Османи: Реализирани над 90 отсто од Планот 3-6-9 и очекуваме чиста препорака

Македонија успеа да испорача исклучително поволна реформска агенда во изминатите девет месеци и е повторно вратена на европскиот пат. Ова е пораката што на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи му била пренесена во разговорите со претставници на Европската комисија за време на вчерашната посета во Брисел.

Тој истакна дека Планот 3-6-9 е реализиран над 90 проценти и очекува Европската комисија во својот извештај за напредокот на патот кон ЕУ на земјата да биде најдобриот досега и да содржи чиста препорака за почеток на пристапните преговори.

– Генерално, иако реализацијата на овој План не може да се изрази во проценти поради квалитативноста на некои мерки, надминати се и најоптимистичките очекувања и степенот на негова реализација е над 90 проценти. Од вкупно 103 мерки помалку од 10 не се реализирани, рече Османи.

Тој истакна дека реформите не застануваат тука, туку ќе продолжат и понатаму, согласно шесте водечки иницијативи содржани во Стратегијата на Европската комисија за проширување.

Според него, вистинска валоризација на овој успех ќе претставува и решавањето на името со Грција.

На новинарско прашање за законот за употреба на јазиците кој за него е донесен бидејќи трипати ја добил поддршката во Собрание, Османи го повика претседателот Иванов, како што рече, да ја искористи можноста и да ја одигра својата кохезивна улога.