Безвизен режим со Кина, привремен со Русија – олеснување за бизнисот и туристите

 Ќе се продолжи Спогодбата за еднострано времено укинување на визите за краткорочен престој за државјаните на  Руската Федерација, чие важење истече на 15 март. Владата на седница неделава го прифати и предлогот на Министерството за надворешни работи за потпишување Спогодба со Владата на Народна Република Кина за заемно укинување на визите за државјаните на двете земји. Предлогот на МНР вклучува и поведување постапка за водење преговори за потпишување на Спогодба за еднострано времено укинување на визите за краткорочен престој и за државјаните на Република Украина, Азербејџан и на Казахстан.

Директни авиолинии и поагресивен настап на агенциите на рускиот пазар

Според Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, воспоставениот безвизен режим за граѓаните на Руската Федерација пред неколку години, сериозно ја потврди желбата да ги развива севкупните односи со оваа земја и да го отвори патот за слободен проток на граѓани, стока, услуги и капитал, а резултатите се несомнено позитивни, поради што изразува уверување дека тој ќе продолжи и натаму да се применува.

– Од аспект на бизнисот можам да истакнам дека воспоставувањето на  безвизен режим се поклопува со почетокот на растот на трговската размена меѓу двете земји. Секако, воспоставената можност руските граѓани без визи да влегуваат во нашата земја нема пресудно значење за зголемување на економските релации, но сигурно е од интерес за деловните луѓе од Русија и воопшто за сите руски граѓани заради можностите без поголеми формалности да допатуваат во Македонија, вели Бишлиев.

Тој посочува дека Македонско-руската стопанска комора бележи зголемен обем на посети од страна на руски бизнисмени и претставници на руските компании кои остваруваат средби, контакти и воспоставуваат соработка со деловните луѓе од земјава. Како илустрација ги споменува минатогодишните посети на претставници на руските ресторани, тур оператори од руски туристички агенции, менаџери од повеќе компании кои се заинтересирани за увоз на македонски производи меѓу кои и на еден од најголемите малопродажни синџири  „Магнит“ и други.

– Многу е значајно да се постигне согласност и да се воспостави реципроцитет, па и македонските граѓани да можат да патуваат во Руската Федерација без визи. За македонските бизнисмени и граѓани секако ќе биде од големо значење да се дојде до едно такво решение, сугерира Бишлиев.

Од кога е воспоставен безвизниот режим трговската размена меѓу двете земји е во постојан пораст. Минатата година, нагласува, вкупниот обем на размена пораснал во сите сегменти, а највисок раст забележал македонскиот извоз за 10,6 отсто. Размената лани достигнала 202 милиони америакнски долари со пораст од 5,6 отсто и годинава очекува таа да биде уште повисока.

Ваквиот тренд на придвижување нагоре продолжува и на стартот од 2018 година. Вкупната размена во јануари скокнала за 14,2 отсто, македонскиот извоз се покачил за 6,7, а увозот за 15,3 отсто.

– Меѓутоа, во размената со Руската Федерација земјава остварува значаен трговски дефицит, кој лани изнесуваше 94,3 милиони долари. Заради негово урамнотежување многу е значајно да се ослободат границите за слободна комуникација меѓу деловниот свет од двете земји, оценува Бишлиев.

Тој смета, дека, сепак, се уште е мал бројот на руски туристи кои ја посетуваат нашата земја и покрај безвизниот режим. За илустрација, во јануари годинава, во земјава допатувале само 255 руски туристи, што не е ниту еден отсто од вкупниот број странски туристи кои месецот престојувале во Македонија.

– Ваквата состојба трае подолго. Една од главните причини за малиот број руски туристи е фактот што не е воспоставена директна авионска линија меѓу двете земји. Но, недостасува и офанзивен настап на нашите туристички агенции на овој пазар. Сепак, во последно време имаме значајни најави за реализација на туристички аранжмани од Руската Федерација во Република Македонија, но и посети на туристички групи кои би дошле во нашата земја, како дел од програмите за посета на балканските земји со неколкудневен престој. Сето ова носи оптимизам дека во иднина ќе се зголеми бројот на руски туристи во Република Македонија, вели првиот човек на Македонско-руската стопанска комора.

Според податоците од Агенцијата за поддршка и развој на туризмот, во изминатите пет години променлив е бројот на руски туристи кои ја посетиле Македонија. Во 2014 година регистрирани се 4.666 туристи од Русија кои оствариле 13.451 ноќевање, во 2015 има пад на бројката на посетители и остварени ноќевања за околу седум отсто, кој продолжува и во 2016, за во 2017 година да се забележи драстичен пораст на туристи од 55 проценти (6.555), односно за ноќевања (18.478) од 65,7 отсто.

Неограничените можности на кинескиот пазар отворени за Македонија

Претседателката на Сојузот на Стопански комори Данела Арсовска оценува дека Спогодбата за заемно укинување на визите за државјаните на двете земји што треба да ја потпишат владите на Македонија и Народна Република Кина дополнително ќе влијае на зголемување на поволниот амбиент за зацврстување на деловните релации меѓу двете земји, зајакнување на комуникацијата, меѓусебно поврзување, како и на зголемувањето на трговската размена.

Таа наведува дека ССК негува одлични деловни релации со Кина, а активно учествува и во иницијативите за зголемување на соработката и трговските партнерства со Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа преку кинескиот мега-проект „Еден појас, еден пат” за инфраструктурно и економско поврзување на Азија и Европа.

– Деловните релации меѓу компаниите од двете земји започнаа да се зацврстуваат во 2015 година, кога го потпишавме договорот за соработка со All China Federation of Industry and Commerce (АЦФИЦ), најмоќната организација во НР Кина, која застапува над четири милиони компании со што Р.Македонија отвори пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар. Со потпишувањето на овој договор се овозможи зголемување на извозот и промоција на извозно ориентирани компании во Кина, како и полесен пристап на потенцијалните кинески компании кои својот интерес за инвестирање го гледаат во Република Македонија. Потоа следеа и други договори за соработка, членство во Silk Road Chember of International Cimmerce (SRCIC), со која работиме токму на промовирање на кинескиот мега-проект за инфраструктурно и економско поврзување на континентите, вели Арсовска.

Според неа, голем успех постигнале на последниот шести Самит на шефовите на влади на Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа во Будимпешта, што се одржа во ноември 2017 година, каде компани членови на Сојузот склучија седум договори за трговија во рамки на економскиот форум.

– Народна Република Кина е докажан партнер и пријател на Република Македонија и нашите билатерални односи се исклучително добри, веруваме во плодна соработка меѓу компаниите од двете земји и во иднина, оптимист е Арсовка.

Податоците од Државниот завод за статистика посочуваат дека во 2017 година бројот на посети на кинески државјани на Македонија изнесува 9.435, а 13.908 е бројката на остварени ноќевања.