Штипскиот универзитет промовираше двајца доктори на науки

Во рамките на одбележувањето на 11 години од формирањето на универзитетот „Гоце Делчев“- Штип денеска беа промовирани двајца доктори на науки. Димитрие Ангелков и Далибор Серафимовски се доктори по Технички науки на Факултетот за информатика и компјутерско инжињерство при УГД-Штип. Ангелков и Серафимовски имаат веќе успешни приказни во тоа што го работат. Ангелков веќе е управител на фирмата „Интерактивна иднина“, а кој ја има и произведено интерактивната табла со најниска цена на чинење во Македонија, но и на светскиот пазар и како што вели ова го решава проблемот со недостатокот на интерактивни табли во училиштата.

– Докторатот е интернет базирано управување на системи, специјализирано за винарии управувани на далечина, каде што се следи процесот на ферментација на сите параметри и е во соработка со големите компании во Кавадарци. На овој начин го решаваме проблемот со добивање максимален квалитет на виното за најкратко време во строго контролирани услови, вели Ангелков.

Далибор Серафимовски вели дека во последните четири години работи на системите за медицински надзор,  а за својот докторски труд изработил модел во клинички и вонклинички услови за далечинско следење на пациентите, со помош на мобилните телефони.

– Сметам дека е еден модел кој што во иднина многу би се користил посебно во делот на истражувањата во медицината, бидејќи овозможува проток на податоци од огромен број центри. Во истовреме би се следеле во еден центар и би се обработувале автоматски, што мислам дека за многу болести и за многу медицински случаи кои се наоѓаат во некои планински места, непроодни места, а каде што сепак интернетот сепак го имаме насекаде со помош на мобилниот телефон, може да се одреди дијагноза и да се направи една комуникација меѓу лекарот и пациентот на далечина, вели Серафимовски.

Во тек се и преговори со фирми за оваа апликација, односно модел, а комуникациите ги води неговиот ментор универзитетскиот професор Коста Митревски  од ФИНКИ.

Ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Блажо Боев вели имајќи во предвид дека студирањето на докторските студии се одвива пет години нормално е во една година да излегуваат по неколку кандидати, а доколку излегуваат повеќе во тој случај вели дека може и да се постави прашањето дали има потреба и од толкав број доктори на науки.

– Имајќи предвид дека сепак ова е образование кое треба да се отсликува со врвни истражувања, со врвен квалитет  сметам дека бројот не треба да го одредува она што се произведува на универзитетот, вели Боев.

Во рамките на одбележувањето на 11 години од формирањето на УГД за утре во 12 часот е закажана Свечена академија на која што е и поканета и министерката за образование, Рената Дескоска.