ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ денеска на конвенција ги промовираше носителите на листи и кандидатите за пратеници со кои ќе настапи на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај. „Македонија повторно твоја! – промените во твои раце“ е слоганот со кој Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе настапи на парламентарните избори.
Во Првата изборна единица носител на листата е лидерот на партијата Христијан Мицкоски, во Втората Владо Мисајловски, во Третата Драган Ковачки, во Четвртата Александар Николовски, во Петата Ѓоргија Сајкоски и во Шестата Дафина Стојановска.
Мицкоски рече дека на претстојните двојни избори настапуваат со чесни и искрени луѓе со интегритет во кој, како што рече, силно верува. – Ви гарантирам во нивната чесност и намери да направиме повеќе за нашиот заеднички дом – Македонија, рече Мицкоски.
Упати порака и до кандидатите за пратеници дека одговорноста е огромна и да не го разочараат народот.
-Нема да дозволам годините поминати за враќање на довербата да бидат прокоцкани. Лично, мене, ќе ме имате за противник доколку било кога и било каде направите чекор со кој ќе нанесете штета и болка на било кого. Нема потрфрање и одиме напред кон промени што мора да ги донесеме, порача Мицкоси.
Истакна дека овие избори ќе бидат историски важни и клучни не само за да се поправат работите, туку, како што рече, и затоа што се шанса да се испрати порака на оние кои со децении ја ограбуваат земјата.
– Победата, нема да биде само наша, туку на сите луѓе кои овојпат ќе решат да излезат на избори и ќе донесат одлука не за нас, туку пред се за себе, за своите семејства и за својата иднина. Работите никогаш не биле потешки, но и никогаш не биле појасни. Македонија мора да остане таму каде припаѓа и државата да почне да функционира онака како што сакаат граѓаните. Заедно со огромната сила на народот од денес го почнуваме финалниот чин да ја вратиме Македонија да биде наша, ваша, повторно твоја, на секој пристоен човек кој ќе реши да се бори за својата иднина, рече Мицкоски.
Додаде дека нема ништо против Албанците и другите етнички заедници во државата, туку, како што рече, е против тоа што ДУИ ја краде и упропастува државата. Рече дека ДУИ мора да оди во опозиција и да бидат казнети сите оние што направиле криминал.
– ДУИ 20 години се провлекува при промена на секоја власт и иако е учесник во секој криминал, нема ниту еден човек од нивната структура кој некогаш одговарал пред словото на законот. Секогаш кога ќе ги кажете работите онакви какви што се, тие ќе почнат да заборуваат за етнички теми и да обвинуваат дека некој има нешто против Албанците ако ги нападне овие кримиалнци од ДУИ. Немам ништо против ниту еден народ, но имам против тоа Македонија да се краде и да се упропастува бездушно. И Албанците во Македонија се заложници на криминалот на ДУИ. И тие подеднакво живеат тешко исто како Македонците, Турците, Власите, Србите и сите останати граѓани. За криминалот мора да одговараат и да има криминал за секого. Свесен сум дека Али Ахмети и малкумината околу него точно знаат што правеа овие 20 години. Нивната цел е една, а тоа е да ја ограбат, понижат, уништат и засрамат Македонија, рече Мицкоски.
За СДСМ, пак, рече дека се свесни дека на овие избори ќе изгубат и дека немаат ниту план и програма.
Додаде дека политичките противници им кажуваат на граѓаните приказни за брз влез во Европа, само за да ги затскријат корупцијата и распродажбата на државата.
– Додека тие зборуваат за интеграции, ја купуваат „Соравија“; додека тие се колнат лажно во европските вредности, им течат тендери и набавки, додека тие се обидуваат со лаги и празни зборови да ве плашат дека ние сме биле против Европската Унија, а тие за Европската Унија, и дека живеете најубаво во Југоисточна Европа, Македонија сѐ повеќе тоне, а тие безобразно се богатат, рече Мицкоски, додавајќи дека на овие избори нема да се занимава со црна кампања од противниците, што, како што рече, се вршела врз неговото семејство во изминатите шест години.
Посочи дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ содржи 1198 проекти со кои ќе се решат проблемите на граѓаните. Оваа програма, рече, е срочена за да гарантира целосно функционирање на системот, заштита на националните интереси, квалитетно образование и модерен здравствен систем. Меѓу другото најави завршување на автопатот Кичево-Охрид, реконструкција на железничкиот коридор 10, набавка на возови, како и формирање на посебен фонд за врвна наука.