Измените на Кривичниот законик за власта се усогласување со европското законодавство, а за опозицијата заштита на криминалот и корупцијата

Од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ. Вчера кога го давав Предлогот, објаснив зошто треба да биде со европско знаменце и по скратена постапка. Напоменав дека целта е усогласување со европското законодавство.

Вака заменик-министерот за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ попладнево пред пратениците ги бранеше измените и дополнувањата на Кривичниот законик што Собранието ги донесе со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан.

Според Аврамовска – Мадиќ, во Кривичниот законик има 422 кривични дела за кои ќе може да одговара секој што ќе го прекрши законот.

-Драго ми е многу што на Комисијата за европски прашања вчера и денеска постојано спомнувате дека во Кривичниот законик има други дела за кои ќе одговараме. Да, има други дела, 422 кривични дела за кои ќе може да одговара секој што ќе се огреши по законот, па дури и ние. Кажувате намера, па нели имате цврсти докази за нас, нели сме криминалци седум години, па ќе ги извадите и ќе нема проблем да ги докажете, рече заменик-министерот за правда која им реплицираше на опозициските пратеници.

Тие претходно, во текот на дискусијата, изнесоа остри критики, обвинувајќи ја власта дека ги носи овие законски измени за да ги амнестира оние што го прекршиле законот, а целта е, рекоа, да се заштитат криминалот и корупцијата. Како што истакнаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и во овој случај се злоупотребува европското знаменце. 

-Ова е крај на правото и правдата. Не сум сонувала дека може за три часа да се донесе закон. Се срамам што предавам право. Ве уверувам дека во нашиот суд ќе се изучува како се злоупотреби денеска службената функција за да се донесат законските измени за неколку часа. Овој закон обезбеудва механизам за потенцијална амнестија на оние за кои секој ден слушаме што прават. Јасно е која е основната причина за донесување на овие измени – да се заштити криминалот и корупцијата. Денеска измените на Законот обезбедија заштита на криминалот и корупцијата, а преседан е и тоа што не е присутен министерот кој не стои на корицата на Законот, а по функција е тој што го персонифицира Министерството за неправда, потенцира професорката и пратеник Гордана Силјановска Давкова. 

 Суштината на законските измени, укажа Силјановска Давкова, е во трите члена: 32, 33 и 34

-Дваесет и седум члена се однесуваат на справување со незаконска трговија со огнено оружје, криминал, замрзнување и конфискација на предмети и имот, еколошки криминал,…, ама овие 27 измени ќе стапат во сила по шест месеци. Тие се само алиби и декор, зашто суштината е во членовите 32, 33 и 34 кои ќе стапат во сила за осум дена. Се велеше дека се работи на нов Кривичен законик врз основа на нов концепт за да се фокусираме на усогласување на меѓународните и ЕУ стандардите, дека процесот е долг и сложен, но денеска ниту имаше редовна постапка, ниту имаше судии, професори, адвокати. Отсуствуваше јавноста. Се појавиле ургентни прашања за кои е целисходно да бидат регулирани за пократок период. Целосиходност е причина, а не владење на право, правда и етика, забележа Силјановска Давкова.

Осврнувајќи се на трите члена одделно, таа предочи и дека со една од измените, наместо правно да се одговори на злосторничко здружување, се овозможува, како што рече, проектирана амнестија.

-Ннаместо десет години затвор, сега доволни ќе бидат две години. Не сум слушнала досега правно да се проектира амнестија за злосторнички групи. Ова е непознат европски феномен, рече професорката. 

Според Драган Ковачки, со овој Закон, власта повторно ја силува демократијата и го амнестира криминалот.

-Ова е уште еден срам за Македонија. Најголемото зло е токму ова Собрание. Повторно ја силувате демократијата, амнестирате криминалци, луѓе кои се огрешиле кон законот, кои го искрале државниот буџет. Ова се мрачни денови, јасно е дека СДСМ и ДУИ знаат какви криминали имаат правено и дека заминуваат од власта, па на овој начин се обидуваат да се спасат. Треба да се засрамите, ова е класичен пример на автократија. Во момент кога имаме морбиден случај како оној на Онкологија, се протнуваат измени на Кривичниот законик, истакна Ковачки. 

Ели Панова побара министерот за правда да објасни зад кои европски регулативи стои законот.

 – Со овој закон потврдивте дека немате образ, достоинство и чест, законот е признание дека оваа Влада скоро седум години вршеше прогон на политички неистомисленици. Ниту една од ЕУ регулативите на кои се повикувате не овозможиле амнестија на криминал. Дали некој од Министерството за правда ќе објасни кои се тие европски регулативи зад кои стои овој закон? Каде е министерот, каков е тој министер чиј закон доаѓа во Собранието без негова поддршка? Нека дојде да каже дали е против законот и каква позадина има законот, рече Панова. 

Од СДСМ единствено зборуваше Снежана Калевска Ванчева. Таа ги праша колегите од опозицијата дали можеби им смета прецизирањето на одредбите со кое ќе се овозможи ефективно и ефикасно водење на кривичните постапки.

-Не можам да разберам како сфаќате што е приватен интерес. Дали проширената конфискација или усогласувањето на членовите од главата 22 (кривични дела против животна средина со европска регулатива)? Дали е и царинската измама приватен интерес? Како со таква леснотија кажувате дека овде се работи за приватен интерес освен ако немате некои такви искуства, но тоа е сосема друго. На кого му смета прецизен опис на законските одредби, дали сакаме да имаме прецизни законски одредби за да имаме ефективно и ефикасно водење кривични постапки со завршница за сите што го прекршиле законот?, рече Калевска Ванчева. 

Собранието по оваа точка го донесе и Законот за ратификација на Шестиот дополнителен Протокол кон Спогодбата за мултинационалните мировни сили на Југоисточна Европа. Спикерот Талат Џафери потоа ја прекина седницата со образложение дека за следните точки нема услови да се отвори дебата. За продолжението на седницата, напомена, пратениците ќе бидат диполнително известени. 

-Апелирам до претседателите на комисиите да закажуваат седници за да продолжиме со работа по оваа седница, рече Џафери.