25. ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ НА МАКЕДОНСКОТО РАДИО „ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА“ ОД ТОРОНТО

Јубилејот 25 години на македонското патриотско радио Обединета Македонија од Торонто, Канада, основано од уредниците Драгица и Мицко Димовски е омилен медиум за Македонците од етничка Македонија во мултикултурна Канада. Тоа е формирано во  1998 година и се емитува секоја сабота од 9-10 часот наутро на 1430 АМ на мултикултурната Радио станицата СНКТ. РадиотоОбединета Македонија е добитник на  Повелбата на Република Македонијакое се доделува зауспех на разни поединци, здруженија, организации и институции. 

Канада се смета за светски пример на мултикултурно општество. Таа е прва земја во светот која официјално го призна мултикултурното шаренило и ја продолжува континуираната, значајна и доследна недискриминациска политика. Со тоа, мултикултурата на заедништво, почит и љубов кон Канада се прогласи за политика на власта на Канада, каде што секој староседелец или новодојденец како Канаѓанин има право на слобода на свеста, верата, мислата, изразувањето, мирното собирање и развој во сопствената култура, пропагирање и применување на сопствената религија и употребата на мајчиниот јазик пренесуван преку безброј генерации.

Често се вели дека Канада е „ветената земја” за Македонците, особено од егејскиот дел на Македонија, кои во Канада ги уживаат сите човекови права. Додека во своите родени земји Грција (Елада) и Бугарија се еден вид туѓинци: немаат свои училишта, ни цркви; им се оспорува на­цио­налниот идентитет; врз нив се врши аси­ми­ла­ција, денационализација и систематско ис­тре­бу­ва­ње. Затоа, со право и со гордост Ма­ке­дон­ците во Канада ја пеат химната „О, Ка­нада…”

Така, македонските информативни гласила во Канада се од посебен интерес и имаат повеќекратно значење и улога во севкупното живеење на Македонците од етничка Македонија во новата средина. Нивната историја и развоен пат се бурни и многу интересни од новинарски, информативен, музички, национален и друг карактер.

Инаку, радио часовите на Македонците во Канада, со мали исклучоци, главно се изведуваат аматерски, во комерцијални цели и се скромно организирани, но со силен ентузијазам и љубов кон македонската пена и оро и кон Македонија. Тоа е од потребата македонските доселеници од сите делови на Македонија да слушнат и да разберат за состојбите, пред се’ во новата средина и поширо од “стариот крај” – од дедовското огниште во Македонија.

Треба да се одбележи дека информативните гласила носат длабока порака: го јакнат патриотскиот дух, успеваат да го зачуваат националниот идентитет, јазикот, културата, духовното наследство и, над се’, богатите музички и фолклорни постигнувања на македонскиот народ. Од музички аспект, пак, радио часови во македонската дијаспора, носат исклучиво македонски карактер.

1rade2

Драгица и Мицко Димовски

Еден од значајните и слушаните македонските радио часови во Канада е, секако, Македонското патриотско радио „Обединета Македонија“ од Торонто. Тоа е едно од неколкуте радио часови во ова канадска петропола, кај кое доаѓаат до израз, пред се’ и над се’, националните белези на македонскиот народ од етничка Македонија.

Македонското патриотско радио „Обединета Македонија”  ја започна својата информативна дејност уште во 1998 година, со своја аматерска програма и скромни финансиски можности. Водитети и уредници се брачниот пар Драгица и Мицко Димовски, кои водат потекло од битолскиот крај. По смртта на Мицко Димовски, радиото го води неговата сопруга Драгица Димовска. Радиото се емитува секоја сабота од 9-10 часот наутро на 1430 АМ на Радио станицата СНКТ, а повторно емисиите се емитуваат на интернет на Етничкото радио за слушателите дури во Ванкувер и Калгари, во западниот дел на Канада. Затоа радиото „Обединета Македонија“ е добитник на  Повелбата на Република Македонија кое се доделува за успех на разни поединци, здруженија, организации и институции. 

Македонското патриотско радио „Обединета Македонија”  во изминатите 25 години стана посериозен гласник и едно од водечките македонски информатори во демократска и мултикултурна Канада. Меѓу другото, во изминатите  година организира традиционални игранки, со настап на македонски естрадни уметници и со учество на фолклорни групи. Тоа е спонзориран од македонски компании, Македонската православна црква “Свети Климент Охридски” и други македонски православни цркви, како и поединци, меѓу кои главен спонсор е, секако, почитуваната д-р. Елизабета Димовска.

Програмите на овој значаен и по многу нешта карактеристичен македонски радио час со единствено име во дијаспората како “Обединета Македонија”  се разновидни и интересни за слушателите. На програмите се застапени, вести од Република Македонија, настани од македонската заедница во Торонто и пошироко, потоа соопштенија, поздрави и честитки и голем број музички програми со убави македонски песни и музика од сите делови на Македонија.

Драгица Димовски е душата на овој македонски радио час. Таа е позната и призната Македонка во македонската заедница во Канада. Драгица е многу активен член на Македонската православна црква “Свети Климнет Охридски” и особено на Литературното друштво “Браќа Миладиновци”. Таа е активна во Литературното дртуштво уште од неговото формирањето во 1987 година, а била повеќе пати претседател и потпретседател. Исто така, таа е активна и во Пензионерското друштво.

Една од активностите на Македонското патриотско радио “Обединета Македонија” е организирањето на годишната игранка. Имено, на 21 октоври 2023 година, во салата на Македонската православна црква “Св. Климент Охридски” во Торонто, се одржа 25-та традиционалната игранка. На оваа пријатна македонска вечер на која беа присатни бројни гости, ги забавуваше Бендот на Соња и Оливер и специјалните гости Кире и Валентина Враговски. Вечерта помина во пријатна атмосфера со поздравување, пред се’ од домаќинот Драгица Димовски., а потоа од одреден број гости, меѓу кои најзаслужните добија благодарници.

Забавата за 25 годишнината на Македонското патриотско радио “Обединета Македонија” траеше до доцна во ноќта, кога македонските ора и патриотските песните беа еден вид причина за големото другарување на Македонците од Торонто.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *