В недела ќе се одржи 34. „Мариовско-Мегленска културна средба“

Традиционалната манифестација „Мариовско-Мегленска културна средба“ ќе се одржи в недела на 3 јуни во манастирот „Свети Илија“ кај селото Витолиште во Мариово. Од здружението „Мариовско-Мегленски културни средби“ нудат богата културна програма и очекуваат пак да се соберат некогашните и сегашни жители на оваа најголема, но и најпогодена област со раселувањето, за да ги зачуваат традициите, карактеристиките на овој голем граничен крај.

– Никогаш не ги забораваме сеќавањата на животот во родното Мариово, без разлика каде се иселени Мариовци. Најмногу во Прилеп, Битола, Кавадарци, но ги има и во другите градови, а и низ државите во светот. Преку оваа манифестација што се одржува веќе 34-та година сакаме да потсетиме на традициите, на посебностите, на богатата историја што ја има Мариово со надеж дека може да заживее, изјави Стојан Ѓуроски, претседател на здружението „Мариовско-Мегленски културни средби“.

Програмата на манифестацијата почнува в недела од 10 часот во манастирот „Свети Илија“ кај Витолиште. Прво ќе биде посетена спомен-костурницата во селото Витолиште, а културно-уметничката програма ќе биде збогатена со настап на Културно-уметнички друштва од Битола, Прилеп, селото Логоварди, а ќе настапат и акерите од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“. Традиционално, на манифестацијата ќе бидат наградени најдобрите поетски творби кои пристигнаа на конкурсот што редовно го распишува Здружението на тема за Мариово.

Ѓуровски се надева дека ќе може да се вратат и да присуствуваат на овие средби жителите од Меглен, област во Грција со која Мариовци со векови соработувале.

– Мариовци и Мегленци вековно се поврзани со трговски, добрососедски, но и со лични врски, зашто не било реткост склучувњето бракови. Се надеваме дека со решавањето на спорот меѓу двете земји ќе може слободно да се обноват врските помеѓу двата региона, вели Ѓуровски кој изразува задовоство од соработката со прилепската локална самоуправа.

За сите заинтересирани посетители на манифестацијата „Мариовско-Мегленска културна средба“ в недела ќе има организиран превоз до манастирот „Свети Илија“ кај селото Витолиште во Мариово.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *