Утре средба Пендаровски – Ван дер Белен и обраќања на двајцата претседатели на Македонско-австрискиот економски форум

Претседателот Стево Пендаровски утре ќе биде домаќин на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, во придружба на неговата сопруга, Дорис Шмидауер.

Претседателот Ван дер Белен ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на официјална церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следува тет-а-тет средба на претседателите Пендаровски и Ван дер Белен и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Австрија.

Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје претседателот Ван дер Белен и претседателот Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев. Предвидено е двајцата претседатели да се обратат на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“.

За време на официјалната посета, австрискиот претседател Ван дер Белен ќе оствари средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија.

Официјалната посета на земјава австрискиот претседател ја почнува денеска, со посета на Охрид.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *