, урми, еукалиптуси, авокадо, овоштарници и лозја.

erihon2

Ерихон

Во тие северни предели, како бистро човечко око пред хоризонтот трепери Галилејското Езеро. Тоа е најголемиот отворен базен од каде што се црпи вода за наводнување на производствените површини, не само на овие туку и на пустинските површини. Меѓутоа, тоа е еден од главните резервоари и за водоснабдување на населението.

Исто така, и јужниот дел на котлината низ која врви реката Јордан е значаен историски простор за трите религии. Имено, најголемата оаза во Јудејската Пустина е Ерихон. Тоа денес е град под палестинска автономија, во јужната Јорданска Долина, на крстопатот кон Ерусалим и Бет Шеан на источната страна на Јордан. На арапски овој град се нарекува Ерихo. Иако се наоѓа длабоко во пустината, сепак, Ерихон ги има најбогатите извори со вода, што овозможија оваа населба да се претвори во една од најпродуктивните во производството на земјоделски производи. Тука се произведуваат сите видови овошје, а растат и најубавите цвеќиња.

Ерихон, градот на палмите е првиот освоен град по враќањето на израелскиот народ од египетското ропство, по преминот преку реката Јордан, а под водство на Исус Навин. Тој е град во кој Израелците влегле свирејќи на труби, за потоа да стане градот на цариникот Закхеј, чиј дом го посетил и Исус Христос и на кое место Спасителот излекувал и некој слеп човек.

Западно од Ерихон над котлината Јордан се наоѓа Планината на искушенијата каде што Исус Христос по крштевањето престојувал 40 дена. Денес тука има пештера врз која е изградена капела. Се верува дека Исус Христос на ова место постел 40 дена и 40 ноќи.

Ерихон лежи во просторот на најдепресивниот дел од минус 250 метри и претставува најниска населба на Земјината топка. Според археолошките наоди, што датираат уште од седмиот милениум, Ерихон е една од најстарите градски цивилизации во светот. Меѓутоа, некои нови истражувања покажуваат дека оваа населба била населена уште пред 10.000 години. Еврејското население овде живеело до пред 1.400 години, а денес живеат Арапи, чиј број на жители изнесува околу 30.000 муслимани и христијани.

erihon3

Мртво Море

Ерихон е град од селски тип, меѓутоа, во последно време  со изградбата на хотели, таканаречени зимски палати и други објекти сѐ повеќе го менува својот изглед. Тука е Палатата на Арафат и на некои други богати Палестинци кои овде доаѓаат во зимските месеци кога температурата изнесува од 17 до 20° Целзиусови.

Во летниот период овде е многу топло со температура од околу 50° Целзиусови. За туристите и за другите посетители Ерихон е привлечен и со богата историја. Тоа е прв град освоен од Џошуа, кој е опфатен во територијата на племето Бенјамин. Локацијата на тогашниот антички град била на северозападниот дел  на сегашниот северен Ерихон. Затоа, ова место е едно од најголемите предизвици за археолозите, зашто со ископините се откриени остатоци од повеќе периоди, почнувајќи од неолитот па сѐ до раните и средните таканаречени канаан периоди.

Овде се откриени и изворите на Елиша, а западно од градот се Херодовите западни палати од периодот на Макабите. Откриени се остатоци од синагоги изградени во VI век со мозаичен под. Во непосредна близина на Ерихон протекува и реката Јордан, која подолу се влева во Мртвото Море.

Тука на реката Јордан до градот Ерихон, според библиските преданија е местото каде што Јован Крстител го крстел Исус Христос. Но, тоа место сѐ уште не е отворено за крштавање на христијаните што доаѓаат овде. Тие се крштаваат, според обичајот од библискиот период, во реката Јордан на местото покрај Галилејското Езеро. Според Новиот завет, Ерихон е и местото каде што Духот го повел Исус низ пустината за да биде искушуван од ѓаволот.

Продолжува

 New Katin

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

МАСЛИНОВАТА ГОРА И ЕРУСАЛИМ

Ерусалим е распослан на неколку суви, вжештени и безводни ридишта со што доминира над сета околина. Многубројните цркви, други верски објекти и модерни градби му нудат контрастна слика на восхитениот посетител. Месностите Маслиновата Гора, Голготата и Гетсиманската Градина, како и цвеќињата во дворовите на богатите ерусалимци му даваат посебна убавина и привлечност, за што и странецот за овој град добива впечаток дека тој е создаден само за филмско платно или за прекрасна разгледница

На старохебрејски јазик „Ерусалим“ значи „град на мирот“. Арапите го викаат Ал–Кудс што значи „свет град“. Евреите, христијаните и муслиманите веруваат дека Господ е еден и единствен. А да веруваш во Господ значи да посакуваш мир за себе и за другите. Маслиновата гранка е симбол на мирот. Во близината на Светиот град се наоѓа Маслиновата Гора во која Исус ја оплакувал судбината на Ерусалим.

Навистина, историјата на Ерусалим е вечна борба меѓу маслиновата гранка и мечот. Светиот град и местото каде што се преплетуваат трите големи монотеистички религии, со векови е сведок на највозвишените чувства и најниските страсти, особено, кога псалмите ќе станат дел од политичките говори.

Прогласувањето на императорот Константин за цар во 313 година значи пресвртница во историјата на Црквата. Константин, не само што се покрстил, туку христијанството го издигнал на ниво на државна религија, пред сè, зашто во него гледал обединувачка сила за своето поделено царство. Со тоа христијанството станало официјална религија во Ерусалим. Во тој период почнале да се градат манастири и цркви, а стариот дел бил обновен и претворен во модерен трговски центар, кој претставувал вистинска туристичка атракција.

Подоцна, во 634 година, калифот Омар го освоил Ерусалим и го вовел Коранот, а градот го нарекол Град на храмови. На ридот на храмовите никнале нови храмови а се градел и познатиот Храм на молитвата. Но, како што се граделе новите храмови, така се уривале и старите. Така, во 1012 година агресивниот калиф Ал–Хаким ги разурнал синагогите и црквите, по што Ерусалим станал мал град со едвај 30 илјади жители.

Со Ерусалим Арапите владееле 450 години, сè до доаѓањето на крстоносците во 1099 година, кога тие Ерусалим го претвориле во свет град. Тогаш тие ги масакрирале муслиманите и Евреите, а градот останал центар на крстоносците, добивајќи ново име Ерусалимско Царство. Во тој период крстоносците ги обновиле и познатите христијански места.

Меѓутоа, во 1250 година градот го освоил Мамелук, а Ерусалим станал мал неважен град далеку од светот со само околу 10 илјади жители. Се вратил исламот и започнале да се градат исламски свети места. Турската власт, пак, се зацврстила за времето на Селим Први кој го освоил во 1517 година. Дури пет векови подоцна, Ерусалим почнал да се менува и да јакнат европските интереси за Блискиот Исток.

maslin2

Маслиновата Гора

За време на Првата светска војна овде навлегла британската војска и воспоставила британски мандат и власт. Подоцна, на 29 ноември 1947 година, со одлука на Обединетите нации градот станал интернационален и поделен на два дела. Така, во Стариот град живееле муслиманите, а во Новиот град живееле Евреите.

Вака поделениот град останал сè до војната во 1967 година, кога по израелската поделба двата дела се споени во единствена целина на денешниот Ерусалим, кој со изградбата на новите населби многу брзо се ширел по издигнатите ритчести предели. Оттука и се вели дека по површината што ја зафаќа, тој е најголем град во Израел и е најблиску до Јудејската Пустина.

Сепак, со тоа спојување и со масовното ширење на градот, речиси ништо не е изменето, затоа што тој и понатаму останува поделен како што бил порано на стар и нов дел. Стариот град и денес го сочинуваат четири дела: еврејски, ерменски, христијански и муслимански, кои се обиколени со ѕидишта од сите страни. Секоја страна е долга по околу еден километар, а целата ѕидна обиколка е од ерусалимски камен.

