Прва парламентарна средба во рамки на Жан Моне процесот

Во Охрид вечер почнува првата парламентарна средба во рамки на Жан Моне процесот инициран од тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн.

Македонските народни избраници од сите пратенички групи, предводени од претседателот на Собранието Талат Џафери и тројцата, потпретседатели, ќе разговараат главно за прашања поврзани за Деловникот за работа на Парламентот, Етичкиот кодекс и буџетската независност. Но, пратениците кои ќе учествуваат на дводневниот состанок во Охрид велат дека не е исклучена можноста таму да се отворат и други прашања.

Официјално состанок ќе започне вечер со обраќања на тројцата европратеници. Иако се најавуваше можност, еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, нема да допатува во Охрид туку ќе има видеообраќање. Разговорите се во текот на утрешниот ден, а треба да финишираат со вечера на која се поканети и лидерите на парламентарните политички партии премиерот и прв човек на СДСМ Зоран Заев, претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, на Алијансата на Албанците Зијадин Села и од Беса Билал Касами. Доколку се одржи би можело да биде првата средба на лидерите на овие партии, по денешните разговори на Заев со грчкиот премиер Алексис Ципрас на Самитот во Софија.

Средбата во рамки на Жан Моне процесот може да се смета како дел од реформите во земјата имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од планот 3-6-9, а овие разговори треба да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.
На средбата во Охрид и претходеа усогласувања на ставовите на пратеничките групи, особено за Деловникот за работа на Парламентот и за Етичкиот кодекс. Од пратеничките групи за МИА информираат дека има голем број усогласени прашања, но оти има и такви за кои владејачкото мнозинство и опозицијата немаат постигнато договор.
Она што го бараат владејачките партии предводени од СДСМ, а не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ,  е ограничување на расправата за секој закон на три дена, како и да се дефинираат формите на  пратеничките групи.
Од друга страна опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ бараат независен собраниски буџет односно Министерството за финансии да не одлучува за буџетот на Собранието, како и посебен независен статус на собраниската администрација, за законите по скратена постапка да се гласа со двотретинско мнозинство, да постои можност за утврдување одговорност за прекршување на Деловникот од страна на претседавачот со пленумот или работното тело и ограничување на бројот на потпретседатели и заменици на генералниот секретар.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери во понеделникот во изјава за МИА рече дека на средбата во Охрид очекува власта и опозицијата да постигнат крајна усогласеност за прашањата поврзани за измени во Деловникот. Битно е, вели тој, тоа што се покажало како спорно да се усогласи. Џафери смета дека, исто така, е потребно усогласување во  однос на прашањето за целосно отворање на Деловникот во некој нареден период. Средбата во Охрид, според него, би требало да биде уште еден придонес кон, условно кажано, враќање на политичката култура во Парламентот.
Во однос на финансиската независност на Парламентот, тоа е прашање што било отворено во Вилтон парк и оти за ова е потребен подолг временски период  и дебати.