Трите најуспешни менаџерки на средба со прилепскиот граоначалник

Градоначалникот Илија Јованоски денеска оствари средба со трите најуспешни менаџерки од Прилеп Ирена Јакимоска, косопственичка на прилепската конфекција со мешовит македонско-англиски капитал „Комфи Ангел“, Јана Јанеска-Ристеска генерален менаџер на Центарот за современа и ликовна уметност во Прилеп и Наташа Стојковска, директор на набавка и логистика во „Витаминка“. Трите менаџерки во изборот на агенцијата „Марили“ се најдоа меѓу најдобрите топ 10 менаџерки на Македонија за 2017 година.

Според прилепскиот градоначалник Јованоски, во светот е тренд што повеќе жени да бидат менаџерки во разни компании, институции, фондации, агенции и тоа успешни.

– Нивните менаџерски способности доаѓаат до израз сѐ повеќе, а докажано е дека жените се подобри организатори и подобро управуваат и ракуваат со парите. Во оваа прилика сакам да им честитам на нашите три сограѓанки, кои добија престижни награди како врвни менаџерки за 2017 година. Се надевам дека ќе продолжи и во иднина со посилно темпо, рече Јованоски.

Трите прилепски менаџерки се добро прифатени во својата работна средина и се од различни области и дејности.

– Ние самите можеби и не сме толку свесни дека имаме постигнато таков успех, но кога некој ќе ви укаже чест и ќе ви даде таква награда, тогаш станувате свесни за она што сте го постигнале, вели Наташа Стојковска.

-Многу значи да се оддаде признание на ваков начин. Жените, се надевам, дека се иднината на нашето општество. Јас конкретно се занимавам со култура и мислам дека на некој начин можам и економијата во Прилеп да ја развијам преку културата, вели Јана Јанеска-Ристеска,.

Според Ирена Јакимоска, не е важно дали си маж или жена, туку најважно е да си човек, личност која си го сака својот град, својата држава, своите соработници и вработени и токму оттука произлегуваат и резултатите.

– Особено ми е мило што овој момент го означи со посебна карактеристика градоначалникот Илија Јованоски. Пријатно сум изненадена од подарокот, зошто ретко добивам подароци, секогаш подарувам и ми е многу драг. Не застануваме, одиме понатаму кон нови предизвици, истакна Јакимоска.

Најуспешните жени менаџерки од Јованоски добија пригодни подароци.