Министерот за одбрана Владо Мисајловски престојува во Брисел, каде денеска и утре ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО.
На оваа прва средба на министрите за одбрана по јулскиот Самит на НАТО во Вашингтон, ќе стане збор за спроведувањето на клучните одлуки од овој собир на врвот – зајакнување на одвраќањето и одбраната на Алијансата, поддршката на Украина и продлабочување на глобалните партнерства.
За таа цел на министерската средба попладнево ќе се приклучат и министрите за одбрана на партнерите на НАТО од азиско-пацифичкиот регион Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд, а вечерва на работна вечера на која ќе се дискутира за состојбата во Украина ќе присуствуваат и украинскиот претседател Володимир Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров, кои ќе информираат за случувањата на бојното поле и итните потреби на земјата.
Како што изјави вчера генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во пресрет на денешната министерска средба за време на неговата посета на Киев пред две недели ја потврдил поддршката на Алијансата за Украина, која вклучува поголема поддршка за украинските сили, воена помош од најмалку 40 милијарди евра во рок од една година, од кои годинава веќе се исплатени 20,9 милијарди евра, како и иницијативи за поттик на неповратен пат на земјата кон членство во НАТО.
Тој потенцира дека како дел од овие напори беше формирана и Командата на НАТО за координирање на безбедносната помош и обука за Украина со седиште во германскиот град Визбаден, која обезбедат покоординирана и конзистентна поддршка за Украина на долг рок.
Во однос на финансиската залог, со задоволство можам да известам дека цврсто сме на пат да ги испорачаме 40-те милијарди ветени за следната година, како што беше договорено во Вашингтон.
– Така, пораката е јасна: НАТО испорачува за Украина, а ние ќе продолжиме да го правиме тоа, додаде Руте.
Според генералниот секретар на НАТО, на средбата министрите за одбрана ќе го разгледаат и статусот на тековните операции и мисии на Алијансата во Косово и во Ирак.
– Ситуацијата во Западен Балкан останува загрижувачка со сецесионистички закани во Босна и Херцеговина, кревка безбедносна ситуација во Косово и мал напредок постигнат во дијалогот Белград-Приштина. Русија, исто така, се обидува да ги поткопа демократиите во регионот со кибер и хибридни закани, вклучително и ширење дезинформации, користејќи ја внатрешна ранливост за поттикнување поделби, нагласи Руте.
Тој додаде дека растечкото усогласување на авторитарни актери, како Кина, Русија, Северна Кореја и Иран, ја поткопува стабилноста во евроатлантскиот и на индо-пацифичкиот региони, па затоа во овој се повеќе меѓусебно поврзан свет, од витално значење е справувањето со безбедносни предизвици заедно со глобалните партнери.
Според него, во прилог на ваквата определба на Алијансата говори и присуството на министрите од азиско-пацифичкиот регион на денешната средба со што се изразува посветеноста на НАТО да работи со своите партнери истомисленици за одбраниме на заедничките вредности и интереси.
– Особено сакаме да ја зголемиме соработката во областите на иновации, снабдувањето и одбранбено индустриско производство, додаде првиот човек на НАТО.
Руте нагласи и дека за да може Алијансата да одговори на растечките закани со кои се соочува, потребно е таа да ги зајакне своите капацитети за одвраќање и одбрана.
– Ова бара повеќе сили, способности и инвестиции за исполнување на амбициозните цели поставени во нашите одбранбени планови – проширен одбранбен индустриски капацитет, поцврсти синџири на снабдување и искористување на новите технологии во сите домени, нагласи Руте.
Според него, иако е постигнат напредок во остварувањето на сите овие цели, сепак треба да се направи повеќе, пред се со производство на нови бродови, борбени возила и авиони, што носи и зголемени трошоци.
– Инвестициите во одбранбената индустрија се клучни за одбрана на нашите една милијарда граѓани. Инвестициите ја обезбедуваат опремата што ни е потребна за одвраќање и одбрана, ја зајакнуваат нашата технолошка предност и ја зголемуваат интероперабилноста на нашите сили. Со други зборови, не може да има силна одбрана без силна одбранбена индустрија. За да се постигне ова потребни се зголемени трошоци за одбрана и тие треба да бидат долгорочни, нагласи Руте.
Тој најави дека на министерскиот состанок ќе стане збор и за новата иницијатива на НАТО за подобрување на стандардизацијата, бидејќи како што нагласи стандардите ја зајакнуваат способноста на сојузниците да се борат заедно.
– Подоброто спроведување на стандардите може да помогне да се намалат трошоците за набавки за одбрана. Значи, ова е суштинска работа за НАТО, нагласи Руте.
На министерскиот состанок ќе има посебна сесија на посветена на придонесот на НАТО кон Глобалната коалиција за пораз на Исламската држава (Д-ИСИС), која ја свикува американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
Целта на оваа сесија, на која, според дипломатски извори, се очекува учество на министри од над 30 земји, е да се начините за спротивставување на заканата од ИД на Блискиот Исток, но и на глобално ниво.
Истите извори посочуваат дека оваа сесија, како и целиот министерски состанок покажува колку многу земји ширум светот се обединети во спротивставувањето на различните закани, како што се хибридните и кибер нападите, тероризмот, насилниот екстремизам и закани по демократските општества и меѓународните правила и норми.
– Ваквите типови на партнерства, ни помагаат да формираме сврзното ткиво што треба да го истакнеме против актерите кои се обидуваат да ја поткопаат стабилноста и безбедноста, кои нашите земји ги ценат, посочија дипломатските извори.