На места има блокови тешки и по 400 тони. Тука се и осумте порти, од кои секоја за себе има своја историја, свое значење, своја судбина и свое свето име. Тоа се Портата на Давид, Златната порта, Портата на свети Стефан, Јафа портата, Портата Дамаск итн.

Во текот на нашиот престој во Ерусалим бевме информирани дека Маслиновата Гора во Ерусалим е поврзана со преданијата за Спасителот  Исус Христос, кој „ќе се врати и ќе дојде овде да ги воскресне мртвите“. Според преданијата, тие што се најблизу до местото од каде што ќе доаѓа Спасителот, ќе воскреснат најбрзо. Затоа за да се купи место овде, за малата парцела за урната со посмртните останки се плаќаат по 5.000 долари. Странските државјани, пак, од кои во последно време сè почесто се изразува желбата „да почиваат во вечниот мир на Маслиновата Гора“, нудат многу повеќе.

Честопати низ шега Израелците меѓусебно си дофрлуваат дека едвај чекаат да умрат за да бидат погребани на Маслиновата Гора. Но, колку и да е тоа шега, сепак, непобитен е фактот дека ова е едно од најобожаваните места кое е поврзано и со непрегорот со подигањето на градот на овие ритчести предели, со желба да се опстои во тешкиот живот во пустината.

Целиот овој простор порано бил со маслинови дрвја кои давале богат плод, со што ридот го добил и своето име Маслинова Гора, кое се користи и денес. Тогаш маслинките биле единствените плодови, со чија преработка и трговија можеле да се обезбедат минималните потреби за живот. Со огромни камени тркала издлабени во пештерите се пресувале маслинките за да се добие маслиново масло.

Оттука и не случајно се вели дека производството на масло е еден од најстарите занаети и датира повеќе од 2.000 години. Сега со ова производство се занимаваат некои кибуци каде се подигаат нови плантажи со маслинови дрвја, а се изградени и современи индустриско-преработувачки капацитети.

Денес над Маслиновата Гора се вкрстуваат патиштата на трговијата со многу други производи, што не е ништо необично, па секојдневно овде на камената ограда што ја дели Маслиновата Гора од сообраќајницата има продавачи на разни сувенири и други украсни предмети. Тука најчесто застануваат и автобусите на разните туристички и бизнис-групи што доаѓаат во посета на светата земја. Има и зошто, бидејќи оттука на целиот овој простор можат да се видат најсветите места и други историски споменици интересни за секој дојденец.

maslin3

Ерусалим

Според преданијата, пак, Исус Христос набљудувајќи го Ерусалим од Маслиновата Гора, рекол: „О Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците, и ги каменуваш оние кои ти се испратени, колку пати сакав да ги соберам децата твои, како што кокошката ги собира, пилињата под крилјата свои…“

Често се вели дека никој не може да го разбере човештвото, ако не ги разбира неговите вери, зошто религијата го обзема и човечкиот живот од најраните времиња. Според библиските преданија, во Ерусалим, во текот на вековите, доаѓало до судири меѓу разни вероисповеди за поседување на правото на светите места. Во црквата на Светиот гроб, местото каде што Христос е погребан и воскреснал, најсветото место меѓу христијаните, во текот на овие расправии, свештениците се тепале, па дури и се убивале едни со други.

Се смета дека Кримската војна барем делумно била предизвикана од расправиите меѓу европските сили кои поддржувале разни цркви и настојувале да докажат дека имаат право над светите места. И денес, многу земји овде градат цркви во својство на амбасади, обидувајќи се на тој начин да го обележат своето присуство на Светата земја. За жал, Македонија како библиска земја нема свое духовно катче во Ерусалим или на друго место во Израел, прашање кое треба да се остави на идните генерации да го реализираат.

Продолжува

 New Katin

Пишува: СЛАВЕ КАТИН