Актерите од театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес вечер премиерно ќе ја изведат комедијата „Вдовицата се мажи“, работена според „Мечка“ на А.П.Чехов во режија и адаптација на Младен Крстевски.
Во претставата настапуваат актерите Марина Поп-Панкова како Попова, Васил Зафирчев како Смирноф и Младен Крстевски како Лука.
Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите се на Катерина Чукниева, а изборот на музиката е на Снежана Митова.
„Вдовицата се мажи“ е адаптација на едночинката „Мечка“ од Антон Павлович Чехов, напишана во 1888 година, која на комичен и атрактивен начин за гледање ја следи приказната за вдовицата Попова, која седум месеци е во жалост по смртта на сопругот и одбива да излезе од имотот и да прима посети. Комуницира единствено и само со нејзиниот лакеј Лука и вработените на имотот. Кај неа ненадејно доаѓа Смирноф, артилериски поручник во оставка и кредитор кој си ги бара назад парите кои му ги должи покојниот сопруг на Попова.
„Вдовицата се мажи“ е комедија на карактери која изобилува со брзи дијалози, силни емоции и ненадејни пресврти. Станува збор за претстава за едноставната комплексност на човековата природа, за тенката граница помеѓу омразата и страста, за човекот кој честопати знае да биде чуден, а прекрасен и туѓ на себе.
Следната изведба на претставата е закажана за 14 декември.