Заев – Коѕијас: Време е за лидерски одлуки и за компромис

Иднината на Македонија и Грција треба да биде во фокусот на преговорите на двете земји за решавање на спорот со името, му порача денеска премиерот Зоран Заев на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.

– Треба да сме одлучни, и да правиме чекори кои не водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу нашите две земји. Уверен сум дека овој пристап ќе доведе до решение кое ќе им даде доволно прифатливи аргументи на институциите во двете земји, како и на опозицијата, да прифатат дека тоа ќе биде достоинствено и за Република Македонија и за Република Грција, нагласи Заев на средбата со Коѕијас.

Заев, кој на средбата беше придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека и оваа средба го зазема своето место како значајна во разговорите за проблемот што Република Грција го има со уставното име на Македонија.

Додаде дека таа се совпаѓа со еден исклучително позитивен момент кога се очекуваат трајни решенија за билатералните прашања во регионот во перспектива на очекувањата на ЕУ.

Заев нагласи дека и двете земји за време на процесот практикуваат и негуваат една заедничка, европска вредност, а тоа е взаемното градење на подобри билатерални односи и релации на доверба.

– Останува и понатаму да ги усовршуваме билатералните односи, да ги негуваме и да ги направиме уште подобри откако прашање за името ќе биде решено, бидејќи граѓаните во нашите земји, нашите пријатели во ЕУ и меѓународната заедница, очекуваат решение на ова прашање, додаде Заев.

Коѕијас потенцираше дека сегашноста и иднината бараат одговорност за решение на отвореното прашање.

Тој истакна дека Грција, како земја членка во НАТО и ЕУ со најстара демократска традиција во регионот, има голема одговорност за решавање на ова прашање и дека мора да се најде компромис прифатлив за двете страни.