Хаѕидакис: Тешко дека ќе се реши прашањето за името

Личната проценка е дека прашањето за името е тешко да се реши, а со тоа и тешко дека евентуален договор би стигнал до грчкиот Парламент, изјави потпретседателот на опозициската Нова демократија, Костис Хаѕидакис, во интервју за грчката телевизија Скај.

– Сфаќам дека од другата страна не постои соодветен одговор и очекуваме да видиме што ќе се случи во следните денови. Се чини дека прашањето е многу тешко да се реши затоа што и од другата страна, од страна на Скопје не постои потребната флексибилност. Да ви кажам најискрено, ова не е нешто што ме изненадува, вели потпретседателот на опозициската Нова демократија, кусо откако заврши прес-конференцијата во Скопје на шефовите на македонската и грчката дипломатија.

Костис Хаѕидакис не е оптимист дека актуелната грчка Влада би можела да донесе догвор во Парламентот, а доколку го стори тоа, според него, по реакциите кај народот, ќе смени тактика.

– Сметам дека ќе биде тешко да донесе договор во Парламентот. Ако донесе не исклучувам различни начини да ги најде гласовите што се потребни за да помине во Парламентот. Но, сигурен сум дека ако донесе таков договор врз база на сегашните факти, би постоеле големи реакции од народот и бидејќи во СИРИЗА не се наивни, може да ја следат тактиката на одложување, нешто да направат и да не го донесат. Ова е мојата проценка, рече Хаѕидакис за ТВ Скај.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, тој смета дека СИРИЗА, на почетокот мислела дека спорот со името е лесен случај, едно заборавено прашање кое „ќе го искористи да ја подели Нова демократија и ќе добие пошироко мнозинство во парламентот од другите партии“, а Каменос воопшто да не биде вклучен. Но, работите, според Хаѕидакис, отишле во друг правец. СИРИЗА се нашла соочена со стотици илјади граѓани на протестите во Солун и Атина, па ги зацврстила ставовите, „придвижувајќи се кон позициите на Нова демократија, за промена на Уставот и иредентизмот“. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *