Неформален министерски состанок на САД – Јадранската Повелба

Во рамки на претседавањето на земјава со Иницијативата „САД – Јадранска Повелба“ (А5) денеска во Скопје ќе се одржи неформален состанок на министрите за надворешни работи на А5.

Како што соопшти МНР, состанокот во својство на претседавач ќе го води министерот за надворешни работи Бујар Османи, а на него ќе учествуваат шефови на дипломатиите и високи претставници од земјите членки и набљудувачи на „САД-Јадранската Повелба“.

– На состанокот ќе се дискутираат можностите за зајакнување на политичката улога на Повелбата во контекст на актуелните регионални состојби и безбедносни предизвици. Воедно, ќе стане збор и за руската агресија врз Украина, последиците од војната врз нашиот регион како и за досегашната и идна поддршка на земјите од Повелбата за Украина, наведуваат од МНР.

По неформалниот министерски состанок, најавена е прес-конференција на шефот на дипломатијата Османи.

Министерот Османи во декември, лани на состанок на А5 во Црна Гора, ги претстави целите на претседавањето на Северна Македонија со Повелбата, најавувајќи иницијатива за ревитализација и адаптација на Повелбата, соодветна на новите геополитички предизвици и новите околности во кои се наоѓа регионот.

А5 е уникатна платформа за развивање на регионалната соработка во областа на одбраната, формирана во 2003 година под покртовителство на САД. Членки на Повелбата покрај Северна Македонија, се и Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека Србија, Словенија и Косово имаат статус на набљудувачи. Северна Македонија го презеде претседавањето со Иницијатива во година кога се одбележуваат две децении од нејзиното постоење.