ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН Преку информативните гласила во новите средини Македонците ги збогатуваат своите национални вредности со помош на културните институции во новите средини и на тој начин го збогатуваат мозаикот на мултинационалните култури во новите средини на петтиот континент. Во Австралија како што е случајот и во Канада особено во осумдесеттите години, во одредени гласила што се печателе на хрватски и на српски јазик се јавувале и македонски страници, на кои биле застапени куси вести и информации од активностите во македонските колонии. Ова се правело, пред с#, од економски причини и од тоа што македонските доселеници чиј број е значително поголем од многу други народи од Балканот, кои играат значајна улога во севкупното живеење во новите средини. Овие гласила наидувале на прифаќање кај македонските доселеници кои во одреден период кога немало автентични македонски гласила во дотичната средина, ги задоволувале читателските потреби кај македонските доселеници. Ваквиот однос и симпатии кон одреден број хрватски или српски гласила биле поизразени кај македонските доселеници кои дошле од Република Македонија. Еден од таквите весници бил “Ново доба” од Сиднеј во кој до 1975 година се печателе и македонски страници, во почетокот една а потоа и 3 страници во секој број. Овие страници донесувале куси вести од општествениот, културниот и стопанскиот живот во Република Македонија, што најчесто биле преземани од гласила печатени во Републиката или агенциски вести и информации. Исто така, од јануари 1978 година секој понеделник започнале да се печатат македонски страници и во весникот “Наше новине” од Сиднеј. Македонски радио-часови во Австралија Првиот македонски радио-час во Австралија и прв во дијаспората бил радио-часот во Перт. Имено, веднаш по печатењето на првиот весник на македонски јазик во 1946 година, гласилото “Македонска искра”, во почетокот на 1947 година започнал “Македонски радио-час”.Програмата се емитувала на локалната радио-станица секоја втора среда. Уредници и водители на овие емисии биле претставници на МАНС во (Македонско-австралискиот народен сојуз). Овој радио-час постоел до почетокот на 1948 година. Преку него биле објаснети стремежите на Македонците за национална и социјална слобода во борбата на демократската армија на Грција. Затоа, поголем број од вестите биле емитувани на англиски јазик. Поради непријателската пропаганда од непријателските земји водењето на радио-часот наидувал на низа тешкотии. Но и покрај тоа овој радио-час останал да ја брани борбата на македонското население од егејскиот дел на Македонија. Во претходните четири децении повремено се емитувале радио-часови на македонски јазик на програмите на одредени радио-станици во Австралија. Тие често биле врзани со некоја прослава, а биле организирани од македонски иселеници кои ги рекламирале своите бизниси. Тоа особено било значајно кога се зголемувал бројот на македонските доселеници во Австралија и кога потребите од таквите огласувања станувале с# поголеми и понеопходни. Кон крајот на 1976 година во Перт започнала со работа емисија на јазиците со етничките групи, меѓу кои била и емисијата на македонски јазик. Од 27 јули 1977 година, пак, секоја недела во траење од половина час започнала да се емитува радио-програма во состав на Македонската општина во Перт. Исто така, во Перт во периодот 1979-1984 година се емитувал уште еден приватен радио-час. Потоа, од 11 Ноември 1984 година на истата радио-станица во траење од половина час започнал да се емитува уште еден македонски радио-час. Од ноември 1990 година се отворила нова радио-станица во Перт на која Македонската обединета општина добила 120 минути да емитува свој радио-час секоја недела. Исто така, во Перт секоја недела предпладне се емитува радио-часот на Македонското културно-уметничко друштво “Илинден”. Први обиди за отворање на радио-часови на македонски јазик во Мелбурн започнале во 50-тите години. Меѓутоа, како и во Перт, така и во Мелбурн се правеле пречки од етничките заедници на соседните земји, особено од грчката која често го оневозможувало емитувањето на македонските програми. И покрај тоа во 1954 година, по повод Илинден требало да се емитува радио-емисија која ја подготвил разгранокот на МАНС. Меѓутоа, еден ден пред емитувањето македонските доселеници биле известени дека говорниот дел не ќе може да биде емитуван на македонски јазик. На 1 август 1959 година бил отворен првиот радио-час на македонски јазик во Мелбурн. Потоа во текот на осветувањето на првата Македонска православна црква во Мелбурн и Викторија “Св. Ѓорѓи”, во 1960 година со успех била емитувана радио-програма на македонски јазик. Тогаш, всушност, во период од неколку дена на радиото се давале соопштенија за претстојните свечености проследени со македонски песни. Исто така, во текот на 1967 и 1968 година во градот Џилонг започнал да се емитува приватен радио-час со комерцијален карактер. Потоа во 1977 година во состав на етничката радио-станица 3ЕА, а во рамките на Југословенскиот радио-час односно Австралиско-југословенската добротворна заедница, започнала емисија на македонски јазик. На оваа радио-станица биле емитувани поголем број радио-часови на македонски јазик почнувајќи од 1977 до денес. Во 1989 година на етничката радио-станица 3 ЗЕТ која е сопственост на Владата на Австралија, Федерацијата на македонските асоцијации во Викторија го започнаа македонскиот радио-час што се емитува двапати неделно. Исто така, во 1989 година во рамките на Југословенската добротворна заедница започна да се емитува македонски радио-час секој понеделник. Вакви и слични радио-часови во Мелбурн со подолг или со пократок век имало неколку. Македонскиот збор во Њукасл првпат се слушнал на 31 јули 1949 година по повод 46-годишнината од Илинденското востание, кога се зборувало за ослободителните борби на македонскиот народ. Оваа програма била со кус век, меѓутоа, во 1977 – 1978 година, кога и другите етнички групи добиле радио-час, тогаш добиле и Македонците. Така, на 22 март 1978 година за првпат се пренесе македонскиот збор и македонската песна низ етерот на Њукасл. Меѓу првите етнички радио-програми во Сиднеј бил македонскиот радио-час кој започнал да се емитува на 13 јули 1975 година на радио-станицата 2ЕА. Од 1975 година започнал да се емитува уште еден радио-час, а од 7 мај 1983 година започна да се емитува македонскиот радио-час кој бил во организација на МПЦО “Св. Петка” од Сиднеј. Потоа, во 1988 година во Сиднеј почна да се емитува уште еден македонски радио-час. Македонскиот радио-час во Џилонг бил отворен на 4 мај 1989 година. Исто така, радио-час на македонски јазик бил отворен и во Аделајд на 21 март 1976 година, а во Бризбен, пак, македонскиот радио-час започнал да се емитува во 1980 година на општинското мултикултурно радио. Во Квинбијан прва македонска радио програма започнала да се емитува во текот на 1982 година. Сите овие радио-часови биле емитувани на македонски и на англиски јазик при што се даваат материјали за активностите и животот во нивните нови средини, како и од општествениот, културниот, црковниот и политичкиот живот во Република Македонија. Прололжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |