Тони Дескоски, професор по меѓународно право на УКИМ

Со Тони Дескоски, професор по меѓународно право на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, кој беше застапник на Република Македонија пред Меѓународениот суд во Хаг во спорот против Грција за нарушување на Времената спогодба, разговаравме за аспектите за гаранциите при евентуален договор за спорот за името меѓу двете страни.

При евентуален договор за името Грција инсистира на промена на Уставот, а Македонија е за меѓународен договор. Што е најцврста гаранција за почитување на договореното?

– Во последните неколку недели  јавноста доби информации за текот на преговорите околу спорот за името и тоа од самите учесници. Според она што е пласирано, двете страни постигнале согласност за преименување на нашата држава во Република Горна Македонија (Republic of Upper Macedonia).

Останале само две точки на разликување: Прво, Грција бара договореното ново име да биде и за внатрешна употреба (како што всушност секогаш и го барала), додека нашата влада прифаќа тоа име да биде само за меѓународна употреба. И второ, Грција бара од нашата земја да се обврзе дека промената на името  на Република Македонија (за меѓународна и внатрешна употреба) ќе биде извршено и преку измена на Уставот, што би била спроведена веднаш. Усвојувањето на таквата измена би била услов за покревање на Грчката блокада за членство во НАТО. За разлика од тоа, нашата влада прифаќа Република Македонија да се обврзе на промена на името само со меѓусебен меѓународен договор  кој би стапил во сила со ратификацијата во двете земји, но подготвена е и да ја обврзе нашата земја и на уставна измена, но уставната измена да се изврши непосредно пред влезот на државата во Европската унија, кога ќе се спроведе и референдум, односно за десетина години од сега.

Моето мислење е дека ваква крупна промена, каква што е менување на името на државата, било да е тоа само во меѓународните односи (билатерални и мултилатерални) или и во внатрешниот правен промет, мора да биде проследено со уставна измена. Во нашиот уставно-правен систем, меѓународните договори не се над Уставот, па согласно тоа, Уставот не може да се менува со меѓународен договор. Независно дали со конечниот договор меѓу двете земји ќе се предвиди промена само на меѓународното име на државата во Република Северна Македонија, или со таквиот договор нашата земја ќе се обврзе за промена на името во Република Северна Македонија и за внатрешна употреба, уставна измена мора да има. Мора да има уставна основа за утре нашиот премиер да настапи како премиер на Република Северна Македонија, или за со закон да се предвиди промена на образецот за пасошот, за на него да се стави новото име на државата. Разликата ќе биде единствено во содржината на уставниот амандман – дали во него ќе се предвиди дека новото име е за севкупна употреба или е само за меѓународна употреба. Обезбедувањето на потребното мнозинство во Собранието за измена на уставот  е домашна задача на нашата страна, не е на Грција.

Што се однесува до меѓународен договор, може ли да се има гаранција ако се има предвид почитувањето на Времената спогодба и пресудата на Судот во Хаг?

– Поради хоризонталната поставеност на државите во меѓународната заедница, нема можност за апсолутна гаранција за која било обврска. Низ историјата има безброј примери кога големите сили водени од сопствениот интерес, ги повлекуваат сопствените гаранции, како на пример гаранцијата за интегритетот на Белгија пред почетокот на Првата светска војна.

Во правната теорија, за многу силна гаранција се смета предвидувањето на  надлежност на Меѓународниот суд на правдата за споровите од еден меѓународен договор. Но, видовме дека токму сојузниците силно ја подржуваат Грција во кршењето на Времената спогодба од 1995 година, со цел нашата земја да биде принудена да го промени своето име по Грчки терк.

Дали ќе бидат потребни силни меѓународни фактори како САД и ЕУ да бидат гарантори на договорот?

– Во случајот со спорот за името, Грција ги прекрши преземените обврски во најмалку две ситуации. Прво, во 1992 година, откако тогашниот министер Андонис Самарас се обврза пред своите колеги дека се согласува Република Македонија да биде признаена доколку ги исполни дополнителните три критериуми поставени од Грција, а кои критериуми не важеа за другите Југоловенски републики. Вториот пат, кога Грција отворено и дрско ја повреди Времената спогодба со ставање вето на нашиот прием во НАТО на Самитот во Букурешт, отворено декларирајќи дека тоа го прави за да ја принуди нашата држава да го смени своето име на начин како што и одговара на Грција. Навистина не гледам со што би можела да гарантира која било трета земја (на пример, САД, Германија) дека Грција ќе ги почитува своите обврски. На Грција, пак, не и треба никаква гаранција дека нашата земја ќе го почитува ветеното, бидејќи таа е појаката страна и има многу механизми да не принуди да се сообразиме со ветеното.

Што доколку некоја нова власт, со обезбедено двотретинско мнозинаство, повторно посака да го промени Уставот и прашањето на името го врати во претходната состојба? Дали тоа нема да наликува на „поигрување“ со Уставот ? 

– Со договорот што би се постигнал со Грција за суштинско преименување на нашата држава во „Република Горна Македонија“, нашата држава би презела две обврски: прво, да се промени името на државата според договорената содржина (на пример: Република Горна Македонија) и второ, преименувањето да се изведе според договорената динамика и модалитети. Значи, измената на нашиот Устав со која ќе се создаде уставна подлога за преименување на нашата држава во „Република Горна Македонија“ (независно дали е тоа само во меѓународните односи или е и за  внатрешна употреба), всушност ќе биде дејствие на исполнување на преземената меѓународна обврска. И зад тоа дејствие ќе застанат сите НАТО и ЕУ сојузници. Приемот во НАТО и ЕУ е всушност наше пристапување кон меѓународните договори за овие меѓународни асоцијации. Нашата земја ќе биде примена во НАТО и ЕУ под новото име и користењето на тоа име во договорениот обем ќе биде обврска која нашата земја ја презела при пристапување кон тие два договори. Оттука, подоцнежна еднострана уставна измена спротивна на уставната измена која сме ја извршиле во договор со Грција, ќе биде кршење на нашите меѓународни обрски. За да се прикаже сликовито како тоа ќе изгледа, би можело да се спореди со ситуација во која на пример, денес нашето собрание би изгласало нов закон за знамето со шестнаесеткракото сонце (кое Грција го нарекува Сонцето од Вергина). Или да ја оспориме државната граница со Грција? Можете да замислите колку ќе биде жесток одговорот не само од Грција, туку и од останатите НАТО и ЕУ членки на ваквата наша екскурзија. И тука нема воопшто да ни помогне тоа што би биле НАТО или ЕУ членка. Едноставно, по постигнувањето на договор за спорот за името, нашата држава како послаба страна, ќе нема ниту милиметар маневарски простор. И тоа е фер. Затоа треба многу внимателност во поглед на меѓународните обврски кои ги преземаме, затоа што од нас ќе се очекува и да ги исполниме, а не да нудиме алиби одговори за пропустите да се испорача договореното.