МИТРОПОЛИТОТ ПОВАРДАРСКИ АГАТАНГЕЛ – ПРОМОТОР НА МОНОГРАФИЈАТА ЗА МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ (5)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН

За митрополитот Кирил, во своето излагање МитрополитотАгатангел рече деканеговата витална улога во возобновувањето на Охридската Архиепископија и основањето на Македонската Православна Црква, како единствен жив архиереј од тоа време, неговото сведоштво за македонската вистина на секое светско тло кое го почуствувала неговата нога, како и храброста која ја демонстрираше во најтешките моменти во поблиската историја на Македонија, возобновувајќи ги разрушените манастири од бесниот воен виор кој ја зафати Македонија се само еден дел од татковската заштитничка ролја која со направените дела и жртвата за македонското единство му се наметнува на дедо Кирил, како знак за негово вечно препознавање.

Значајна е улогата на дедо Кирил и во опфаќањето и во сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји, кога благодарение на неговата активност, Македонската Православна Црква направи силен пробив меѓу бројното македонско иселеништво, овозможувајќи задоволување на црковните чувства и потреби, јакнење на единството среде македонскиот народ, зацврстување на слогата, евангелската љубов, чувството за слобода, разбирањето и заедништвото со сите луѓе во средините во кои се определиле нашите македонски браќа да живеат. 

Нему Бог ќе му промисли да ги организира и изгради од корен македонските црковни општини во дијаспората. Македонското иселеништво, повеќе отколку тука во матичната земја, ќе биде со години нагризувано и индоктринирано од лицемерните и себичните политики на соседите. На овој пат ќе треба одлучно да се застане и во име на вистината и правдата со сите сили да се победи опскурноста и мрачното зло кое одблизу се заканувало со асимилација. 

На време е пратен дедо Кирил за да ја спречи оваа катастрофа и со силна вера и молитва во срцето и усните и со добра порака ќе се појави тогаш младиот и корпулентен Мирополит и со силината на божествената проповед набргу ќе го отера непредвидливиот виор кој како дамоклов меч виси над главата на македонскиот човек. 

Ваквата негова одлучност и пламена истрајност во проповедта ќе наиде на гнев и безумен отпор кај непријателите на вистината, но сето тоа ќе биде сфатено како ново семе што ќе даде стократен плод на плодната македонска православна нива. Македонската православна црква во дијаспората ќе продолжи да се гради и изградува и со текот на времето ќе ги трасира основните постулати на своето дејствување од кои и ден денеска нема отстапување.

Божјата промисла го определи дедо Кирила да í се најде на својата татковина тогаш кога е најтешко, кога опасностите и лукавите искушенија се најголеми. Мораме да признаеме дека за да се води и брани еден народ повеќе од 40 години не е воопшто лесна и едноставна работа. 

Дел од присутните на промоцијата

За да се биде одлучен во најтешките времиња, кога се заканува страшното ропство со сите негови пропратни демонски замки, единствено е сведоштво за големата желба за слобода, која е основниот човечки порив и основната човечка потреба. Во ситуација кога од сите страни демне опасноста, а во исто време да се гради и да се сведочи вистината, навистина е потребна состојба на духот како на свет маченик и цврстина на волјата како на апостол – мисионер.

Македонија е непобитна реалност, и покрај сите обиди за негирање на нејзината вековна и од древни времиња историја, јазик, идентитет, култура, име, па и територијата на кои како македонски народ имаме единствено ексклузивно и наследено право. Тоа е еден сосема видлив и јасен факт, кој без историски заблуди, може да го препознае и нашиот брат Грк, Бугарин, Србин, Европјанин и секој еден жител на овој свет. Но, и покрај нашата одлучност и заколнатост да ја браниме македонската вистина, сепак во некои историски моменти нашите пастири ни се повеќе од потребни. 

Водачот на народот е оној кој непрестано и до вечност нé потсетуваат кои сме и што сме, од каде сме и од кога сме, вечно нé потсетуваат на евангелските заповеди за вера, надеж и љубов, при секоја мачна ситуација во која како народ ќе се најдеме, тие ни даваат насоки како да одиме напред, но и никогаш да не заборавиме како било назад. Нивните зборови се секогаш актуелни, а нивните дела се вечен прирачник за духовно и национално зацврснување и обединување. 

Среќен сум што во мојот животен век, живее и нашиот македонски пастир, дедо Кирил. Сигурен сум дека како таков, тој го има одговорот на секое прашање за Македонија, бидејќи го познава и последниот атом од македонската душа. Навистина е тешко делото на еден човек да се увиди и оцедни додека е тој жив, а дедо Кирил поседува пастирски авторитет и кај најслабата по дух македонска личност. 

Големината на неговиот лик и дело сé уште ќе расте, и сигурен сум дека тој уште од сега го осигура своето место во македонската историја и со многу го задолжи македонскиот народ. Дедо Кирил е нашиот учител и неговата личност е урнекот на кој ќе треба и ние помладите да се подучуваме и угледуваме.

Во Монографијата посветена на ликот и делото на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, преку фотографии, на еден илустративен начин ќе видиме раскажана една цела историја не само на еден човечки живот, туку овде ќе го увидиме подемот на една Црква и на еден народ. Оваа Монографија е силен доказ дека Македонската православна црква е жива Црква, осенета и закрилена од Троичниот Бог.

 Во неа може да се види националниот дух и карактеристика на обичниот македонски православен човек, да се согледа неговиот литургиски живот, неговата надеж и смирение и неговата стрпливост и предаденост на Божјото раководење. 

За оној кој искрено стои пред Божјата Правда, во оваа Монографија ќе биде видлива целата Божја мудрост и убавина во раководењето на цел еден народ на патот на спасението во Неговото свето царство. Навистина голем и семудар е нашиот Бог, Кој во тешките и клучни моменти од македонската историја ни го испрати за народен чувар и просветител македонскиот владика Кирил.

На многаја лета високопреосветени владико Кириле! Ние твоите духовни рожби ти изразуваме поклонение и благодарност и во исто време те молиме да се застапуваш пред Бога за спасение на нашите души.

 Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *