Грчките „Семакедонските сојузи од светот“, во допис до министерот за надворешни работи Никос Коѕијас бараат прекин на преговорите за името .
Како што јави дописничката на МИА од Атина, станува збор за грчките организации кои беа дел од организаторите на протестите во Солун и Атина за „одбрана на името Македонија“.
„Веднаш треба да се прекинат преговорите и да запрете да го понижувате достоинството на Грците во целиот свет, со отстапливоста и со вашето инсистирање да им го подарите името Македонија на робовите од Скопје“, му пишуваат на Коѕијас и велат дека тој има обврска да ја земе предвид одлуката од лидерската средба во 1992 и несогласувањето на грчкиот народ за постоење на името Македонија во името на „соседната централно- балканска држава“.
Во дописот пишуваат дека, според објавените информации, „јасно е дека преговорите се стигнати до ќорсокак“ поради неприфаќањето на ерга омнес име и уставна промена од македонска страна.
-Не постои никаква причина, Вие, претставувајќи ја грчката страна понижувачки да молите да продолжат преговорите кога веќе направивте болни и историски неточни отстапки, прифаќајќи сложено име кое го содржи терминот Македонија, му пишуваат на Коѕијас од „Семакедонските сојузи од светот“.
Писмото го потпишуваат организациите од САД, Австралија, Канада, Африка и Грција.