Министрите за одбрана на Република Македонија и на Република Бугарија, Радмила Шекеринска и Красимир Каракачанов, како и началникот на бугарската армија генерал Андреј Боцев денеска ќе присуствуваат на Денот за демонстрација на способностите на специјалните сили на армиите на Македонија и на Бугарија.
Како што информираат од бугарското МО, демонстрацијата ќе се одржи на полигонот Логодаж со што ќе заврши заедничката подготовка на специјалните сили на двете земји. Демонстрацијата вклучува способности за дејствија по исполнување на мисиите за специјално разузнавање и неутрализирање на терористи.
Заедничката бугарско-македонска вежба на силите за специјални операции која што започна на 7 мај, а завршува денеска, се спроведуваше во реоните на градовите Пловдив и Благоевград.
Во вежбата учествуваа група за специјални операции од баралјонот за специјални операции – „волци“ при АРМ и група за специјални операции од 3-от баталјон на специјалните сили, кој е дел од 68. Бригада на специјални сили во Армијата на Бугарија. Во рамки на заедничките подготовки беше спроведено стрелање во Центарот за обука „Црнча“, тактички вежби со користење на воздухопловни средства и комплексни тактички дејствија за специјално разузнавање и директни дејствија.