Ковачевски: ЕУ треба да има јасна стратегија за интегрирање на преостанатиот дел од Балканот

Не постои држава која што требала да донесе потешки и помачни одлуки од нас. Северна Македонија го промени името за да стане членка на НАТО и членка на ЕУ. И кога се заврши со референдумот, кога Собранието изгласа, НАТО испорача, а ЕУ не, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на панелот на темата „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“ во рамки Глобалниот безбедносен форум Глобесек 2023 во Братислава,

– Тоа се факти. Затоа што таму измислија некакво вето поради владеењето на правото и некои други работи. Нашата независност како земја ја почнавме пред 32 години како дел од поранешна поголема земја. Градевме институции, создававме институции од ништо. Почнавме од нула. Голем дел од овие институции се изградени заедно со земјите од ЕУ и со поддршката на САД. Тие навистина имаат високи институционални способности, истакна Ковачевски.  

Според него, како што јави специјалниот известувач на МИА од Братислава, кога зборуваме за интегритетот, за владеењето на право и демократија, како да се забораваат критериумите за членство од Копенхаген.

– Дали сметате дека сите земји коишто се приклучиле кон ЕУ биле на нивото на Франција, Германија и Шведска? Не би се согласил. Можам дури и да кажам дека интегритетот на македонското Собрание во поглед на поплаки, во поглед на антикорупција, е многу повисок од оној на Европскиот парламент, потенцира премиерот Ковачевски. 

Тој потсети дека земјава спроведе тешки реформи и затоа ЕУ, а пред се Европскиот совет, треба да има јасна стратегија за интеграција на преостанатиот дел од Балканот што не е дел од Унијата.  

Според Ковачевски, овогодишниот глобален безбедносен форум во Братислава се одржува во време кога Европа, а исто така и Балканот, се соочуваат со многу предизвици и затоа е важно да се создадат услови за соработка и поттикнување на економскиот раст на државите во регионот.

Премиерот при тоа ја истакна улогата на Европската Унија за економски просперитет на Западен Балкан и изнаоѓање начини за меѓународните партнерства, порачувајќи дека е понекогаш е добро наместо да се стигматизира Балканот, да се слушнат размислувања и на земјите од Југоисточна Европа кога станува збор за  прашања кои се во интерес на ЕУ. 

– Секогаш е добро да слушнеме различни мислења и да извадиме заеднички заклучок, потенцира Ковачевски.  

Осврнувајќи се на прашањето на панелистот за јазот помеѓу земјите од Балканот членки на ЕУ, Ковачевски истакна дека тој се зголемува во економска смисла и тоа не може никако да биде добро, па затоа поддршката од европските фондови е клучна за развојот на балканските земји, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок.