Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Делегација од Групата на Европската народна партија во Европскиот Парламент, предводена од европратеникот Андреј Ковачев, придружуван од европратениците Алојз Петерле и Туне Келам.
Џафери на средбата изразил задоволство што во Европскиот Парламент возобновена е неформалната група „Пријатели на Република Македонија“, која, како што рече, со своето делување треба да придонесе за поголема видливост на земјата и нејзиниот пат кон ЕУ.
За поздравување, рекол Џафери, е и приоритетот во Програмата на Тројката за процесот на проширување, на кој се гледа како стратешка инвестиција за мир, демократија, просперитет, безбедност и стабилност во Европа и заложбите за унапредување на евроинтеграциите и вреднувањето на постигнатите резултати на секоја земја одделно.
Истакнал дека особено се цени фактот што Мешовитиот парламентарен комитет – РМ и ЕУ, на својот последен состанок во февруари 2018 година во Стразбур, во своите Завршни препораки го повторил својот став дека спорот со името не треба да биде пречка за почеток на пристапните преговори со ЕУ, иако, како што рече, тоа треба да се реши што е можно поскоро.
Како што соопшти собраниската прес-служба, европратеникот Ковачев нагласил дека се чувствува позитивната енергија во Република Македонија и дека Европската народна партија ги поддржува напорите на сестринските партии во Република Македонија и Република Грција да го согледаат прозорецот на можности и да придонесат во напорите за надминување на спорот со името.
Тој подвлекол дека Република Македонија предолго чекала во чекалната на ЕУ од 2005 година и дека со позитивните чекори за подобрување на односите со соседите и одржувањето заеднички седници меѓу владите, очекува позитивен развој на настаните и по Самитот во мај 2018 година во Софија, се очекува да бидат испратени позитивни сигнали и за Република Македонија.
– Господин Ковачев потенцираше дека предводникот на почетокот и предводникот на крајот на преговорите за членство во ЕУ зависи индивидуално од секоја земја и дека од Република Македонија и од напорите кои ќе ги вложува, ќе зависи исходот на процесот, рекол тој на средбата со џафери.
Претседателот на Собранието ги реафирмирал заложбите за реформските процеси во Собранието во приоритетните области и дека и покрај сите предизвици со кои се соочува, актуелното мнозинство активно работи на заокружување на предвидените реформи од Планот на Владата „3-6-9“, во кој се вградени и Препораките на Прибе.
Во однос на добрососедските односи, тој истакнал дека оваа Влада посветува посебно внимание и на унапредувањето на добрососедските односи, а доказ за тоа, посочил, е потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, кој неодамна стапи на сила во двете држави.
– Во делот на добрососедските односи со Грција, во изминатиот период, видливо е значајното приближување на односите меѓу двете земји. Во таа насока, ги повтори очекувањата Извештајот за напредокот за 2017 година на Европската комисија и овојпат да ја содржи препораката за членство во Европската Унија и дека Советот на ЕУ ќе ги вреднува постигнатите реформи и ќе определи датум за отпочнување на преговори за членство, истакнал Џафери.
Соговорниците размениле мислења околу Законот за употреба на јазиците, процедурите за неговото донесување и целокупната законодавна постапка согласно Деловникот на Собранието и Уставот на Република Македонија, како и подетално за пакетот реформи во областа на судството, јавната администрација и реформите во областа на безбедносната сфера.
На средбата присуствувал и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.