Заев задоволен од реформските процеси, убеден дека Македонија ќе добие независно судство

Премиерот Зоран Заев е задоволен од процесите за севкупни реформи во државата, вклучувајќи ги и реформите во правосудството, и убеден е дека Македонија ќе има независно судство.

Одговарајќи на прашање на денешната собраниска седница, премиерот Заев рече дека во делот на правосудството веќе работат работни групи на реформите и изрази уверување дека ќе создадат сериозно законодавство и ќе ги имплементираат реформите во правосудството.

– Задоволен сум како тргнаа процесите во севкупните реформи во Македонија. Ќе правиме се и продолжиме да правиме се за да имаме широко разбирање и за ставовите на опозицијата која дава надеж и шанса дека реформите се од национален интерес. Убеден сум дека учеството на опозицијата во дијалогот за реформските закони и можноста од гласање на опозицијата за овие закони ќе бидат најдобра гаранција за успешната имплементација на законските решенија, истакна Заев на собраниската седница посветена на пратенички прашања.