Мицкоски за избори ги понудил 24 септември, 1 или 8 октомври

На лидерската средба со премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги понудил 24 септември, 1 октомври или 8 октомври како датуми за предвремени парламентарни избори или широка влада, како и заштитен идентитет и брза интеграција во Европската Унија.

Дали е поверојатно да има избори или широка влада со СДСМ за процесот на уставни измени, Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ е „подготвена час поскоро да има избори“.

– Но, за жал, ние немаме 61 човек во Парламентот со што тој би се распуштил, рече Мицкоски вечерва во интервју за ТВ Сител.

Тој повтори дека уставни измени ќе поддржи само ако имаат одложено дејство, односно да стапат во сила кога земјава ќе стане членка на Европската Унија. Во спротивен случај, рече Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ „нема намера да поддржи какви било уставни измени кои ќе значат неизвесност во процесот на преговори“.

На прашањето дали ако важат одложено, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати уставните измени во собраниска процедура кога Владата ќе ги испрати, тој одговори дека тогаш ќе бараат гаранти да бидат ЕУ и САД.

– Тој предлог ќе биде доставен до канцеларијата на Европската Унија и САД и тие да бидат гарант на тој процес дека Македонија ќе ги примени овие уставни измени во својот Устав оној ден кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол од земјите членки во ЕУ, истакна опозицискиот лидер. 

На прашањето зошто не би биле со ДУИ во широка влада и дали соработка со СДСМ значи дека ги легитимира политиките на партијата на Ковачевски, Мицкоски одговори дека „СДСМ е кираџија во својата Влада“ и дека „политиките во Владата де факто ги води ДУИ“. 

– Единствени пораки што ги гледаме се од министрите кои не се од СДСМ и тоа на различни теми – правда, образование, економија, здравство… Тоа се двигателите на политиките на Владата и логично е тие луѓе кои се претставија како носители на работата на Владата, која е неуспешна, да ги обвиниме за неуспешно владеење односно управување со таа Влада. Што се однесува до СДСМ, секој што сторил криминал, ќе одговара, рече Мицкоски, додавајќи дека широка преодна влада нема да значи „амнестија за многу криминални случаи кои се провлекуваа во изминатите шест години“.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ „ќе  биде принудена“ да формира влада со партијата на Али Ахмети, ако ДУИ победи на следните избори во албанскиот политички блок, Мицкоски одговори: „правилото победник со победник одамна не важи“.