Манчевски: Советниците на премиерот ги бира самиот тој, нивниот број е значително помал од порано

Советниците на премиерот ги бира самиот тој. Нивниот број е значително намален за разлика од порано, а некои од нив се ангажирани без никаков финансиски надоместок, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Одговарајќи на новинарско прашање околу најновиот список за ангажирање на 56 советници во Владата, министерот Манчевски рече дека во овој случај воопшто не се работи за администрација, туку за советници на премиерот.

– Надоместокот којшто се договорил за Џезерир Шаќири е договорен меѓу него и Кабинетот на премиерот така што нема ниту нешто чудно во ова, ниту е тоа нова пракса. Напротив значително е намален бројот на советници и за разлика од порано кога советниците биле многу повеќе плаќани, сега некои од нив, работат без никаков финансиски надоместок, истакна Манчевски.