Република Северна Македонија и МВР е домаќин на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, во рамки на Претседателството на Кралството Шпанија со Советот на Европската Унија, што ќе се одржува денеска и утре во Скопје.
Како што соопшти МВР, на дводневниот форум кој ќе се одржува во Собранието, ќе учествуваат министри за правда и внатрешни работи на државите од Западен Балкан и на државите на Европската Унија кои го претставуваат актуелниот претседавач Кралството Шпанија и наредните две држави претседавачи Белгија и Унгарија, европските комесари кои се надлежни за внатрешни работи и правда, директорите на европските агенции – Европол, Фронтекс и Европравда, како и останати високи претставници на меѓународните организации од областа на правда и внатрешни работи.
Првата сесија од Министерскиот форум е посветена на областа внатрешни работи со фокус на темите Внатрешна безбедност и Зајакнување на управувањето со миграција, азилот и надворешни граници.
На крајот од сесијата ќе се одржи прес-конференција на која ќе земат учество еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и министрите за внатрешни работи на Кралството Шпанија и на Република Северна Македонија, Фернандо Гранде-Марласка Гомез и Оливер Спасовски.
Форумот утре продолжува со Втората сесија посветена на правда на која ќе се дебатира на теми Владеење на правото и судски реформи и Напредок во заедничките активности во врска со руската воена агресија врз Украина. По завршувањето на сесијата, заедничка прес -конференција ќе одржат еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс и министрите за правда на Кралството Шпанија и на Република Северна Македонија, Мариа Пилар Лоп Куенка и Кренар Лога.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека одржувањето на Министерскиот форум во Скопје претставува уште едно признание за државата.
-Ми претставува особена чест и задоволство што и годинава, а вторпат за време на мојот мандат, доаѓа уште едно признание за Република Северна Македонија и МВР – честа да бидеме домаќини на Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан во Скопје на 26-27 октомври 2023, напиша Спасовски на неговиот службен ФБ-профил во пресрет на одржувањето на форумот.