Иво Вајгл, известувач за Македонија во Европскиот Парламент

Кои се главните пораки кои ги извлекувате од извештајот на Европската Комисија за Македонија?

– Најзначајно во извештајот секако е тоа што Македонија доби поддршка од Европската Комисија (ЕК), а имала и порано секогаш поддршка од Европскиот Парламент, за започнување на преговорите. Сега треба Европскиот Совет да се изјасни. Верувам дека работата е доволно далеку отидена да не биде доведена во прашање. Се разбира, во голема мера тоа зависи и од успехот во преговорите со Грција за името. И тука, преговарачите, и тоа е паметно од нивна страна, не’ држат во несигурност што се однесува до конкретен договор. Мислам дека во оваа ситуација не е најдобра идеја да се објавуваат пристрасни информации кои внесуваат заблуда. Најдобро е преговарачите да преговараат во дискреција.

Дали мислите дека се реални шансите европските лидери да дадат датум за Македонија во јуни или јули?

– Јас верувам дека е. Не сум во ситуација да говорам во име на грчката страна, меѓутоа мислам дека и грчката страна се однесува доста кооперативно и со желба за добрососедски односи. Што се однесува до македонската страна, мислам дека не само што беше подготвена да направи отстапки, да се договори за вистински компромисно решение дури и да е тешко за македонската јавност. Тука од одлучувачка важност е во Македонија да се постигне консензус околу решението бидејќи тоа решение може да биде само со согласност на сите партии, бидејќи денес е во прашање навистина иднината на Македонија во ЕУ. И се надевам дека таква поддршка за решение навистина ќе се оствари.

Знаеме дека Грција може да биде проблем за старт на преговори, тоа не е ново, но го слушнавме и претседателот на Франција околу отпорот на неговата земја кон проширувањето. И не е само Франција. Како со тие држави?

– Јас верувам дека нема да има несогласувања околу тоа, верувам дека и Франција ќе даде согласност. Видете, се создаваат тука колатерални проблеми. Да речеме Шпанската влада изрази резерви кон Косово од свои внатрешни политички причини, така што сите тие причини играат улога во европската политика пред да се постигне единствен став. Сепак, јас верувам дека сега таа работа толку време се разговара во европските институции што не би требало да има проблеми.

Ако Грција повторно блокира, има ли можност сепак да започнат преговорите со ЕУ и паралелно да одат процесите?

– Тоа беше барањето на ЕП последниве години. Јас како известувач секогаш сум го нагласувал и сум добивал поддршка за тоа, дека не треба да се чека конечен договор за да започнат преговорите, туку дека треба да се отворат преговорите за членство, оние поглавја кои може да се отворат, меѓутоа би било неодговорно сега ако пробам да го предвидам непредвидливото. Мислам дека грчкиот став ќе биде резултат на една комплексна оценка, дали Грција го постигнала тоа што сакала во преговорите за името, а останатите работи не мислам дека се од таква природа да можат да оправдаат вето.

Ја подготвувате сега резолуцијата на Европскиот Парламент за Македонија, кои ќе бидат главните критики?

– Видовте во текстот на извештајот на ЕК дека е даден еден општ став дека Македонија чекори напред на речиси сите подрачја, со тоа што, се разбира, процесот на реформи сеуште заостанува поради политичката криза која се случи, а е малку условено со тоа дека опозицијата долго отсуствуваше од Парламентот, што не беше добро и во претходниот мандат. И тогаш тоа го критикувавме, а тоа не е добро ни сега. Така што многу од тоа ќе зависи од способноста на македонските партии да соработуваат, посебно на оние работи кои се во тој европски пакет. Јас сега кога ја следат политичката атмосфера во Македонија сите се согласуваме дека е подобрена ситуацијата, дека реториката е смирена, меѓутоа сеуште има претерани обвинувања, паушални, и од една и од друга страна. Така што за Македонија да влезе во една кредибилна фаза на демократија треба да се престане со таа желба за постојано натпреварување. Не е секогаш предизборна атмосфера, не е секогаш предизборно време. Кога ќе се добијат или изгубат избори треба да се каже „еве сега има одговорност тој кој формираше влада“ и да им се даде можност на граѓаните да здивнат и да се опуштат. И до таа точка Македонија сеуште не дошла.

Сметате ли дека е подобрен политичкиот дијалог генерално, и тука се наметнува прашањето за процесот Жан Моне, кој треба да продолжи во мај, дава ли резултати?

– Тој процес е едно споредно место на случувања, кое треба да биде сфатено како продолжен период на барање начини за постигнување консензус, за демократско договарање, па дури и за јакнење на личната емпатија помеѓу членовите на Собранието. Тука ЕП може да биде пример, затоа што ние тука имаме политички резултати, а имаме и начин да избегнеме конфронтација кога таа не е потребна. Има и правило „да се согласиме дека не се согласуваме“ по некои прашања, но одиме понатаму и ја почитуваме волјата на мнозинството. Таа средба е на 17 и 18 мај во Охрид. Тоа беше посебна желба на некои од учесниците да не биде почетокот на процесот надвор од Македонија. Гледам дека Охрид е доста активен периодов, формирана е група на угледни политичари кои го поддржуваат членството на Македонија во НАТО. Го поздравувам тоа и би бил задоволен луѓето од тој формат да бидат заинтересирани да учествуваат во процесот Жан Моне. Меѓутоа во оваа фаза акцентот е ставен на тоа дека покрај политичари вклучивме и експерти, треба да разговараме со нивна асистенција и нивното познавање на Собранието, демократијата, условите за работа итн. Тоа нема да биде класично политичка работа, туку и стручен дијалог, со учество на сите партии застапени во Собранието.

Ќе влезе ли во извештајот тој контроверзен закон за јазици?

– Сигурно е дека ќе биде споменато тоа прашање и ќе настојуваме да го ставиме во контекст на јакнењето на внатрешната стабилност и согласноста во македонското општество. Што се однесува до мене, јас сметам дека треба да се биде многу чувствителен кога се работи за тоа прашање, односите помеѓу етничките заедници, тоа се секогаш чувствителни прашања. Една од карактеристиките на таа голема политичка промена, која настапи по изборите е тоа дека албанските партии и гласачи добија едно ново чувство и сигурност дека поактивно учествуваат во јавниот политички живот. Тоа е голем плус. Посебно затоа што порано или подоцна во Македонија ќе треба да се направи попис на населението, да не се зборува на памет за состојбата на разните заедници, но сигурно кога станува збор за Албанците во Македонија станува збор за силна заедница и тоа не смее да стане предмет на меѓупартиски препукувања, туку на демократски стандарди. Стандарди кои важат во државите на ЕУ и кои треба да важат за земјите кандидати за ЕУ. Жалам што за тој закон се говори со остар јазик и дури со јазик што е на раб на говор на омраза.

Го делите мислењето на комесарот Хан и претседателот Јункер дека регионот може да се соочи со дестабилизација доколку не стане регионот дел од ЕУ?

– Некогаш за тие опасности за конфликти на Балкан се зборува за да се добие полесно поддршка за проширувањето кон регионот. Меѓутоа за нас кои ги познаваме односите помеѓу нациите, земјите и религиите на тоа подрачје јасно е дека секогаш постои причина, ако се сака да се најде, за заострување на меѓетничките односи. Тоа е подрачје во кое државите сеуште не ги решиле сите гранични прашања, а тоа е секогаш деликатно прашање. Тука има и геостратешки интереси на некои држави, Турција, Русија, Кина, и се разбира и интересите на САД и ЕУ. И внатре во ЕУ има различни ставови кога станува збор за проширувањето на југоистокот на Европа. Тоа е една причина повеќе сите политичари во поранешна Југославија да се освестат дека ЕУ и светот сеуште го доживуваат регионот како целина, и ако се заостри на еден дел од регионот, тогаш целиот регион е под знак прашалник.

Се почесто слушаме дека има желба во ЕУ Албанија и Македонија да напредуваат во пакет кон ЕУ. Дали поддржувате таква стратегија?

– Јас сум кажал и порано дека најлогично би било да биде еден голем пакет, биг бенг. Ако тоа беше најдобро решение 2004-та, не знам зошто не би било и денеска најдобро решение, бидејќи големи разлики помеѓу државите нема. Јас сум и против правење ранг листи по политички критериуми и мислам дека е доволно јасно дека е заеднички став на европските институции дека сакаме да дојде до проширување 2025-та или таму некаде, но да не говориме за тоа кој е шампион во напредокот, туку да се држиме за принципот на сопствени заслуги. И тука Македонија би можела да биде прва што ќе влезе во ЕУ од сите кандидати. Секогаш предупредувам како известувач и познавач на Македонија дека ние не смееме да заборавиме дека во тие 13 години кандидатура секогаш сме истакнувале дека беше најдобро подготвена од сите. Нешто од тој кредит се изгуби за време на политичката криза, но не се. И сеуште има време Македонија со забрзано темпо да дојде меѓу најнапредните, па можеби и да биде прва.

Ако добро ве разбирам вие поддржувате давање временска рамка за проширување, така?

– Да. Стојам зад тоа што го кажа ЕК дека идеално време за почеток на нов круг на прифаќање  нови членки би била 2025-та година. Можеби и порано или подоцна. Не сум за тоа да се прават групи и Македонија да биде во специфична група ниту со Албанија, ниту со друга држава. Нека биде секој по своите способности.

– Европскиот економски и социјален комитет имаше интересен предлог, европските лидери да ги канат балканските лидери на самитите на ЕУ и со тоа да ја докажат својата заложба кон регионот. Што мислите за оваа идеја?

– Тоа би можело да се направи. Самитите се една широка платформа, може да се најде некој облик да бидат дел од самитот, а да не биде пленарна седница на членките и кандидати. Во секој случај што повеќе контакти е корисно и помага за ослобидување од предрасуди и од една и од друга страна.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи на ЕП испрати писмо до претседателот да побара регулирање на групите на пријателство во Парламентот, меѓу нив е и Пријатели на Македонија. Вие самиот претседавате со групата за Бахреин. Што мислите за ова барање?

– Мислам дека не е тоа некоја посебна иницијатива, сите ние знаеме кои се правилата на однесување на пратениците и кои се фунцкиите. Мислам дека тоа е потполно јасно и праксата е неспорна. Исто така,  е потполно познато на сите дека во ЕП има групи на пријателства со некои земји, и тоа е една комплементарна функција покрај редовната работа на ЕП. Од некои причини му се чинеше потребно да лансира идеја дека тие групи се некакво средствто за деангажирање од редовните одбори, комисии, делегации и оти некои држави ги користат тие неформални групи на пријателство да избегнат средби и контроли од овие делегации, на кои тоа им е задача, на пример во областа на човековите права. Меѓутоа мој став е, и секогаш кога сум бил во некоја група пријателство сум го користел тоа баш за да говорам за критични работи, кои не чинат, затоа што критиката од пријателите посериозно се сфаќа најчесто.

За крај, вие сте многу активен околу независнота на Каталонија во Парламентот, па како го коментирате најавеното отсуство на шпанскиот премиер, Мариано Рахој од претстојниот самит за Западен Балкан во Софија поради Косово?

– Многу ми е жал што претседателот на шпанската влада не е подготвен да се соочи со реалноста на Европа. И да не поддржи нешто што сите го поддржуваат од политички, економски, културни, и други причини, а тоа е ЕУ да се прошири на комплетното подрачје на југоисточна Европа. На тоа подрачје е и новата држава Косово, која Шпанија и уште четири земји членки не ја признаваат, и која кога тогаш ќе мора да ја признаат. На крајот на краевите тоа е нивна работа. Меѓутоа, тој вид демонстративно однесување, пренесување на внатрешни политички проблеми на европски терен е некоректно. Од страна на премиерот Рахој доживуваме доста некоректности баш во односот на Шпанија кон Каталонија, каде ги користи сите алатки на авторитарна држава и избегнува дијалог, избегнува мирен дискурс за иднината и применува репресија во однос на избраните претставници на народот на Каталонија. Затвораат пратеници, спореведуваат дискриминаторска политика кон луѓето кои излегоа на референдум, кои го подготвуваа референдумот. Мислам дека тоа е една доста тажна слика за земја членка на ЕУ, а уште потажно е што во ЕУ никој не реагира на тоа однесување. Ако реагиравме за стандардите и однесувањето на унгарската и полската влада, тогаш требаше и треба да реагираме на однесувањето на шпанската влада, која некогаш потсетува на среден век, а некогаш на 19-ти век.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *