Шекеринска во официјална посета на САД на средба со секретарот за одбрана Матис (видео)

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска престојува во неколкудневна официјална посета на САД.

Шекеринска во Вашингтон, во вторник, на 1 мај, ќе се сретне со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, што ќе биде прва официјална билатерална средба со секретар за одбрана на САД по повеќе години. На средбата ќе биде потврдено стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и САД. Средбата се реализира во пресрет на самитот на НАТО во јули во Брисел.

– Официјалната посета на САД и средбата со секретарот за одбрана Матис се случува во клучен период, два месеци пред НАТО-Самитот. Тоа е извонредна шанса да покажеме колку членството во НАТО е важно за Република Македонија и да покажеме дека тоа исто така носи вредности за земјите-членки на НАТО Алијансата. Со американскиот секретар за одбрана ќе разговарам за нашето стратешко партнерство, за одбранбените реформи, но и за сите оние работи кои што Македонија може да ги понуди на НАТО алијансата, во смисла на зголемена безбедност во регионот и на европскиот континент, рече Шекеринска.

Истакна дека во последните десет месеци секојдневно се работи да се врати довербата на македонските граѓани во својата држава, но исто така и да се врати довербата која странските партнери ја имаа во Република Македонија.

– Покажавме дека зборот е збор, дека она што Македонија го најавува, она што го презема, она што го ветува, го исполнува. Ова е шанса да покажеме дека Република Македонија заслужи, дека заслужува да стане членка на НАТО, изјави Шекеринска пред заминувањето во САД.

Во рамки на посетата, министерката ќе се сретне и со заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, Лора Купер, како и со високи претставници во Стејт Департментот и Пентагон, а ќе има средби и во Сенатот и Конгресот на САД.

Таа во Вермонт ќе се сретне со гувернерот на оваа сојузна држава и со командантот на Националната гарда на Вермонт. АРМ има развиена и сеопфатна соработка со Националната гарда на Вермонт, како наш партнер во реформите и развојот на вооружените сили.

Во Вашингтон, министерката ќе учествува на тркалезната маса организирана од Атлантскиот совет на САД, на тема: „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја“.

Шекеринска ќе учествува и на тркалезна маса на Националниот демократски институт, на тема „Демократската обнова на Македонија – Дали успева?“, а ќе има средба и со иселениците од Македонија.