По 4-ти пат меѓународен ревијален натпревар во параглајдерство „Prilep Open“

На 9 и 10 декември по четврти пат во Прилеп ќе се одржи меѓународниот ревијален натпревар во параглајдерство, во дисциплината прецизно слетување насловен: „Prilep Open“, еден од најмасовните настани во парагалјдерство во Македонија.

Според Златко Спиркоски, секретар на клибот за екстремни спортови „Skyriders“ кој е организатор на ова натпреварување, целта на манифестацијата е развој на параглјадерството и достигнување на повисоко рангиран натпревар во перспектива.

– Местото на одржување се уште не е одредено поради временските услови. Засега, за почеток на натпреварот се предложени 3 локации: Крушево, Трескавец и Топташ. Годинава, натпреварот се одржува во декември, бидејќи овој месец нашиот клуб одбележува 25 години од своето постоење. Со истиот натпревар ќе го одбележиме и нашиот јубилеј и ќе доделиме благодарници и дипломи на заслужни членови на клубот. Од наредната година натпреварот сигурно ќе биде во категоријата ФАИ 2 со можност да биде и Светски куп. Прилеп и Пелагонија се регион што овозможуваат најдобри услови во Македонија за развој на параглајдерството. За разлика од минатите години, овој спорт овде е веќе на високо ниво, вели Спиркоски.

Како што објаснува Спиркоски, манастирот Трескавец, Селечка планина и Крушево се особено погодни за развој на параглајдерството.
-Во текот на минатите години овде се одржале и натпревари од највисок ранг. Во 2018 година ќе се одржи предсветско првенство во крос-кантри, а во 2019 година во Крушево ќе се одржи Светското првенство во крос-кантри, што е еден од највисоките натпревари што воопшто може да ги посакаме да ни се случат, вели Спиркоски.

Од клубот „Skyriders“ очекуваат параглајдерството во Прилеп и Крушево да се развива не само како спорт, туку и како спортски туризам.

Според податоците на Спиркоски, секоја година Пелагонискиот регион го посетуваат од 1500 до 2 000 странски параглајдеристи. За уште поголем развој и промоција на овој спорт во регионот, според процените ,се потребни уште некои интервенции, како изградба на пристапни патишта до неколку стартови и поставување мерни станици.

– Во Крушево веќе се работи на проект за да се обнови стартното место и да се оплемени со повеќе содржини. Се надевам дека тој проект ќе биде завршен во текот на 2018 година. Кај нас ,пристапен е само стартот на Трескавец, а другите терени од каде може да се полетува како „Слива“ и „Две стени“, не се пристапни. На „Слива“ патот до стартот е пократок и со една мала интервенција би можело да се создадат услови Прилеп да добие за брзо време уште еден старт за параглајдери. Досега заедно со локалната самоуправа и УСАИД направивме еден проект со кој се обезбедија метео станици кои ги покажуваат временските услови во моментот, имаме мерење на секои 2 минути. Тоа е објавено на интернет страницата holfuy.com каде секој може да ги види временските услови. Досега, вакви станици има поставено на Трескавец, Крушево и на Рибник, на ридот кај Долнени, каде што се врши обука. Тој новоселски рид е најдоброто место за учење на параглајдеристи во поширокиот регион, објаснува Спиркоски.

Инаку, за тоа колку параглајдерството е развиено во Прилеп покажува и фактот што прилепските парагалјдеристи се најдобри во дисциплината „прецизно слетување“. Оттука и македонска репрезентација во последниве 15 години се состои само од прилепски параглајдеристи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *