Османи – Тајани: Италијанскиот засилен фокус на Балканот е повеќе од добредојден

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот италијански колега Антонио Тајани, на билатералната средба разговараа за процесот на пристапување на земјава во ЕУ, регионалната динамика и обновувањето на интересот за Иницијативата И8 меѓу Северна Македонија, Италија, Албанија и Бугарија долж Коридорот 8, известуваат од МНР.

Министерот Османи го поздрави обновениот и засилен фокус на Италија кон регионот кој има за цел да го реактуелизира и забрза процесот на евроинтеграција на државите од регионот, истовремено промовирајќи дијалог и соработка.

– Се покажавме како одговорен и доверлив партнер на ЕУ и НАТО, придонесовме за заедничка поддршка на Украина, вклучително и воена, настапуваме со знаење и експертиза на скринингот на ЕУ и решени сме да ги извршиме уставните амандмани за да го отвориме првиот кластер Темели што е можно поскоро, истакна Османи.

Тој го реафирмираше интересот од наша страна за продлабочување на меѓусебната соработка меѓу Северна Македонија, Италија, Албанија и Бугарија преку Иницијативата И8, со цел да се забрзаат инфраструктурните, енергетските, дигиталните и комуникациските инвестициски проекти долж трасата на транс-европскиот транспортен коридор 8, што истовремено ќе послужи и како политичка платформа за унапредување на политичката, економската, безбедносната, културната и социјалната соработка.

– На средбата беа разменети и мислења околу нашето претседавање со ОБСЕ и италијанската поддршка во справување со актуелните предизвици на Организацијата, соопштуваат од МНР.