ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“ НА СЛАВЕ КАТИН
Според моногравското дело „Томов“, што е отпечатена во 2007 година, на македонски и на англиски јазик, во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје 1-320, од авторот на овие редови Славе Катин, Георги (Џорџ) Томов беше жива легенда за македонските игри и песни. Тој беше еден од главните македонски и балкански движечки сили во Соединетите Американски Држави (САД) одговорен за развојот на непрекинатата страст за народни игри и ора која прогресивно цветаше од едниот до другиот брег на Америка
Џорџ Томов го живееше својот животен сон, споделувајќи ја реалноста со својот народ без кој сонот не би постоел. Тој беше неуморен, со неверојатен творечки дух: скулптор, вајар, публицист, уметнички кореограф, основоположник на бројни македонски фолклорни асоцијации. Затоа, ансамблот „Томов“ и тој беше и добитник на највисоки признанија.
Медалот на честа „Елис Ајланд” (Ellis Island) им се дава во спомен и им оддава признание на Американците од какво било етничко потекло кои дале значителен придонес кон американското општество. Тој се доделува еднаш годишно од страна на Националната етничка коалиција на организации (NECO) – покровителна група од повеќе 250 организации која го опфаќа спектарот на етничките наследства, култури и религии.
Овој медал е прикладно именуван „Елис Ајланд” бидејќи по многу нешта медалот Елис Ајланд е траен симбол на емигрантските корени и различноста кои ја карактеризираат американската голема нација.
Георги Томов е еден од оние кои го примиле овој медал. Америка отсекогаш била засол-ниште/прибежиште за легалните имигранти од целиот свет кои доаѓаат до американските брегови со еден едноставен сон; ковајќи нов живот во земјата на можностите, слободата и слободата – слобода од религиозно, економско, политичко или етничко прогонување.
Кога имигрантската станица на Елис Ајланд, Њујорк, беше отворена на 1 јануари 1892 година, на 700 имигранти им беше дозволено да поминат низ неа само во текот на тој прв ден. До времето кога овој центар беше затворен во 1954, 17 милиони имигранти поминале низ неговите врати. Администрацијата и персоналот на Елис Ајланд просечно процесуираа до 5 009 луѓе дневно.
Многу од овие новодојденци слабо зборувале англиски, речиси немале пари и пристигнувале само со она во што биле облечени. Наспроти таквите предизвици, сите тие биле спремни да ги ризикуваат своите животи за можноста да изградат еден подобар живот за нив самите и за нивните семејства.
Медалот „Елис Ајланд” е воведен во 1986 за да им се оддаде чест на оние поединци кои – преку својата лична истрајност, жртвување и успех – помагаат Америка да остане на чело на науката, бизнисот, спортот, забавата, истражувањата во здравството и на безброј други важни прашања.
Претставувајќи виножито на етничко потекло, наградените од 2005 година ја примија својата награда на 14 мај 2005, во сенката на историскиот Голем Ѕид каде милиони имигранти, кои дошле во САД во втората половина на деветнаесеттиот век, ги направиле првите чекори кон еден нов живот.
Георги (Џорџ) Томов со својот ансамбл “Томов” учествувал на бројни културни манифестации во САД и Канада. Меѓутоа, посебно треба да се истакне учеството пред Обединетите нации во Њујорк во организација на “Интернационалната културна мисија” и “Меѓународната имигрантска фондација”. Така, забележителен беше настапот на ансамблот “Томов” на 12-ата Меѓународна културна прослава “Ѕвезда на хармонијата” што се одржа на 12 ноември 1997 година.
Како резултат на значајните постигнувања на полето на заедничките односи и придонесот на единството и хармонијата, Георги Томов ја доби високата и престижна награда “Ѕвезда на хармонијата” што ја доделува “Меѓународната имигрантска фондација”. Со тоа Георги (Џорџ) Томов стана првиот добитник на ваква награда на Обединетите нации во Њујорк.
Исто така, Георги Томов имал и други настапи пред зградата на ОН. Меѓутоа, неговиот удел како уметнички директор и кореограф на Македонското фолклорно друштво “Гоце Делчев” од МПЦ “Св. Кирил и Методиј” во Сидер Гроув, Њу Џерси, зеде активно учество на “Милениумскиот форум”. Овој културен настан се одржа пред зградата на Организацијата Обединети нации во Њујорк од 22-26 мај 2000 година.
На Форумот учествуваа голем број познати и признати уметници и ансамбли од бројни нации, а во присуство на амбасадори и официјални претставници од целиот свет кои се во ООН.
Преку орото и песната на младите играорци на “Гоце Делчев”, присутните се запознаа со македонското културно наследство. Тоа придонесе да се збогатат содржините на тој историски “Милеумски форум” и да се даде значаен прилог на мултикултурната вечер.
Исто така, Георги Томов има добиено пофалница од Делегацијата на женскиот клуб на Обединетите нации во Њујорк. Признанието му е дадено за претставувањето на културата од Македонија.
Г-динот Георги (Џорџ) Томов е добитник на конгресионалното признание на државата Њу Џерси за 2001 година. Оваа специјална награда му е доделена за успешното учество на 26-от Херитаге Фестивал Балл. Инц (Бал за етничкото наследство) што се одржа во Вест Орани, Њу Џерси, на 29 април 2001 година. Тој се одржа под покровителство на претседателот на Сенатот и извршен гувернер на државата Њу Џерси.
Георги (Џорџ) Томов е исто така добитник на ова признание за 2005 година. Двете признанија се израз и одраз на неговите постигнувања во општественото живеење во државата Њу Џерси.
Продолжува
Пишува СЛАВЕ КАТИН