Пишува: СЛАВЕ КАТИН КАТОЛИЧКАТА (УНИЈАТСКАТА) ЦРКВА СО ИСТОЧЕН ОБРЕД ВО МАКЕДОНИЈАВтора по големина христијанска црква во Македонија е Католичката црква. Таа ги обединува верниците со римокатоличка вероисповед и верниците со источен православен обред (унијатите), односно со византиско словенски обред, кои припаѓаа на Унијатската (Католичката) црква. Термините, верници со источен православен (византиски) обред (унијати), и Унијатска управа, се употребувале, како во официјалните државни документи, така и во литературата на поголем број македонски и други автори.Меѓутоа, денес претставниците на Католичката црква во Република Македонија не ги употребуваат горенаведените термини, туку изразите верници со истотен православен обред на Католичката црква во Македонија.Католичката црква во Македонија е една црква со два обреда, поради што се вика Католичка, што значи општа, односно заедничка црква. Според тоа, католичките верници и храмови од источен обред во Република Македонија се присутни најмногу во струмичкиот крај, односно, во градот Струмица, во Радово, во Нова Маала, како и во Гевгелија, Богданци и Стојаково, додека католиците од римскиот обред се најбројни во Скопје, Битола, Охрид и во други места.Инаку, христијанството во Македонија се појавило уште на самиот почеток, односно со доаѓањето на апостол Павле на овие простори во 51-та година од новата ера. Впрочем, според делата апостолски (16.9), додека апостол Павле бил во Троада, во Мала Азија, преку ноќта имал видение: Стоел пред него еден човек Македонец, кој го молел и му велел: „Премини во Македонија и помогни ни!“Со доаѓањето на свети Павле, христијанството во Македонија започнало да се шири од градот Филипи на сите страни. Но се чини христијанството во Македонија својот врв го достигнало во 9-от век, во времето на светите браќа Кирил и Методиј. Тие дадоа свој белег на христијанството не само во Македонија, туку и пошироко и ги поставија темелите на натамошнито развој на семакедонската култура, литература, религија, јазик и духовното живеење. Големото дело на светите браќа Кирил и Методиј го продолжија нивните ученици светите Климент и Наум Охридски, кои ја формираа и ги поставија темелите на првата словенска епархија на Балканот, во лицето на Охридската архиепископија.Во текот на повеќе векови, христијаните во Македонија, како и на другите ближни и далечни простори исповедувале заедничка и општоприфатена вера, што зборува дека и Православната и Католичката црква егзистираат на овие простори од тогаш до денес. Меѓутоа, поради различните култури, начинот на размислување и други причини, поделбата на православни и католици во смисла на верска поделеност, како и во светот така и во Македонија, постои од 1054 година.Катедралата црква „Пресвето Срце Исусово“ во СкопјеВо борбата за црковно ослободување од елинистичкото влијание, покрај националниот дух кај македонскиот народ се буди и духот за црковна независност од Цариградската патријаршија. По неуспешното барање сојузник во разни независни цркви, обидот за ослободување од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија завршува со унијата, односно соединување со Католичката црква во 1859 година. А, унијатството во Македонија, термин што во последно време е заменет со соединување се појавило како резултат на општествените, економско-политичките, социјалните, културните, црковните, образовните и други (не)прилики. Затоа, Македонците често се обраќале до римските папи за покровителство преку прифаќање на црковната јурисдикција на Римокатоличката црква, а со цел да се ослободат од Цариградската патријаршија. Својата кулминација ова движење ја постигна во педесетите години од 19-от век.