Одбележана годишнина од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк во Воената гимназија во Битола

Претставници на армиите на Северна Македонија и на Турција, Турската амбасада во земјава, македонското Министерство за одбрана и Општина Битола, со свечена церемонија одбележаа 124 години од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк во некогашната Воена гимназија во Битола.

Поклонувајќи се пред бистата на Мустафа Кемал Ататурк што се наоѓа во Спомен собата на Ататурк во битолскиот Музеј, турскиот воен аташе полковник Серкан Чакар истакна дека Мустафа Кемал Ататурк има огромно влијание во минатото кое денес е видливо во меѓусебните односи на двете држави, и на постоечките мостови на кои што се градат нови мостови на пријателство, додека пак турскиот амбасадор во земјава Хасан Мехмет Секискок нагласи дека Воената гимназијв во Битола има посебно место во турската историја затоа што како што рече од март 1896 година Ататурк се образуваше во Битола и тука е основата на неговите идеи.

Пред аудиториумот во битолскиот Музеј, објект на некогашната Воена гимназија, заменик началник на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал мајор Азим Нуредин изрази жалење за настраданите од неодамнешниот земјотрес во Турција и потсети на меѓусебната поддршка и соработка на вооружените сили на двете земји.

Фото:МИА

– Оваа година никогаш нема да ја заборавиме нити ќе го преболиме 6 февруари кога се случи страшна трагедија со неизмерливи и тешки последици по граѓаните од Катармармараш и други провинции што беа погодени со катастрофалниот земјотрес. Тој период нашиот сојузник и вечен пријател се соочи со катастрофа за која искрено жалиме и сочувствуваме со сите кои ги загубија своите животи, ги загубија своите најмили, како и со повредените и со лицата што останаа без своите домови. Ова пријателство не е само формално, туку од секогаш било взамено и искрено. Оваа врска меѓу Северна Македонија и Турција ја почна Мустафа Кемал Ататурк уште во 1896 година кога се запиша во Воената гимназија во Битола. Зачетокот на ова партнерство низ годините преминува во континуиран процес на билатерална соработка меѓу вооружените сили на Република Северна Македонија и на вооружените сили на Република Турција и притоа Турција значително придонесува за развој и модернизација на нашата Армија. Нашите држави во континуитет негуваат блиски и пријателски односи без отворени прашања со долгогодишна конструктивна соработка и взаемна поддршка на билатерален и мултилатерален план. Како извонреден промотор на начелото за разбирање помеѓу народите и трајниот мир меѓу светските нации, Кемал Ататурк работеше цел живот за развој, хармонија и соработка меѓу народите без разлика на нивната боја, религија и раса. Денес сме сведоци дека без мир и разбирање нема напредок, стабилност и успех, истакна Нуредин.

Пред бистата на Мустафа Кемал Ататурк во Битола цвеќе положија заменик министерот во Министерството за одбрана Тирон Јајага, градоначалникот Тони Коњановски, претставници на јавниот живот во градот и здруженија на граѓани кои го негуваат македонско-турското пријателство и соработка.