Уставна ревизија, справување со иредентизмот и прашањата поврзани со идентитетот, се предусловите за постигнување договор, според лидерот на грчка опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис.
На денешната средба и прес-конференција со странските дописници во Грција, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, Мицотакис ги повтори неговите позиции и упати остри критики со грчката Влада дека нема единствена и заедничка позиција поради ставот на Панос Каменос.
– Јавно ја имам поставено рамката за еден можен договор. Се однесува на уставна ревизија како неопходен предуслов за да постои каков било договор, справување со прашањата со иредентизмот и националниот идентитет, како неопходен услов за да постои договор и да започне интегративниот процес на Скопје во евро-атлантските институции. Ова е мојата позиција што е многу јасна, рече Мицотакис.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија во минатото изјави дека сега не е моментот за решавање на проблемот, па токму тоа беше и едниот дел од прашањето на МИА, дали во моментите додека шефовите на двете дипломатии разговараат во Охрид, Мицотакис се уште смета дека можеби решението треба да се остави за некој друг момент. Претседателот на Нова демократија, објасни дека неговата изјава за временскиот период се однесувала на целосно погрешниот начин со кој Владата во Грција управувала со прашањето во однос на грчкото јавно мислење.
– Владата сите оние што од почеток не се согласуваа со какво било решение, ги карактеризираше како националисти и не земајќи предвид дека во овој момент, во овие околности, прашањето е од особено големо значење за грчкото јавно мислење. Владата ова го игнорираше, покажа дека воопшто не ја интересира тоа, што резултираше со тоа, наместо да создаваме една обединета позиција, владата во основа да води тајна дипломатија, отпосле да ги информира политичките партиите и да имаме едно општество што денес е исклучително непријателско кон решавање на прашањето, објасни Мицотакис.
Претседателот на Нова демократија, се осврна на делот на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дека и двете влади велат дека постои волја и прозорец на можност за решение, изразувајќи сомнеж дека тоа важи и за грчката страна.
– Прво, ги споменавте двете влади. Се сомневам дека ова што го велите важи и за грчката Влада, бидејќи коалицискиот партнер, комплетно не се согласува со какво било решение. Господинот Ципрас, денес не преговара како шеф на парламентарното мнозинство во Парламентот, туку како лидер на СИРИЗА. Типично е шеф на Владата, но коалицискиот партнер на кој што се базира за да има мнозинство во Парламентот, има целосно различна позиција за ова прашање, рече лидерот на Нова демократија на прес-конференцијата во просториите на Унијата на странски дописници во Грција.
Одговарајќи на новинарско прашање, во однос на тоа дали доколку се постигне решение, а подоцна Нова демократија дојде на власт, би го поништила договорот, Мицотакис рече дека меѓународните договори ја обврзуваат земјата, па затоа доколку треба пратениците да одлучуваат за договор што нема да ги исполнува поставените предуслови од неговата партија, тогаш Нова демократија ќе го изрази несогласувањето во грчкиот Парламент.