Во овие 27 години парламентарна демократија направени се квалитетни чекори со кои Собранието на Република Македонија, а со тоа и нашата држава, станува дел од современиот демократски свет. Доказ за ова е и последниот извештај на ЕК во кој безусловно се предлага добивање на датум за почнување преговори со ЕУ, истакна денеска претседателот на Парламентот, Талат Џафери, на конференцијата „Градење на модерни, професионални и претставнички парламенти“.
Како претставнички домови на граѓаните, вели тој, доколку навистина сакаат да бидат демократски институции треба да работат транспарентно и да бидат отворени за граѓаните.
Џафери ги информираше гостите, пратениците и други претставници од Американскиот конгрес и невладиниот сектор од повеќе земји дека Собранието има современа веб страница, стрининг во живо на пленарните седници, дека во архивата може да се најдат сите пленарни седници од осамостојувањето до денес.
– Уште поважен е фактот што преку нашата веб страница граѓаните можат да се обратат до својот пратеник, а можат да се пријават за посета на Собранието, рече претседателот на Парламентот. Преку собранискиот канал директно се пренесуват сите пленарни седници, како и комисиската расправа за донесување на буџетот. А, како што истакна, во тек се и многу други сериозни подготовки за формирање на посебна собраниска телевизија.
На дводневната конференција организирана од HDP (Хаус Демокраси Партнершип) во соработка со НДИ, УСАИД и ИРИ зборуваше и американскиот амбасадор Џес Бејли.
-Парламентарците играат клучна улога во воспоставување на структурите и нормите што ги присилуваат институциите и функционерите да бидат отворени, инклузивни и отчетни, истакна амбасадорот Бејли.
Тоа е она што им помага на граѓаните, додаде тој, подобро да ја разберат природата на власта.
За Македонија и за македонскиот Парламент, рече дека постојат многу структури и правила за отвореност и транспарентност, но оти тоа често пати се сведува на индивидуалните одлуки на лидерите и зависи од нивното однесување.
-Законодавците треба да бидат модел за таквото ракводоство, за промовирање на отворена дискусија и она што ги инспирира граѓаните да инсистираат на влада што е поотворена, поинклузивна и поотчетна, рече тој.
Пречесто кога нешто не функционира, смета Бејли, а се однесува на отвореноста, инклузивноста, немањето отчетност или владеењето на правото, граѓаните креваат раменици и велат тоа е така.
– И тоа е она што сакате да го избегнете… луѓе кои креваат раменици. Треба да се фокусирате на ангажманот на граѓаните. Тоа е она што е најважно, суштинско прашање, рече американскиот амбасадор Бејли, додавајќи дека се потребни постојани напори за тоа.
На дводневната конференција има повеќе сесии чии теми опфаќаат: Градење отвореност: Отворено владино партнерство и HDP, работење со партнерите за парламентарен развој, Градење транспаретност: Како да се зајакнат релациите помеѓу парламентите и организациите на граѓанското општество, Надминување на јазот на инклузијата, Новости и предизвици во создавањето на модерни и инклузивни парламенти: Косовски пример, РМ: Законодавни решенија за градење доверба со јавноста, Градење транспаретност преку комуникации и информирање на граѓаните, Новости и предизвици во создавањето на модерни и инклузивни парламенти: Киргиски и пример од Шри Ланка, Модернизација на институциите преку зајакнати парламентарни истражувања и обуки.
Обраќања ќе имаат претставници и советници од американскиот Конгрес, од УСАИД, од организацијата Отворено владино партнерство, пратеници од македонскиот, грузискиот, киргискиот и Парламентот на Шри Ланка, како и претставници на невладиниот сектор.