Хрватската европарламентарка Петир: ЕУ ја остави Македонија на милост и немилост на Грција

Европарламентарката од Хрватска, Маријана Петир упати критика до Европска унија за оставањето на Македонија на милост и немилост на Грција.

– Пред се сметам дека Република Македонија никогаш не требаше да биде доведена во ваква ситуација и ЕУ тука има свој дел од одговорноста, бидејќи по прашањето на Македонија ги покажа сопствената неверодостојност и двојните стандарди и буквално и препушти на Грција да се изживува врз Македонија, вели Петир во интервју за хрватскиот портал „Народ.хр“.

Нагласува дека Македонија одамна била подготвена за отворање на преговори и додава дека земјата била поподготвена за влез во ЕУ отколку што биле некои земји кога влегувале во Унијата.

Петир веќе неколку пати до сега со видео пораки порача дека Македонија има едно име и не треба да го менува, а сега повторно стои на тој став.

Таа вели дека грчкиот народ протестира, бидејќи не само што не прифаќаат Македонија да се вика Македонија, туку не сакаат во името на државата да се спомнува каков било збор кој во својот корен го има зборот „Македонија“, во кој било облик и сакаат промена на Устав што е неприфатливо.

– Јасно може да се види дека Грците не сакаат договор, туку сакаат на една современа и демократска држава да и го одземат нејзиниот идентитет, вели таа.

Петир смета дека ниту една влада или партија не може самостојно да донесе една толку голема одлука каква што е промената на името.

– Македонија и македонскиот народ се на прво место. Народот треба да каже дали ја прифаќа оваа уцена или не и одлуката на народот треба да се почитува, не само од македонската Влада, туку и од ЕУ и НАТО, вели таа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *