ВМРО-ДПМНЕ: Консензус за уставни измени под бугарски диктат не е можен, единствено можен е консензус за избори

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека консензус за уставни измени под бугарски диктат не е можен, и оти единствено е можен консензус за избори.

Од партијата во прилог на својот став наведуваат дека и „над 80 проценти од граѓаните, јавноста и експертите се против промена на Устав под бугарски диктат“.

-Тоа што е суштинско и што недостасува во ламентирањето на Ковачевски во интервјуто е зошто беше одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за  општествен и политички консензус пред да прифати преговарачка рамка со ЕУ со која Бугарија ќе има можност и ќе ја искористи таа можноста да ја блокира Македонија секогаш кога нема да бидат исполнети иредентистичките, антимакедонски диктати од Софија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто на премиерот Димитар Ковачевски за МИА. 

Ковачевски, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на интервјуто, само за ден повеќе на власт и одржување на коалиција со ДУИ ја доведе Македонија во подредена положба и ја загрози нејзината европска интеграција, уште повеќе нејзината вековна јазична, културна и историска посебност.

Но, нагласуваат,  тоа се прашања за коишто ќе мора да одговори кога ќе се врати од луксузното одморалиште далеку од очите на јавноста, кога ќе се соочи со неизбежноста од одржување предвремени парламентарни избори.