„Партија реми“ – премиера на Драмски театар

Дали е животот среќа или стратегија е прашање кое го поставува новата премиера на Драмски театар-Скопје „Партија реми“ каде што делењето карти е метафора за шансите што  ги користиме  или не во животот.

Режисерката Виолета Џолева во 1985 го поставила во Сараево овој драмски текст на американскиот автор Доналд Ли Кобурн, кој за него добил Пулицерова награда во 1978 година. Овој пат го режира во Драмски, а на сцената се актерите Маја Вељковиќ-Пановска и Ѓокица Лукаровски – кој со „Партија реми“ одбележува 40 години актерска кариера. Тие играат човек и жена во дом за стари лица кои преку играњето карти се запознаваат и си ги раскажуваат животите.

Џолева на прес-конференција денеска рече дека текстот е едноставен, но суптилен и со длабока филозофија за животот и порака дека секој ден ни носи ново делење на картите.

– „Партија реми“ е синоним за играта што сите ја играме во животот кога ќе ни се поделат картите. За некои тие се среќни и се чини се им оди наредено, иако не се вешти, а од друга страна има луѓе кои ги знаат сите техники како треба да се живее, но не добиваат наредени карти и е многу важно да се потрудат да најдат начин како да го направат ремито. Конфликтот меѓу едната и другата филозофија на живеење е ставен во домот за стари лица, каде двајцата ги поминале своите животи и ги анализираат грешките што ги направиле, а низ нивната приказна и гледачот во публиката може да размислува за својот живот, рече Џолева. Сакала среќен крај и претставата завршува оптимистички – дозволувајќи им да си дадат уште една шанса, да заминат во живот, да го напушат домот.

Костимографката Лидија Георгиева посочи дека се обидела да одговори на предизвикот на текстот и да создаде креации кои, рече, точно и прецизно ќе го преведат со визуелен јазик карактерот на ликовите, користејќи и минимален ретро призвук соодветен на атмосферата во која се одвива дејството.

Актерот Ѓокица Лукаревски рече му е драго што својата 40-годишна активна актерска кариера ја почнал и ја заокружува во Драмски театар и се надева  и во иднина да работи на театарски проекти таму каде што ќе го поканат.

– За мене Драмски театар засекогаш ќе остане најдобриот  во бившите и сегашните простори, без разлика на одредени кризи што ги преживува и кои, секако, ќе ги надмине. Можеби е тажен момент заминувањето од еден простор каде што сум креирал улоги и кој ми значел живот, но не –  јас сум среќен што имам шанса да ги одбележам 40-те години работење, рече Лукаревски.

Режисерката Џолева ја поздрави идејата на ДТС на ваков начин да се означи заминувањето на актерот во пензија што, рече, било традиција во минатото кога за тие поводи се правеле и ТВ-портрети.

– Секој актер заслужува да биде испратен на некој начин и да се одбележи неговиот опус, додаде Џолева.

Таа ја избра и музиката за „Партија реми“, а сценографијата за претставата ја изработи  Доротеа Ѓорѓиевска.