АКАДЕМИК СИНИША СТАНКОВИЌ – ВЉУБЕНИК ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО (8)

За придонесот на професорот Станковиќ и за неговата улога во заштитата на човековата средина, Јаков Данон го рекол следното:

„Погледите на Станковиќ на екологијата носат материјалистичко и дарвинистичко обележје. Екологијата тој ја гледа како економија на живата природа, како наука за производство и за распределба на органската материја во природата и како наука за проблемите на раселувањето на органските видови и одржувањето на живиот свет во целина. Со тоа на екологијата ù дава една нова и широка димензија, која ù овозможува на соодветен начин да се поврзе со многу современи проблеми на човечкото општество.

          Тој е еден од првите научници кој посебно укажа кај нас за потребата од заштита и зачувување на човековата средина. Свесен за особено силното влијание на современата технологија врз неа, тој постојано укажуваше на огромното значење на екологијата во решавањето на актуелните проблеми на човечкото општество“.

         Академикот Станковиќ секоја година летниот одмор или семестрален распуст го минувал во Охрид, во најинтензивна работа, било во обработка на своите материјали, било во консултација со научните работници на Заводот.

          Уште на самиот почеток, а особено по Втората светска војна, тој конципирал долгорочна програма за истражување на Охридското Езеро, воспоставил соодветна организација на Хидробиолошкиот завод и формира научни кадри. Тој непосредно раководел со научната работа, бил претседател на Советот на Заводот, член на Научниот совет, раководител на докторантите,  рецензент на докторските дисертации и на трудовите на Зборникот, како и главен и одговорен уредник на публикациите на Заводот.

          Посебно треба да се нагласи дека од организационата поставеност, каква што тој ја востановил, од конципираната програма и завршените истражувања, од него и неговите ученици произлегоа значајни резултати. Така, под негово раководство биле објавени голем број научни трудови и биле изработени и одбранети десетина докторски дисертации.

          Првата докторска дисертација за живиот свет на Охридското Езеро била на Душица Стефановиќ, која како комунист била стрелана од Германците во 1941 година. Меѓутоа, овој труд професорот Станковиќ го подготвил за печат и го објавил во 1948 година. Нејзиниот автор не дочекал да ја одбрани својата теза на тема „Развој и еколошки испитувања на охридските пастрмки“. Сепак, таа станала доктор по биолошките науки, чија теза прва била објавена во слободна Југославија.

          Во 1950 година, А. Јуриљ ја одбранил докторската дисертација на тема „Нови дијатомеи на Охридското Езеро и нивното филогенетско значење“, а во 1955 година, П. Радоман, на тема „Морфолошки – систематски истражувања на охридските хидробиди“.

1tri44

Дел од Охридското Езеро

          Прв македонски докторант бил Јонче Шапкарев, познат биолог и автор на голем број значајни трудови, кој во 1965 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Фауната на олигохаетите од Охридското Езеро“ и со тоа станал прв доктор по биолошки науки во Република Македонија. Потоа следуваат дисертациите на Ф. Микулчиќ – во 1956 година, Ј. Серафимова–Хаџишче – во 1957, Г. Козаров – во 1957, Б.Оцевски – во 1958, М. Точко – во 1961 и И. Чадо – во 1965 година, чии теми се однесуваат на Охридското Езеро и на неговиот жив свет.         

 Професорот Синиша Станковиќ најголем број од своите научни трудови ги посветил на македонските езера, а особено на Охридското Езеро. Тоа било негова голема љубов.

         „Незаборавен е впечатокот кој се добива при првата средба со Охридското Езеро. Човек мисли дека пред себе има дел оттргнат од океанот и фрлен меѓу непристапните планини кои го опкружуваат од сите страни. На Езерото навистина му одговара името македонско, слатководно море, не само поради својата сина боја, туку и со својата големина наликува на море,“ – велел професорот Станковиќ. Тој, исто така, го фотографирал Езерото, интересните крајбрежни плажи и места, а особено незаборавното заоѓање на сонцето на западниот брег.

          Бил вљубеник и трајно врзан за Охридското Езеро, чии испитувања го прославиле и професорот Станковиќ и Охридското Езеро, не само во земјата, туку и кај меѓународната научна јавност. Се смета дека Охридското Езеро е најсистематски, најповеќе и најдолго проучувано езеро во Европа, а по Бајкалското Езеро – и во светот.

Продолжува

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН