Македонија втора во Западен Балкан по жени убиени со огнено оружје

 По Косово, Македонија е втора земја од Западен Балкан по жени убиени со огнено оружје. Најголем дел се жртви на семејно насилство, покажа компаративното истражување на Центарот за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна Европа.

Како што истакна на денешната трибина Бети Пеева од НВО „Ехо“-Штип, причина се конфликтите во земјите од регионот што го зголемија и процентот на физичко малтретирање, како и бројот на убиства.

– Македонија нема прецизна статистика колку убиства со огнено оружје се извршени како резултат на семејно насилстно. Последните три до четири година има 20 убиства, можеби и повеќе. Податоците со кои ние располагаме покажуваат дека и дел од жртвите побарале помош од центрите за социјална работа и од полицијата, но тие не реагирале соодветно поради што исходот бил трагичен, рече Пеева.

Според невладините организации, при издавање оружје треба да се контролира целокупната историја на лицето што добива дозвола, а со посебна внимателност треба да се следат полицајците и војниците и сите лица што по службена должност имаат допир со оружје.

Од дебатата на невладината ЕХО што се организираше во Штип во рамки на „16 дена кампања против родово насилство“, една од препораките содржана и во извештајот, е изработка на национални стратегии за контрола на оружјето во сите земји од Западен Балкан.