Бајрам побара Ром да биде вработен во Кабинетот на премиерот

Пратеникот Амди Бајрам на денешната седница за пратенички прашања ги праша членовите на Владата во врска со снабдувањето со лекови и за вработувањето на Ромите во МВР и во Кабинетот на премиерот.

Бајрам го праша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски зошто на конкурсите што ги објавува МВР не се вработуваат Роми и кога тие ќе бидат рамноправни со другите.

Министерот Спасовски рече дека има распишано конкурс минатата година за прием на нови полицајци и оти според законот се избираат 550 полицајци.

– Во селекцијата досега според информации од Комисијата имаме различна национална структура во однос на кандидатите. Јас очекувам на крајот на селекцијата да имаме доволно кандидати кои припаѓаат на сите заедници, вклучително и на ромската, рече Спасовски.

За жал, како што посочи, точно е дека на изминатите конкурси нема ниту еден вработен од ромска националност.

Пратеникот Бајрам упати прашање и до премиерот Зоран Заев за тоа дали размислува да вработи советник од ромска националност во неговиот Кабинет. Заев одговори дека во текот на април има намера да го пополни слободното место – советник за ромски прашања.

– Јас познавам многу квалитетни Роми и верувам дека ќе се мотивираат да конкурираат. Се надевам на квалитетни кадри, за да може Роми да се борат за ромските прашња, рече Заев.

Според Бајрам не е важно кој ќе биде, туку важно е да биде образуван, а такви Роми има.

Бајрам на седницата рече дека аптеките прават големи малверзации, криејќи ги лековите од луѓето што зависат од нив, а не можат да си дозволат да ги купат.

Тој го праша министерот за здравство Венко Филипче дали Владата размислува граѓаните кои не примаат социјална помош дали можат да се лекуваат.

– Владата донесе одлука за укинување на партиципацијата за лица до 18 години кои примаат социјална помош. Ова е прва мерка и очекуваме да помогне сите млади лица до 18 години бесплатно да се лекуваат, изјави Филипче.

Ова, како што додаде, е прва мерка и ќе се размислува за нејзино продолжување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *