Евентуален договор за надминување на децениските спорови, како грчко-македонскиот за името, на пример, се смета дека може да биде чекор кон помирување на двете страни, а како клучно се посочува градењето на довербата меѓу луѓето во двете општества.
Според укажувања на академската и стручната јавност, модел за посакуваното помирување на овој и други слични спорови може да биде Елисејскиот договор, склучен меѓу Франција и Германија во 1963 година, од страна на претседателот на Петата Република, Шарл Де Гол, и германскиот канделар Конрад Аденауер. Договорот означи историски пресврт во односите меѓу двете земји и почеток кон нова заедничка европска иднина.
Во исчекување на конечното решение за името разговаравме со амбасадорите на Германија и на Франција, Кристиан Тимоние и Томас Норберт Герберих. Во два одвоени написа МИА ќе се обиде да ја објасни сликата за суштинските придобивки од Елисејскиот договор и насоките што тој може да им ги понуди на Македонија и Грција. Првиот поглед ќе биде германскиот, а утре ќе го објавиме и францускиот.
Господине амбасадоре, дали Елисејскиот договор од 1963 година, што означи нова ера во односите меѓу Франција и Германија и почеток на нивната заедничка иднина, може да се примени и во случајот на Македонија и Грција како модел/договор?
– Германско-француското помирување по завршувањето на Втората светска војна и воспоставување на тесното пријателство меѓу нашите две земји, засновано врз тесни граѓанско-општествени односи, е еден од најголемите успеси на француската и германската надворешна политика. Не постојат две држави во светот, кои во јавниот и социјалниот живот се потесно поврзани. Тоа треба да биде пример и за државите од Западен Балкан и поширокиот регион.
Новата македонска Влада, од инаугурацијата во јуни 2017 година до денеска, покажа политичка волја за преземање на потребните чекори, што овозможуваат не само добрососедски соживот во регионот, туку треба да донесат и брз пристап кон ЕУ и НАТО.
Во надворешната политика, Владата презеде клучни чекори за намалување на тензиите во односите со соседските земји и особено на нивното подобрување, на пример, потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и обновување на добрососедските односи со Грција.
Помирувањето мора да го одреди делувањето. Германија и Франција покажаа дека тоа може да успее.
Примерно е и основањето на Германско-француската младинска организација на 5 јули 1963 година. Младинската организација Регионална младинска канцеларија за соработка (RYCO), основана во јули 2016 година во Париз, експлицитно се потпира врз нејзиниот германско-француски претходник. Создавањето на еден таков инструмент може да се претпостави и со Грција, бидејќи зачувувањето и продлабочувањето на постигнатото зависи пред сé од идните генерации.
Кои се аспектите од Договорот во однос на градењето доверба меѓу двете земји, применливи и во македонско-грчкиот случај?
– Во однос на обединувањето на Европа, Елисејскиот договор денеска важи како „погон“ во често цитираниот „германско-француски мотор“. Елисејскиот договор го овозможи развивањето на пријателството меѓу Французите и Германците и останува политичката, правната и симболичната основа за примерна соработка меѓу нашите држави. Тоа може да се користи како пример и во однос на градење на довербата меѓу други земји, не само за внесување нова динамика во билатералното партнерство, туку за зајакнувањето на добрососедските односи во Балканскиот регион и во целокупниот европски простор.
Македонско-грчките односи во последните месеци се интензивираа на сите нивоа. Имаше низа билатерални проекти, ставовите околу решението за прашањето со името се зближија. Сега треба да се превземат уште поинтензивни напори за изнаоѓање на компромисни линии, што ќе овозможат спогодба.
Понатамошното подобрување на македонско-грчките односи може да биде појдовна точка за сите држави во регионот и за целокупното интензивирање на соработката, а притоа ни една земја да не се запостави.
Која е неговата вредност од историски аспект по 55 години од потпишувањето и спроведувањето?
Елисејскиот договор беше склучен во 1963 година од страна на тогашниот Сојузен канцелар Конрад Аденауер и францускиот претседател Шарл де Гол. Тој е основа на германско-француското пријателство, 18 години по завршувањето на Втората светска војна. Договорот опфаќа три клучни области: обврзувачки механизам на консултации, според кој владини претставници од двете држави редовно треба да имаат средби – на највисоко ниво меѓу претседател и канцелар, како и на ниво на министер и раководен службеник. Покрај тоа имаше спогодби во врска со надворешната, европската и одбранбената политика и се донесе одлука за тесна соработка во однос на културната и младинска политика.
Негов клучен елемент од самиот почеток беа средбите меѓу Германците и Французите: 180 академски програми за размена, една германско-француска телевизиска станица, 2.200 партнерства меѓу градови, една заедничка високо образовна установа, билингвални градинки и повеќе од осум милиони млади Германци и Французи, кои учествуваа во заеднички програми за размена.
Од поранешните „вечни непријатели“ станаа најважните партнери во Европа, кои заедно ги обликуваат основите на трајно мирна Европа, изјави амбасадорот Герберих за МИА.