Инаку, првата унијатска црква, односно Католичката црква од византиско-словенски обред во Македонија, е формирана во Кукуш во 1859 година, позната како Кукушка унија или Кукушко соединување, во која членувале голем број видни македонски преродбеници. Тоа, всушност, било движење за отворање на училишта на македонски јазик, или на јазикот на кој зборувале Македонците во кукушко-солунскиот регион. Унијатството, односно соединувањето било движење за еманципација и ослободување од грцизмот, односно црковно-просветно движење против грцизмот што во тој период имал широки размери во Македонија.Посредници меѓу Кукушката унија (соединување) и Католичката црква биле претставниците на солунската лазаристичка мисија, кои тогаш ја имале започнато прозелистичката агитација меѓу македонското население во Јужна Македонија. Солунската лазаристичка мисија будно ја следела расположбата на кукушаните и настојувала да привлече голем дел од населението во унијата, односно соединувањето со Римокатоличката црква. Критичниот момент за кукушани настапил кога тие го отфрлиле грчкиот јазик од богослужбите и училиштата. Притоа, дошло до првите среќавања и неофицијални преговори со мисионерите за премин во унијатството. Од друга страна, пак, лазаристите се стремеле да се здобијат со доверба кај децата, а преку нив доаѓале во контакт со нивните родители и ги советувале да преминат во унијатство.Активностите продолжувале со доаѓањето, на епископот Нил Изворов, во 1883 година, кога бил именуван за архиепископ со седиште во Цариград. Со тоа биле создадени два апостолски викаријата: Апостолски викаријат за Бугарија со седиште во Едрене и Апостолски викаријат со седиште во Кукуш – Солун, каде за прв апостолски викар бич именуван Лазар Младенов.Со создавањето на Апостолскиот викаријат, во Македонија била формирана правна структура на Католичката црква од византиско-словенски обред (унијати). Епископот Младенов ја означил јасната насока на развојот на Католичката (Унијатската) црква во Македонија. За време на неговото управување Унијатската (Католичката) црква во Македонија го достигнала својот максимум. Така, во 1888 година, бројот на верниците бил околу 100.000, а имало 60 енории. Тој прогрес на Унијатската (Католичката) црква бил од краток век. Несреќните околности што го зафатија тој крај од Македонија негативно се одразиле и кај верниците од источниот обред (католиците).Колку движењето за унија (соединување) со Римокатоличката црква станувало помасовно, толку повеќе се активирале противниците на тоа движење, а посебно Бугарската егзархија и Грчката цариградска патријаршија, чии интереси директно биле загрозени. Исто така, не останале настрана и некои од големите сили, кои биле антикатолички расположени.Поделбата на Македонија во балканските војни и таканаречениот Букурешки мировен договор беше катастрофална за Унијатската (Католичката) црква во Македонија. Верниците од византиско-словенски обред (унијатите) од Кукуш, Солун и други места во Јужна Македонија, која со договорот потпадна под Грција, биле прогонети од своите огништа и биле принудени да бараат засолниште во други делови на Македонија, особено во дојранско-струмичкиот регион, а и на други места.Во текот на Втората балканска војна, Унијатската (Католичката) црква во Македонија била речиси уништена. Кукуш, унијатскиот (католичкиот) центар на Македонците и главно седиште на католичкиот епископ, бил сосема разорен од грчките војски. Така на 6 јуни 1913 година, грчките трупи ги запалиле сите 1846 куќи и 612-те продавници кои биле претворени во пепел. Слична судбина ги снашла и четириесетината села во Кукушката општина, дванаесет села во Дојранската општина и петнаесетина села во гевгелискиот крај.Кукуш во 1913 годинаПо поделбите и лошата судбина на Македонците по балканските војни, Македонците унијати (католици) привремено биле под заштита на латинскиот архиепископ во Скопје. Тогаш и се забележаче почетните активности кај унијатите (католиците) во Македонија. Како резултат на тоа, на 24 јануари 1923 година за првпат е отслужена богослужба во Струмица. Потоа, на 19 октомври 1923 година, со Декрет на Конгрегацијата за источните цркви, унијатите (католиците) во Македонија стануваат составен дел на Крижевачката епархија. На 28 јуни 1924 година со Декрет на Крижевачкиот ординариј е основан деканатот Свети Кирил и Методиј.Во периодот од 1941 до 1945 година, унијатите (католиците) од Македонија биле под јурисдикција на Апостолскиот егзархат во Софија, Бугарија. Потоа, по Втората светска војна, во новоформираната Федеративна Народна Република Југославија, а со конституирањето на Народна Република Македонија, положбата на унијатите (католиците) во Македонија рапидно се измени во позитивна насока. Во 1945 година, пак, верниците со византиско-словенски обред во Македонија влегоа повторно во рамките на Крижевачката епархија, во која останаа се’ до 1995 година. Во тој период на духовно живеење во 1954 година се обнови Архијерејското намесништво во Македонија.Се чини, еден од најзначајните датуми за Католичката црква во Македонија е 3 јули 1972 година, кога со Декрет на Конгрегацијата за источните цркви, за скопско-призренски епископ со целосна јурисдикција беше именуван монсињор д-р Јоаким Хербут, кој и сам по потекло беше од византиски обред. Тој, истовремено беше именуван за апостолски визитатор за верниците со источен обред, со седиште во Скопје и покрај тоа што верниците на Католичката црква од Македонија беа составен дел на Крижевачката епархија.На 11 јануари 2001 година, пак, неговата светост, папата Јован Павле Втори, во Ватикан го потпиша Декретот за воспоставување Апостолски егзархат (епархија), за католиците со источен обред во Македонија. Декретот е објавен во Ватикан на 25 јануари 2001 година. Притоа монсињор д-р Јоаким Хербут, бискупот скопски, беше именуван за прв апостолски егзарх, а за седиште на Егзархатот е одреден градот Струмица. Исто така, одредено е енориската црква Успение на Пресвета Богородица во Струмица да стане катедрална црква. Со тоа апостолскиот престол во Рим потврди дека верниците со византиско-словенски обред се способни да имаат своја епархиска институција. Потоа се потврди дека Република Македонија е црковно-правна земја со свои сопствени закони и со религиозно живеење и со можност верниците да се служат со својот мајчин јазик во богослужбите. Востоличувањето на егзархот д-р Јоаким Хербут се изврши на 1-ви мај 2001 година, во присуство на голем број верници и гости.Денешната Католичка црква со источен обред во Република Македонија на чело со бискупот Киро Стојанов е организирана во пет енории и три филијали и тоа: во Богданци, Гевгелија со филијала во Стојаково, Нова Маала со филијала во Чанаклија, потоа Радово, како и Струмица со филијалата во Петралинци.Најстара е Католичката енорија во Богданци. Таа е основана од француската лазаристичка мисија од Солун, уште на почетокот на движењето за соединување (унијатство) со Католичката црква во 1868 година. Таа е посветена на свети Кирил и Методиј, чиј прв храм е изграден во минатиот век, а целосно е обновен во 1987 година. На почетокот со еноријата управувале француските лазаристи од Солун, а од 1913 година за парох бил именуван отец Христофор Димитар, кој останал до евакуацијата во 1916 година. Од тој период до денес управувале десетина свештеници..Католичката енорија во Гевгелија е основана истовремено кога е обновена еноријата во Богданци, меѓу 1868 и 1870 година. И неа ја формирале француските лазаристи од Солун, кога била изградена црква од дрвен материјал. Црквата била запалена, затоа денес богослужбите се вршат во манастирската капела на сестринските епархии, којашто е посветена на своите апостоли Петар и Павле. Инаку, сестрите евхаристинки во Гевгелија дејствуваат од 1902 година. Во периодот од формирањето до денес, во оваа енорија дејствувале околу седум свештеници.Католичката енорија во Стојаково, денес филијала формирана е во првите години на соединувањето со Католичката црква (унијатството), во 1861 година. Во првите години бројот на унијатските (католичките) куќи бил околу 300. Таму е изградена првата Унијатска (Католичка) црква Света Недела, која била одземена од православните верници. Во 1933 година е адаптирана една стара куќа, наречена Мандра, посветена на Вознесението на Пресвета Богородица. Денешниот нов храм изграден е во 1968 година и посветен е на свети Климент Охридски.Католичката енорија Нова Маала е основана во 1914 година. Откако турското население замина од Нова Маала, во испразнетото село се доселиле жители од селото Лелово, од Егејска Македонија, заедно со свештеникот Атанас Иванов, кој бил и прв парох на оваа енорија. Во почетокот верниците адаптирале една куќа во храм кој го посветиле на Вознесението на Пресвета Богородица. Денешната црква, што е реставрирана, изградена е во 1937 година и посветена е на Вознесението на Пресвета Богородица. Во оваа енорија, од 1972 година дејствуваат чесните сестри евхаристинки.Црква Вознесението на Пресвета Богородица во СтрумицаКатоличката енорија во Радово е основана во 1914 година за време на балканските војни. Тогаш, верниците од Алексово и околните села на кукушката околија, во Егејска Македонија, се населиле во Радово. Уште со самото доаѓање духовниот пастир отец Стојан Поп-Пецов заедно со верниците адаптирале една соба во турското училиште, за потоа да преуредат една стара куќа во храм, посветен на свети Илија. Во 1928 година се отпочна со изградба на нов храм кој и денес се користи. Во Радово дејствуваат чесните сестри евхаристинки од 1978 година. Поранешен парох на еноријата во Радово беше бискупот д-р Киро Стојанов.Католичката енорија во Струмица е основана во 1924 година, а една година подоцна, во 1925 година изградена е денешната црква посветена на Вознесението на Пресвета Богородица. Прв парох во оваа енорија бил отец Атанас Иванов, кој во 1962 година стана и декан. Од 1973 година, по смртта на отец Иванов, управител на еноријата станува монсињор д-р Јоаким Хербут. И во оваа енорија, од 1965 година дејствувале чесните сестри евхаристинки. Денес управител на оваа еноријата е бискупот д-р Киро Стојанов.На празникот Вознесение на Пресвета Богородица, на 27 август 1987 година се изврши големото осветување на енорската црква во Струмица. Осветувањето го извршија: Алпјзис Турк, поранешниот белградски архиепископ, апостолскиот визитатор за католиците од византиски обред во Македонија, д-р Хербут и крижевскиот епископ монсињор Славомир Микловш.Една од постарите католички цркви во Македонија е Свети Кирил и Методиј, во селото Петралинци, Струмичко. Камен темелник на оваа црква е поставен во 1929 година, за подоцна да биде и изградена. Црквата е целосно обновена во 1987 година, кога е и осветена. Исто така и во селото Чанаклија, Струмичко изграден е храмот Свети Ѓорѓи чиј камен-темелник е поставен на 26 јули 1989 година, а на 6 мај 1990 година е осветен храмот. Се чини, црквите посветени на Исус Христос во Слопје и на просветителите светите браќа Кирил и Методиј во Охрид, се најголемите и најзначите католички храмови во Македонија.Според податоците на Католичката црква од источен православен (византиско-словенски) обред во Република Македонија, бројот на верниците во 1974 година изнесувал 4.593, а во 1977 година тој број се зголемува на 5.206. Денес во петте енории во струмичкиот крај, бројот на верниците од источен православен (византиско-словенски) обред изнесува околу 5.800. Меѓутоа вкупниот број на овие верници на целата територија во Република Македонија е околу 10.000, а ги служат околу 6 свештеници.Исто така, треба да се потенцира дека во состав на Католичката црква во Република Македонија работи Хуманитарната организација „Каритас“, која игра значајна улога во давање помош на населението, без разлика на нивната верска и друга припадност. Исто така, во нејзин состав работи редовното училиште, хорската, литературната и други секции. Католичката црква во Република Македонија има добра соработка со сите цркви и други верски заедници, особено со Македонската православна црква-ОА, што е значаен прилог на севкупното живеење на државата. |