Ковачевски: По членството во НАТО, нашата домашна задача е целосно интегрирање во ЕУ, немаме друга алтернатива

Нашата домашна задача е да продолжиме да работиме забрзано и посветено до целосно интегрирање во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО Алијансата. Членството во ЕУ е наша цел и ние немаме друга алтерантива, потенцираше премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција по завршувањето на неформалниот состанок на лидерите на НАТО сојузниците од регионот.

Ковачевски  информираше дека со соговорниците разговарале за актуелните прашања за регионот и за посветеноста на Алијанса кон неговата стабилност и безбедност.

Како што посочи, на состанокот разговарале за предизвиците кои се поврзани со регионалната безбедност, меѓутоа и со сајбер безбедноста, како прашање со кое се засегнати сите од регионот.

-Разговаравме и за безбедноста на регионот во детали. Регионалната безбедност ја обезбедуваме во целост преку земјите членки на НАТО. Оваа безбедност и стабилност на земјата и на регионот со себе носи и економски просперитет за кој што исто така разговаравме со денешните соговорници, рече Ковачевски.

Според премиерот, инвеститорите од европските земји и од САД во Северна Македонија и во регионот препознаваат место каде можат да ги инвестираат своите пари и со тоа да обезбедат подобро платени работни места и зголемување на животниот стандард на граѓаните.

-Ова е факт и тоа е овозможено затоа што земјите од регионот вклучително и Северна Македонија како членки на НАТО се гарант на безбедноста на овој дел од светот. Северна Македонија и земјите од регионот кои се покажаа како ценети сојузници од доверба, заслужуваат да бидат дел и од ЕУ и ќе го искористиме целосно својот потенцијал за економски напредок на државите. Тоа ќе значи зголемување на животниот стандард на граѓаните, унапредување на демократијата и унапредување на владеење на правото, додаде Ковачевски.

Тој напомена дека Северна Македонија е пример за соживот и за мирно решавање на спорови преку дијалог, преку реформирање и практицирање на демократијата и инклузивност во носењето на одлуки.

-Како сојузници, како демократи, како прогресивни лидери градиме еден нов регион и постојано го унапредуваме. Тоа дефинитивно може да се каже и за Северна Македонија која одамна е пример за соживот, за мирно решавање на спорови преку дијалог, преку реформирање и практицирање на демократија и инклузивност во носењето на одлуките, рече Ковачевски.

Токму затоа, како што истакна, продолжувањето на евроинтеграцијата на Северна Македонија е од исклучително големо значење.

-Нашата домашна задача е да продолжиме да работиме забрзано и посветено до целосно интегрирање во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО Алијансата. Членството во ЕУ е наша цел и ние немаме друга алтерантива.Дали ке бидеме таму набрзо, сега зависи само и единствено од нас и одлуките кои ние треба да ги донесеме во нашето Собрание, рече Ковачевски.